Правилник

    Врз основа на Законот за високо образование (Службен весник на Република Македонија бр. 35/08, 103/08, 26/09,83/09, 99/09, 115/10, 17/11, 51/11, 123/12, 15/13 и 24/13) и во согласност со Статутот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, член 223 и 224, Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв и втор циклус на Универзитетот (Универзитетски гласник бр. 254/2013), како и врз основа на членовите 68, 70, 71, и 182 од Статутот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, Наставно-научниот совет на својата редовна седница, одржана на 19.05.2015 година го донесе следниов

П Р А В И Л Н И К
за условите, критериумите и правилата
за запишување и студирање на прв и втор циклус на студии

Предмет на уредување

    Со правилникот се утврдуваат:
        – условите и критериумите за запишување и заверување семестар;
        – активирање изборни предмети;
        – изведување настава;
        – проверка на знаење според Европскиот кредит трансфер систем;
        – пријавување, подготовка и одбрана на дипломска работа;
        – премин од една на друга студиска програма и премин од други факултети и
        – водич во ЕКТС.

    Поим за кредитот во ЕКТС
    Член 1

    Кредитот претставува релативна нумеричка вредност, која се дефинира во предметни програми(предмети), со која се опишува квантитетот на работа на студентот во однос на вкупниот квантум на работа потребен да се заврши еден семестар на факултетот.

    Определување на бројот на кредити за една студиска година/семестар
    Член 2

        Бројот на кредити за предметните програми се утврдува врз основа на академската активност на студентот која опфаќа:
        – редовност и активност на предавања;
        – изработка на колоквиуми, семинарски работи, семестрални трудови, самостојни трудови, библиографии, преводи, проекти, есеи и др. ;
        – успешно реализирани вежби, практична настава и консултации.

    Член 3

        Бројот на кредити за секоја предметна програма се утврдува посебно.

    Член 4

        Бројот на кредити за одделни предметни програми изнесува од 1 до 16 кредити.

    Запишување на студенти
    Член 5

        На додипломски (прв циклус)и последипломски студии (втор циклус) може да се запише лице кое ги исполнува условите и критериумите утврдени со Статутот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје (во понатамошниот текст: Факултетот) и конкурсот за запишување.

    Член 6

        Кандидатот се стекнува со статусот студент со запишување на додипломски и последипломски студии.
    Статусот студент се докажува со индекс и со студентска легитимација.

    Остварување на додипломски и последипломски студии
    Член 7

        Додипломските студии се остваруваат преку реализација на студиската програма и дипломска работа.
    Студентот при запишувањето на II (вториот) семестар се определува за една од наставно-научните студиски катедри.

    Член 8

        Времетраењето на студиската програма изнесува 8 (осум) семестри /4 (четири) години.
    Студент со заверен осми семестар се стекнува со статус апсолвент. Апсолвентскиот статус трае два семестри.

    Член 9

        Студиите од прв циклус на студии се завршуваат со положување на сите испити предвидени со студиската програма и изработка и одбрана на дипломски труд со што се стекнуваат 240 кредити.
        Дипломската работа е завршен испит и има рамноправен третман како и другите предмети предвидени со студиската програма.
    Студентот треба да го положи дипломскиот испит до крајот на семестарот кој следи по полагањето на последните испити. Ако не го положи во предвидениот рок, тогаш треба повторно да го запише во наредниот семестар.
        Студентот што завршил прв циклус на студии во траење од 8 семестри добива уверение за положени испити и диплома со која се потврдува дека завршил соодветна студиска програма од прв циклус на студии и се стекнал со назив определен со студиската програма.

    Член 10

        Вториот циклус студии – магистерски студии се организирани како студии во траење од една година (2 семестри/60 кредити) или две години (4 семестри/120 кредити).
    На Факултетот можат да се организираат и други програми за стручно, односно професионално усовршување во рамките на концептот на доживотно учење согласно со Законот, Статутот и другите акти на Универзитетот.
        Последипломските студии се остваруваат преку реализација на соодветната студиска програма и магистерски труд.
    Студиите од втор циклус на студии се завршуваат со положување на сите испити предвидени со студиската програма и состои од изработка и одбрана на магистерски труд со што се стекнуваат 60, односно 120 кредити.
        Магистерскиот труд е самостојна стручна работа со која се систематизираат постојните знаења и се поднесува за решавање на проблеми од практиката.
        Магистерскиот испит има рамноправен третман како и другите предмети предвидени со студиската програма.
        Постапката за пријава, оценка и одбрана на магистерскиот труд се изведува согласно членовите: 68, 69, 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76, 77, 78 од Статутот на Факултетот.
        Студентот што завршил втор циклус на студии во траење од 2 односно 4 семестри добива уверение за положени испити и диплома со која се потврдува дека завршил соодветна студиска програма од втор циклус на студии и се стекнал со назив определен со студиската програма.

