Меѓународна конференција „Света Софија – Премудроста која си изгради дом“

Во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со поддршка на Македонската православна црква, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Министерството за култура, од 11 до 13 октомври 2019 година во Охрид и Струга се одржа меѓународната конференција „Света Софија – Премудроста која си изгради дом“.

Во рамките на свеченото обраќање на конференцијата во црквата „Света Софија“ во Охрид свое обраќање пред присутните имаа Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

На свеченото отворање на конференцијата меѓу гостите беа присутни и Неговото Високопреосвештенство, митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј и градоначалникот на Охрид г. Константин Георгиески.

„Повикани сме да Го подражаваме Бога, Кој е Премудар, а тоа подразбира дека вистинската мудрост всушност е и наша животна зададеност… Одличен поттик и поддршка на тој пат ни се животите на нашите богомудри предци и нивните духовни оставштини. А знаеме дека поросувањето на македонските краеви со спасоносното учење за Премудроста Божја е започнато на самиот зародиш на Црквата преку проповедта на апостол Павле, кој, врвејќи низ Егејот, благовестел дека само Единиот Бог е премудар. Тоа светлозрачно учење осум столетија подоцна им станало трижди повидливо на словенските народи, благодарејќи на самопрегорната дејност на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Како што сведочи нивниот најмудар ученик во Похвалното слово за нив, тие уште во младоста ја избрале мудроста и си ја направиле сестра, та, дозволувајќи таа да си соѕида храм во нивните срца, словесно им словеле на нашите предци, подготвувајќи го патот за светите Климент и Наум Охридски, со задача да го соединат нашиот национален бит со спасоносната красота на православната вера. Наскоро по делувањето на овие сеправославни корифеи, во македонскиот и сесловенски Ерусалим – во Охрид бил издигнат овој велелепен храм посветен токму на Светата Божја Премудрост – „Света Софија“ Охридска, која еве веќе едно илјадитие ни сведочи за неизмерните висини до кои може да се вивнат христијанската култура и уметност. Но, и, што е уште поважно, таа постојано ни внушува дека вистинската мудрост доаѓа само од Бога и дека најмудро е нашето најдобро да го принесуваме во дар на Бога.“, истакна на почетокот на меѓународната конференција Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Во поздравниот говор пред присутните, Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски го истакна следното: „Мудроста е и почетокот и целта на секоја наука. Токму затоа таа остава простор да биде набљудувана и испитувана од различни гледишта и да даде соодветни одговори на зададените прашања. Посебноста во случајов е токму спојот на светоста и мудроста, на духовното и умственото. Света Софија, пак, Премудроста Божја зазема централно место во христијанската теологија опфаќајќи долга и сложена историја на симболи, концепти и идеи, кои се развиени во богатата традиција на патристичката литература, но подеднакво и во уметноста. Обете инспирираат и охрабруваат, давајќи поттик за делување и напредување. Оваа конференција ги содржи двата аспекта, со замисла да принесе сериозен научен прилог на оваа тема врз основа на богословскиот, филозофскиот и уметничкиот аспект на мудроста, видливо претставен во домот на Премудроста – црквата посветена на неа.“

На оваа научна конференција говореа еминентни професори и теолози од универзитети од повеќе европски земји: Италија, Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија. Еден дел на конференцијата беше посветен на храмот на охридските архиепископи именуван по Мудроста – црквата „Света Софија“ во Охрид – нејзината историја, архитектура, фрескоживопис и уметност, додека другиот дел беше восредоточен на мудроста во Библијата, теологијата, филозофијата и практичното богословие на Црквата.

Учесниците на конференцијата дадоа релевантна анализа на зададената конференциска тема и голем придонес во размената на експертските знаења, професионалните практики и индивидуалните искуства од што се очекува во иднина да произлезе взаемна меѓународна соработка помеѓу образовните институции и научноистражувачкиот сектор.

Во рамките на конференцијата беше организирана и научна екскурзија, при која гостите имаа можност да се запознаат со историјата и фрескоживописот на: црквата Света Богородица Перивлепта, храмот Свети Климент – Плаошник, Свети Јован Богослов – Канео, катедралната црква Света Софија и на крајот манастирот Свети Наум, каде што на гостите им изрази гостопримство Неговото Високопреподобие Архимандрит Нектариј.