„Медал за заслуги за Македонија“ за протоереј проф. д-р Јован Таковски, поранешен декан и професор на Богословскиот Факултет

По повод одбележувањето 1100 годишнината од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, великиот учител, чудотворец, просветител и светител, во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје беа одржани централни празнични богослужби (Вечерна и Литургија), како и Свечена академија под покровителство на Претседателот на Република Македонија.
По тој повод, на долгогодишниот професор и прв декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од редот на редовните професори, протојереј – ставорофор проф. д-р Јован Таковски, од страна на Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Инванов, му беше доделено одликување и признание на Република Македонија – медал за залуги за Македонија.

Проројереј-ставрофор, проф д-р Јован Таковски целиот свој живот го има посветено на едукацијата на идните свештенослужители во црковно-просветните институции на Македонската православна црква, но истовремено има оставено значаен прилог во македонската научна и преведувачка дејност.

Непосредно веднаш по отворањето во 1969 година станува професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, а на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ е од неговото основање, се до заминувањето во пензија. За време на наставничката дејност станува автор на некои од првите богословски учебници и граматики, а истовремено активно се ангажира на преводи на значајни богословски дела.

Во богатата научна и преведувачка дејност, посебно се истакнува со преводите на делата на свети Климент Охридски (слова, поуки и житија) од досега најстарите пронајдени ракописи од XII и XIII век на старословенски јазик, кои на тој начин за првпат стануваат достапни за македонската јавност, како и преводите од црковнословенски јазик на сите богослужбени книги (посен и цветен триод, октоих, двотомното издание на избор од минеи, потоа минеи за сите дванаесет месеци, ирмологиј). Станува збор за веројатно единствените комплетни преводи на сите богослужбени книги на некој современ словенски јазик! Теологијата на свети Климент Охридски, пак, е предмет и на неговото научно истражување за докторската теза, со посебен осврт врз просвештението во неговите дела.

Посветен професор и декан, неуморен автор и преведувач, црковен музичар и диригент, исклучителен беседник и теолог, црковен дипломат – сето тоа го оправдува ова високо државно одликување.
Медалот за заслуги на Македонија на проројереј проф. д-р Јован Таковски, согласно донесениот Указ од претседателот Ѓорге Иванов за постигнатите исклучителни резултати од долгогодишната научна, образовна и книжевна дејност од областа на богословските науки, му беше предадено за време на централната Свечена академија по повод државниот празник Свети Климент Охридски на 7 декември 2016 година во Македонскиот народен театар во Скопје.