    Услови за запишување и заверување на семестар
    Член 11

        Студентот напредува во студирањето преку запишани, слушани предмети и положени испити, односно освоени кредити.

    Член 12

        При запишувањето на семестарот студентот најпрвин ги запишува задолжителните и на крајот изборните предмети од тековниот семестар.
    Во зимскиот семестар се запишуваат предмети што се утврдени во студиската програма за зимскиот семестар и предмети од наредните семестри, доколку нема или е исполнета условеноста.
    Во летниот семестар се запишуваат предмети што се утврдени во студиската програма за летниот семестар и предмети од наредните семестри, доколку нема или е исполнета условеноста.

    Член 13

        Студентот заверува семестар врз основа на освоени кредити и редовна посетеност на предавањата и вежбите, доколку е редовно запишан студент.

    Член 14

        Услов за запишување во III семестар се освоени 16 кредити од I и II семестар.
        Услов за запишување во IV семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од III семестар.
        Услов за запишување во V семестар се освоени сите кредити од I и II семестар.
        Услов за запишување во VI семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од V семестар.
        Услов за запишување во VII семестар се освоени сите кредити од III и IV семестар.
        Услов за запишување во VIII семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од VII семестар.

    Член 15

        Студентот, заостанатите испити односно неосвоените кредити, доколку ја ислушал наставата и ги исполнил другите обврски (вежби и сл.), може да ги освои без повторно слушање на предметите, само со полагање на испитот во утврдените сесии.

    Член 16

        Студентот од втор циклус на студии на едногодишна студиска програма (II семестри/60кредити) запишува и наредни семестри доколку по завршувањето на вториот семестар и полагање на испитите од предметите во предвидените испитни сесии има заостанати/неположени предмети
        Студентот од втор циклус на студии на двегодишна студиска програма (IVсеместри/120 кредити) запишува нареден семестар по следниот редослед:
        -Трет семестар: студентот најпрво ги запишува заостанатите неположени предмети од (I-прв) семестар, потоа ги запишува задолжителните предмети од тековниот семестар и на крајот изборните предмети од тековниот (III-трет) семестар.
    Збирот на бројот на кредитите од запишаните предмети во семестарот не смее да изнесува повеќе од 42.
        -Четврт семестар: студентот најпрво ги запишува заостанатите неположени предмети од (II-втор) семестар, потоа ги запишува задолжителните предмети од тековниот (IV-четврти) семестар и на крајот изборните предмети од тековниот семестар.
        Збирот на бројот на кредитите од запишаните предмети во семестарот не смее да изнесува повеќе од 42.
        Студентот запишува и наредни семестри доколку по завршувањето на четвртиот семестар и полагање на испитите од предметите во предвидените испитни сесии има заостанати/неположени предмети.

    Член 17

        Студентот е должен да поднесе писмена пријава во службата за студентски прашања во роковите предвидени за запишување на семестар.
    Запишувањето на предметните програми во следен семестар се врши во период од 2 седмици пред почетокот на семестарот и не смее да трае повеќе од 15 дена од почетокот на семестарот.
    Датумите за роковите за запишување на нов семестар факултетот има обврска да ги објави најдоцна 3 седмици пред почетокот на семестарот.

    Запишување и заверување на семестри
    Член 18

        Роковите во кои се заверува и запишува семестар и година, согласно Статутот на Факултетот, се утврдуваат во академскиот календар кој се објавува пред почетокот на секоја академска година.
        Времето на запишување и заверување на семестар се огласува на огласните табли и на интернет страницата на факултетот.

    Член 19

        Студентите во секој семестар запишуваат одреден број предметни програми кои носат одреден број кредити.
        Бројот на запишаните кредити во текот на еден семестар може да биде најмалку 30 кредити, а најмногу 36.
        Просечната оптовареност на студентот во текот на една учебна година изнесува 60 кредити, односно 30 кредити по семестар.

    Член 20

        Изборниот предмет по опција се активира под услов кога минималниот број студенти кои го пријавиле изнесува 5 (пет) и доколку постојат кадровски и просторни капацитети.

    Член 21

        Доколку бројот на заинтересирани студенти за слушање на изборниот предмет е помал од 5 (пет) студентите избираат друг изборен предмет.

    Изведување на наставата
    Член 22

        Наставата се изведува преку: предавања, вежби, лекторски вежби, консултации, семинарски работи, семестрални трудови, елаборати, изработка на есеи, библиографии, практична настава, теренска настава и други студентски активности.

    Член 23

        Предавањата ги опфаќаат теоретските и практичните аспекти опфатени со предметните програми и ги изведуваат наставници избрани во наставно-научни звања, наставно-стручни звања и соработници.
        Со исклучок, делови од предавањата може да ги одржи лице избрано во наставно-научно звање од друг факултет од земјата или странство, или афирмиран стручњак од областа, по барање на предметниот наставник.Согласност за ангажирање дава Наставно-научниот совет.

    Член 24

        Дел од вежбите, практичната и теренската настава може да се изведува и надвор од Факултетот.

    Член 25

        Сите наставници и соработници се должни да одржуваат консултации со студентите минимум два часа неделно, во точно определен временски термин кој е истакнат на видно место.

    Проверка на знаењата
    Член 26

        Проверката на знаењата на студентите се врши континуирано во текот на наставнообразовниот процес и преку завршен испит.
        Континуираната проверка на знаењата се врши преку: колоквиуми, тестови, семинарски работи, елаборати, проекти и учество во проекти или самостојна изработка на проекти, учество на стручни семинари и сл.
        Формите за континуирана проверка на знаењата се дефинирани со предметните програми.

    Формирање на оценката
    Член 27

        Во тек на наставата студентот може да освои поени од следниве активности:
        а) Редовност и активност до 15% (дозволени се 3 неоправдани и 1/3 оправдани отсуства).
        б) Изработка на семинарска работа, есеј, презентација, библиографија, учество во проект, анализа на научен труд на светски странски јазик и теренска работа;     Семинарската работа носи до 15%, а другите се опционални. Пр. есеј до 10%, презентација до 10%, библиографија до 5%, учество во проект до 20%, анализа на научен труд на светски странски јазик до 20% и теренска работа до 15%.
    Студентот е должен до крајот на четвртата седмица од почетокот на семестарот да го пријави писмениот труд и изработен да го достави најдоцна три седмици пред крајот на истиот семестар.
        в) Колоквиум 1 и 2 до 70% (2×35).
        Доколку студентот не ги положил колоквиумите како начин на полагање на испитот, тогаш целата материја од предметната програма ја полага на завршен испит, а поените освоени од колоквиумите не влегуваат во вкупниот збир при формирањето на завршната оценка.
        Услов за полагање на завршен испит е освојување на најмалку 40 поени од претходните активности.

    Колоквиуми
    Член 28

        Во рамките на континуираното оценување студентот може да полага најмалку два колоквиума. Постигнатите резултати на колоквиумите се вреднуваат со определување на бодови односно поени според следниве критериуми:
        – прв колоквиум 35 поени
        – втор колоквиум 35 поени
        Колоквиумот се смета за положен ако се освоени минимум 51% од предвидените вредносни поени (на колоквиумот).
        Доколку предметниот професор со Предметната програма утврди повеќе од два колоквиуми вкупниот збир од 70 поени соодветно се распределуваат.
        Услов за полагање на нареден колоквиум е студентот да го има положено претходниот колоквиум.
        Во зависност од содржината на предметите за некои колоквиуми предметниот професор може да одлучи да се полагаат усно.

    Правила за изведување на колоквиум
    Член 29

        Кога колоквиумот се изведува во пишана форма, односно преку тестза време на истиот не е дозволено:
        – било какво прецртување или бришење на заокружениот/напишаниот одговор;
        – препишување, разговарање или вртење за време на испитот;
        – невистинито потполнување или непотполнување на личните податоци;
        – пишување со молив;
        – да се има вклучен мобилен телефон или друг електронски апарат за комуникација или прикажување на податоци;
        – предвремено или ненавремено предавање на тестот (откако професорот дал знак дека времето за пишување на тестот е завршено, односно незавршување на тестот на знакот на професорот);
        – неисправно предавање на тестот (заокружување на одговорот по давањето на знак на професорот дека времето на решавање на тестот е завршено т.е., предавање на тестот на начин да не е свртен на страната на која се гледа своерачниот потпис на студентот).
        Во сите горе наведени случаи испитните прашања предметниот наставник нема да ги разгледа, а на студентот му се доделуваат 0 бодови.
        По завршување на истиот, откако професорот дал знак дека временскиот рок за решавање на тестот истекол, во истиот момент не е дозволено било какво пишување во тестот, односно:
        – го остава пенкалото;
        – останува да седи на место;
        – го врти тестот на почетната страница онаму каде што го впишал своето сопствено име и презиме, односно онаму каде што своерачно се потпишал;
        – така свртениот тест веднаш го става на крајот од масата, односно на страната која ја одредил наставникот;
        – и понатаму останува на своето место чекајќи професорот да ги собере тестовите;
        – по проверката за собраните тестови, се чека знак дека испитот е завршен.

    Член 30

        За да пристапи на колоквиум студентот е должен да го покаже својот индекс.

    Член 31

        Термините за Колоквиумски седмици се утврдуваат со Академскиот календар на почетокот од секоја учебна година.

    Член 32

        За време на колоквиумските седмици се одржува редовна настава.
        Колоквиумот за секој предмет се одвива за време на часовите определени за предавања по тој предмет.
        Не може да се изведат повеќе од два колоквиуми во еден ист ден.
        На барање на студентите професорот може да дозволи одржување на колоквиум и надвор од колоквиумска седмица.

    Завршен испит
    Член 33

        Студентот има право да ги полага предметите во рамките на: зимскиот, есенскиот и летниот испитен рок. Испитните рокови траат најмалку 3 недели. За секој предмет во секој испитен рок може да има два термина. Разликата помеѓу двата термина не може да биде помала од 10 дена.
        Испитите можат да се организираат непосредно по завршувањето на блок наставни содржини, односно преку колоквиуми ако се предвидени во предметната програма, а крајната оценка се утврдува на завршниот испит во редовната испитна сесија. Во крајната оценка се пресметуваат постигнувањата на студентот во текот на континуираното оценување.
        Испитите, или некои други форми на проверка на стекнатите знаења, вештини и способности, се спроведуваат за сите предмети кои студентот ги запишал, и тоа за градивото утврдено според предметната програма.
        Студентот кој ги исполнил сите обврски пропишани со соодветната предметна програма има право да полага испит.
        Отсекот за студентски прашања за секој студент води испитна документација.
        Испитите се јавни и резултатите од испитите се достапни на јавноста, а право на увид во испитната документација има лице кое ќе докаже правен интерес.
        Секој пат кога студентот ќе пријави но нема да пристапи на испит, се смета дека го искористил правото од еден обид за полагање на испитот и во пријавата за испит му се впишува: не положил.

    Член 34

        Во текот на академската година има три испитни сесии:
        – зимска (трета и четврта седмица од јануари и прва од февруари);
        – летна (прва, втора и трета седмица од јуни);
        – есенска (трета и четврта од август и прва од септември).
        Секоја сесија е составена од 2 декади. Времетраењето на секоја декада дополнително го определува Отсекот за студентски прашања.
        Студентот има можност да одбере во која декада ќе се јави на завршно оценување.

    Член 35

        Студентите предметите во зимскиот семестар ги полагаат во термините во зимската, летната и во есенската сесија.
        Студентите предметите во летниот семестар ги полагаат во термините во летната, есенската и во зимската испитна сесија во наредниот семестар. Студентот кој и во овие термини нема да постигне позитивен резултат, повторно ја запишува предметната програма.

    Член 36

        Стекнатите знаења на студентите се проверуваат и оценуваат континуирано – во текот на наставата (колоквиуми, практични задачи и сл.) и се изразуваат во поени, додека конечната оценка се утврдува на завршниот испит.
        Со студиската програма може да се утврди дека некои облици на настава се спроведуваат без оценување или дека се оценуваат описно.
        За исполнување на обврските за полагање на испитот (по делови или во целина) студентот може да оствари најмногу 100 поени или да добие позитивна оценка која се изразува до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) означува недоволен успех.
        Нумеричкиот систем за оценување се споредува со системот на оценување според ЕКТС.
    untitled-3
        Завршното оценување задолжително се запишува во индексот и во пријавата за завршно оценување.
    Просечниот успех на студентот претставува аритметичка средина на оценките од завршното оценување по сите наставни предмети во текот на студиите.

    Член 37

        Оценките кои студентите ги добиле во проверката на нивните знаења се објавуваат на јавно место (огласна табла), во рок од 7 (работни) дена од денот на полагањето на испитот.
    Овој рок може да биде подолг ако постојат оправдани причини.

    Член 38

        Наставниците се должни, по барање на студентот, да обезбедат увид во прегледаниот труд и добиената оценка, најдоцна до почетокот на наредниот семестар.
        Испитите се изведуваат јавно и транспарентно.
        Не смеат да се изведуваат испити за само еден студент без присуство на други лица (студент, асистент или друг наставник).

    Член 39

        Усниот испит е јавен. При изведувањето на усниот испит може да присуствуваат само студенти кои го имаат ислушано истиот предмет. Кога испитот се полага само пред наставникот, мора во просторијата да бидат присутни уште најмалку двајца студенти.

    Член 40

        Испитот по еден наставен предмет може да се полага најмногу четири пати, од кои четвртиот пат, по барање на студентот, испитот се изведува пред комисија составена од три члена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје. Комисијата ја формира деканот.
        Наставникот кај кого полагал студентот не е член на комисијата од претходниот став на овој член.
        Студент којшто и по четврт пат не успеал да го положи испитот е должен во наредната академска година повторно да го запише тој предмет.

    Предвремено полагање на испит
    Член 41

        Студентот кој има просек 8.00 или повеќе, има право на предвремено полагање на испитите сè додека го задржува тој просек.
        Просекот се пресметува на крајот од секој семестар, односно по положувањето на сите испити од соодветниот семестар. Просекот се следи со секој новоположен испит.
        За предвремено полагање на испит, студентот поднесува молба за одобрување на истото со доказ за постигнатиот успех до деканот на Факултетот.
        Освен постигнатиот успех на оценки, за предвремено полагање на испит потребно е студентот (редовен) и да го запишал предметот во соодветниот семестар и да слушал следел најмалку 30% од наставата по тој предмет.
        Вонредните студенти кои ги положиле сите испити по сите предмети во семестарот, а при тоа имаат остварен просек на оцени 8.00 или повеќе, имаат право на предвремено полагање.
        Апсолвентите за време на првата година од апсолвентскиот стаж имаат право да полагаат испити и во декември, февруари, март, април и мај. Времето за повторно полагање на еден ист испит не може да биде пократко од 30 дена.

    Признавање на кредити од вонкурикуларни активности на студентот
    Член 42

        Кредити можат да се доделат и за други активности од научна област, а кои се надвор од студиската програма како: учество на семинари, симпозиуми, стручни собири, јавни трибини и др.
        На студентот може да му се признаат и кредити од посетувани вонкурикуларни курсеви и семинари организирани од страна на Факултетот или други високообразовни институции.
        Решение за признавање на кредити од вакви курсеви донесува Координативното тело. Максималниот број на кредити што еден студент може да освои по овој основ се 5.
        Координативното тело донесува Решение за признавање на кредити од курсеви што еден студент ги има слушано на друг Универзитет преку размени кои се во склоп на меѓународни размени на студенти во рамки на проекти во кои учествува Факултетот/Универзитетот или има склучено договори Факултетот односно Универзитетот, а за кои не постојат еквиваленти на Факултетот.

    Обврски на наставникот
    Член 43

        Наставникот е должен да му го соопшти постигнатиот резултат на усниот испит на студентот веднаш по завршувањето на испитот.
        Наставникот е должен да го оцени испитот на студентот со оценка „5“ кога студентот:
        – неоправдано ја напушта просторијата во која се одржува писмениот дел од испитот или се откаже од веќе започнатата работа;
        – поради недолично однесување, попречување на другите студенти или поради користење на недозволиви помагала е отстранет од испит.

    Приговор заради оценка од проверка на знаењето
    Член 44

        Студентот, во рок од 24 часа од денот на објавувањето на резултатите, може да поднесе приговор до деканот, ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со законот, Статутот и овој Правилник.
        Ако деканот утврди дека се исполнети условите од став 1 на овој член, наставникот е должен да ја преиспита оценката од завршното оценување. Ако наставникот не ја преиспита или ако во писмена форма ја потврди оценката што ја утврдил, студентот испитот го полага пред тричлена комисија составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во наредните 24 часа, т.е. наредниот работен ден.
        Комисијата ја формира деканот, а предметниот наставник не може да биде член на комисијата. Комисијата одлучува со мнозинство гласови.
        Студентот е должен да ја прими оценката од повторното полагање на испитот и во случај кога оценката е помала од добиената оценка или, пак, е негативна.

    Повторување на испит
    Член 45

        По барање на студентот му се овозможува да го повтори завршното оценување за повисока завршна оценка по предметна програма, во период од најмногу четири месеци од полагањето.
        Барањето за повторување на испит мора да биде образложено и се доставува до деканот. Доколку се прифати барањето, деканот со решение ја поништува оценката. Наставникот, во тој случај, во пријавата ја запишува оценката што ја дал и до неа запишува: студентот ја поништува оценката. Таа оценка не се смета како завршна оценка за конкретниот предмет/модул.     Решението на деканот е составен дел на пријавата.
        Оценката добиена на повтореното завршно оценување е конечна и студентот нема право да го повтори завршното оценување.

    Конфликт на интереси
    Член 46

        Во случаите кога предметниот наставник и студентот се во роднинска врска: син, ќерка, брат, сестра, сопруга или сопруг, наставникот е должен да се изземе при полагањето на предметната програма, односно испит и за тоа да го извести деканот.
        Деканот спроведувањето на испитот го доверува на друг соодветен наставник или на посебна компетентна испитна комисија, составена од три члена.

    Пренесување на надлежности за спроведување на испити
    Член 47

        Во случај на подолга спреченост на предметниот наставник, Наставно-научниот совет може да му ги пренесе надлежностите за одржување на испитите по конкретниот предмет на друг наставник од иста или сродна стручна област или може да формира комисијата за спроведување на испит.

    Дипломски труд,пријавување, подготовка и одбрана
    Член 48

        Дипломирањето на студентите на студиската програма на Факултетот е условено со пријава, подготовка и јавна одбрана на дипломскиот труд.

    Член 49

        Пишаниот дипломски труд претставува самостојна работа на студентот која покажува дека тој методолошки правилно ги обработува теориските и практичните проблеми, како и дека ги владее основните методи на истражувачката работа, при што самостојно ползува литература.
        Јавната одбрана на дипломскиот труд се состои од јавна презентација на трудот од страна на кандидатот, при што тој користи најразлична опрема што е во функција на појасно презентирање на трудот, како и со одговарање на прашањата поставени од страна на Комисијата во врска со проблематиката што е предмет на трудот.

    Член 50

        Дипломскиот труд се пријавува од областа на наставно-научната студиска катедра за која се определил студентот на почетокот од вториот семестар, и истата се работи под менторство на наставник.
        Ментор од став 1 на овој член е наставник кој ја предава предметната програма што ја покрива наставно-научната област од која е земен дипломскиот труд.
        Ментор може да биде само наставник избран и вработен на Факултетот.

    Член 51

        Право за пријава на дипломски труд студентот стекнува откако ќе ги положи сите предметни програми предвидени со студиската програма, односно откако ќе ги освои предвидените 240 кредити.

    Член 52

        Студентот може да избере тема за изработка на дипломски труд од областите од наставно-научната студиска катедра кои ги изучувал во текот на додипломските студии во соработка со предметниот професор (менторот).
        Елементите што задолжително ги содржи дипломскиот труд се даваат на студентот, како шаблон во пишана или електронска форма, при земањето на обрасци за пријавување на дипломскиот труд од Отсекот за студентски прашања.

    Член 53

        Студентот пријавува тема за изработка на дипломски труд на посебен формулар (пријава) кој се доставува до Отсекот за студентски прашања.
        Во пријавата на дипломскиот труд студентот ги наведува: наставно-научната студиска катедра,менторот, предметната програма и темата.
        Отсекот за студентски прашања ја препраќа пријавата до Катедрата (менторот), кој праќа потврда за пријавената дипломска тема до Наставно-научниот совет за одобрување.
        Секретарот на Наставно-научниот совет води евиденција за изборот на темите за дипломски труд.
        При одобрување на темата, Наставно-научниот совет по предлог на менторот назначува Комисија за прегледување и оценување на изработениот дипломски труд.
        По еден примерок од одобрената пријава се доставува до Отсекот за студентски прашања, менторот и до кандидатот.

    Член 54

        Комисијата за прегледување и оценување се состои од три члена. Менторот е прв член на Комисијата, а останатите нејзини членови се наставници или соработници од наставно-научната област од која произлегува темата.
        Во составот на Комисијата може да има најмногу 1 (еден) соработник.

    Член 55

        Дипломскиот труд се пишува и се брани на македонски јазик.

    Член 56

        Изработениот дипломски труд се прегледува од страна на членовите на Комисијата и секој член одделно изготвува писмена оценка за напишаниот дипломски труд и заедничката оценка за трудот со извештајот за оценката се доставува до Наставно-научниот совет.
        По правило, одбраната на дипломскиот труд се врши по истекот на 15 работни дена, сметано од денот на предавањето на изработениот дипломски труд.
        Комисијата има должност во рок од 5 работни дена по приемот на трудот да го прегледа и да го оцени, и оценката за истиот да ја предаде до Наставно-научниот совет.
    Доколку заедничката оценка на Комисијата е позитивна Наставно-научниот совет одобрува, а менторот, во договор со членовите на комисијата и кандидатот, закажува термин за јавна одбрана на трудот.
        Негативната оценка за предадениот изработен труд, Комисијата по писмен пат со образложение ја доставува до студентот. Дипломскиот труд што е негативно оценет не може да се брани.

    Член 57

        Одобрениот дипломски труд студентот го предава во 5 (пет) печатени примероци и еден примерок во електронска форма (ЦД), преку Архивата на Факултетот до членовите на Комисијата, библиотеката и архивата. Електронскиот примерок од дипломскиот труд се чува во библиотеките на Катедрите.

    Член 58

        Одбраната на дипломскиот труд е јавна и се одржува пред Комисијата во полн состав. Во случај на спреченост на член на Комисијата да присуствува на закажаната одбрана, деканот по предлог на менторот одобрува замена за отсутниот член.

    Член 59

        Дипломскиот труд се оценува со описна оценка: недоволен, добар, многу добар и одличен. Усната презентација на кандидатот е предмет на оценување од страна на членовите на Комисијата, а завршната оценка на дипломскиот труд е просечна оценка од поединечните оценки од писмениот дел и оценката од усната презентација на трудот.
        Комисијата донесената оценка јавно ја објавува по завршената одбрана.
        Оценката се внесува во записникот од одбраната, односно книгата за дипломски испити.
        Записникот го потпишуваат сите членови на Комисијата.

    Член 60

        Студентот кој добил негативна оценка на завршниот испит, има право да ја повтори постапката за пријавување на дипломскиот труд, со нова тема и на образложено барање од студентот и со нов ментор.

    Член 61
        Студентот се смета дека дипломирал на Факултетот доколку ги освоил потребните кредити по соодветната студиска програма и успешно ја изработил и ја одбранил дипломската работа.

    Премин од друг факултет
    Член 62

        Студенти од други факултети можат на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје да запишат и да полагаат одредени предметни програми и да освојат соодветен број кредити доколку постои компатибилност на студиските програми. Условите и критериумите се утврдуваат со билатерални договори помеѓу факултетите.
        Во таквите случаи, студентите поднесуваат молба до Координативното тело за ЕКТС при Факултетот за одобрување на уписот.
        Координативното тело за ЕКТС ја утврдува исполнетост на условите и критериумите за запишување и полагање на одредени предметни програми и изготвува предлог за прием и истиот го доставува до деканот на одобрување.

    Член 63

        Студенти од други факултети можат да го продолжат студирањето на Факултетот ако преминуваат од сродни институции и тоа на почетокот на академската година.
        Бројот на студенти што преминуваат од други факултети е ограничен и го одредува Наставно-научниот совет.
        Студентите од првиот став на овој член поднесуваат барање и документи како прилози кон барањето што ги издава факултетот на кој претходно бил запишан студентот.

    Член 64

        По предлог на Координативното тело за ЕКТС, деканот му издава решение на студентот за упис на Факултетот.
        Положените предмети од претходниот факултет, се признаваат врз основа на склучениот договор помеѓу Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и друг факултет или научна установа, или со дозвола од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје врз основа на претходно извршен увид во содржините и бројот на кредитите за соодветните предмети/испити што студентот ги добил во установата од којашто доаѓа.
        Дозвола за признавање на положените испити дава соодветниот предметен наставник.
        Студентот може да се стекне со диплома од додипломски студии на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ако од вкупниот број кредити најмалку 150 освоил на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
        Студентот може да се стекне со диплома од последипломски студии по теологија (едногодишни) на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ако од вкупниот број кредити најмалку 48 освоил на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
        Студентот може да се стекне со диплома од последипломски студии по теологија (двегодишни) на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ако од вкупниот број кредити најмалку 90 освоил на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

    Член 65

        Врз основа на предлогот на Координативното тело за ЕКТС на студиската програма каде што сака да се префрли студентот, деканот го издава решението за признавање на испитите.

    Член 66

        Студентите на кои ќе им се одобри уписот, односно слушање и полагање на одделни предметни програми, имаат исти академски и финансиски обврски како и останатите студенти на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

    Член 67

        На студентите од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје кои преминуваат на друга соодветна високообразовна установа со цел да запишат и да полагаат одредени предмети и да освојат соодветен број кредити, под услови утврдени со билатерални договори им мирува статусот студент на Факултетот.

    Член 68

        Студентите што го продолжуваат студирањето на Факултетот по преминот од друга институција, имаат финансиски обврски дефинирани со Законот за високо образование и актите на Факултетот.

    Член 69

        Студентите имаат право дел од додипломските студии да ги реализираат на други универзитети во рамките на меѓууниверзитетската размена и меѓународната билатерална соработка.
    Кредитите што студентите од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе ги освојат на други факултети и универзитети се признаваат на ист начин како и при премин од друга високообразовна и научна установа.

    Права и обврски на студентите
    Член 70

        Студентот има право да биде навремено информиран за сите релевантни прашања кои се однесуваат на неговото студирање.
    Видот, обемот и карактерот на студиите, како и обврските и бенефициите на студентот во текот на неговото студирање, се регулираат со водичот за студирање според ЕКТС.

    Член 71

        На студентот може да му мирува статусот на студент во следниве случаи: породилно отсуство, долготрајна болест, социјално-економски проблеми во семејството, учество на врвни научни, стручни, културни и спортски манифестации, престој во земјата чиј јазик се студира и други причини утврдени со Статутот на Факултетот.

    Член 72

        Студентот е должен да ги исполнува своите академски и финансиски обврски при студирањето на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
        Академските обврски на студентот се пропишани со студиската програма, како и со акти на Факултетот и Универзитетот.
        Финансиските обврски се пропишани со соодветни акти на Факултетот, Универзитетот и/или надлежни државни институции.

    Член 73

        Студентите се должни редовно да ги посетуваат часовите, односно предавањата и вежбите.
        Ако студентот нема потпис за повеќе од 4 часа неделно предавања или вежби што се пропишани со наставниот план, семестарот не може да му се завери; а ако нема потпис за 4 часа или помалку часови неделно семестарот ќе му се завери, но студентот е должен во идниот семестар повторно да ги запише односните предавања т.е. вежби.
        Доколку и тогаш не добие потпис, тој семестар не може да му се признае.

    Член 74

        За посебно покажани резултати во студирањето, студентот може да добие соодветни награди и признанија.
        Критериумите и процедурата за наградување ги изготвуваат Факултетот.

    Член 75

        На студентот, поради повреда на должностите и неисполнување на обврските на додипломските студии, може да му се изрече дисциплинска мерка: опомена, јавна опомена и исклучување.
        Поблиски одредби за мерката, начинот, постапката и органот за утврдување на дисциплинската мерка и правото за заштита на студентот, се регулирани со Статутот на Факултетот.

    Престанување на статус на студент
    Член 76

        На студентот му престанува статусот на студент ако дипломира, ако се испише од Факултетот или ако е исклучен од Факултетот.
        Статусот на студент може да биде обновен по барање на студентот, во рок од најмногу 8 години по престанувањето на статусот на студент, освен ако не престанал со трајно исклучување.

    Вонредни студенти
    Член 77

        За вонредните студенти треба да се предвидат дополнителни активности, во смисла на организирање на концентрирана настава и/или изготвување дополнителни семинарски трудови, практична работа, домашни задачи и т.н., во консултација со предметниот професор.

    Координативно тело за ЕКТС
    Член 78

        За ефикасно функционирање на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и за водење на студентите во текот на студиите се воспоставува институцијата Координативно тело за Европски кредит трансфер систем (во понатамошниот текст: Координативното тело за ЕКТС).

    Член 79

        Координативното тело за ЕКТС го формира Наставно-научниот совет.
        Членовите на Координативното тело се бираат за мандатен период од 4 (четири) години со право на уште еден избор,освен институционалниот ЕКТС координатор.

    Член 80

        Координативното тело за ЕКТС во рамките на своите должности:
        – ги следи обврските на Факултетот во спроведувањето на принципите и механизмите на ЕКТС;
        – го промовира ЕКТС на Факултетот и надвор;
        – дава поддршка на практичната имплементација на ЕКТС;
        – обезбедува остварување на универзитетски, национални и на меѓународни контакти;
        – остварува контакти со јавни и приватни институции кои доделуваат стипендии во земјата и во странство во рамките на остварување на ЕКТС;
        – остварува комуникација и соработка со координаторите на другите факултети;
        – навремено ги информира студентите;
        – подготвува материјал за положени испити во случаите кога студентот преминува на друг факултет.
        – подготвува мислење за компатибилност на студиите на Факултетот во случај кога студент сака да премине од една на друга студиска програма.
        Координативното тело за ЕКТС за својата работа одговара пред Наставно-научниот совет.

    Член 81

        Студентите запишани на Факултетот пред стапувањето во сила на овој Правилник имаат право, на нивно барање, студиите да ги продолжат според условите, критериумите и правилата од овој Правилник.
        Барањето за менување на студиската програма студентот го доставува до Координативното тело за ЕКТС на Факултетот кое одлучува за можноста и компатибилноста меѓу програмата според која е запишан студентот и новата ЕКТС програма. Координативното тело за ЕКТС на Факултетот мислењето за компатибилноста го доставува до Наставно-научниот совет кој одлучува по истото.

    Член 82

        Доколку настане проблем во текот на студирањето, него го решава Координативното тело за ЕКТС на Факултетот.
        Студентот има право на жалба на Одлуката на ова тело во рок од 8 (осум) дена од доставувањето. Во тој случај, предметот се предава на понатамошно решавање на Наставно-научниот совет.

    Студентска мобилност и признавање на испитите
    Член 83

        Во текот на студиите, студентот може да премине од една на друга студиска програма на Факултетот.
        Преминувањето од став 1 на оваа Одлука се врши согласно условите што ги пропишува Универзитетот.

    Член 84

        Комисиите за еквиваленција формирани за оваа намена утврдуваат листа на еквивалентни предмети за премин од една во друга студиска програма во рамките на Факултетот.
        Најдоцна еден месец по донесувањето на нова наставна програма, Наставно-научниот совет е должен да донесе правила за еквиваленција на предметите меѓу новите наставни програми, ако се донесуваат паралелно повеќе наставни програми.

    Член 85

        Студент од друг Факултет или Универзитет може да премине на студиска програма на Богословскиот факултет, согласно со условите што ги пропишува Факултетот.
        Барањата за премин од една на друга студиска програма, за студенти кои доаѓаат од друг факултет на УКИМ или од друг Универзитет ќе ги разгледуваат и одобруваат Комисиите за еквиваленции.

    Член 86

        Преминувањето на студентот од една на друга студиска програма во рамките на Факултетот, од друг факултет во рамките на УКИМ или од друг универзитет се врши пред почетокот на уписот на нова академска година.
        По исклучок, Комисијата за еквиваленција може да донесе одлука за преминување при уписот на летниот семестар.

    Член 87

        Студент кој преминува од една на друга студиска програма на прв и втор циклус во рамките на УКИМ или друг Универзитет, на Богословскиот факултет запишува семестар во зависност од признаените предмети.
        Врз основа на предлогот на Координаторот за ЕКТС на факултетот или Продеканот за настава за преминување на студиската програма каде што сака да се запише студентот, Деканот донесува решение за префрлување и признавање на испитите.

    Преодни и завршни одредби
    Член 88

        Оваа Одлука важи за студентите од I и II циклус на студии кои се запишани во учебната 2015/2016 година и понатаму.
    За студентите од I и II циклус на студии кои се запишани пред почетокот на учебната 2015/2016 година, не важат старите правила за студирање.

    Член 89

        Оваа Одлука стапува во сила од денот на објавувањето во Универзитетски гласник.

    Член 90

        Примерок од Правилникот треба да се достави до: Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Деканот, Продеканите, Секретарот, архивата, Координаторот за ЕКТС, Раководителите на Одделенијата за студентски прашања на I и II циклус на студии, Огласните табли на Факултетот, а во електронска верзија да се постави на web страната на факултетот.