Шести Светиклиментов научен собир

Шестиот Светиклиментов научен собир на тема: „Една, света, соборна и апостолска Црква“ се одржа на 06.12.2022 во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Веќе неколку децении еклисиологијата се профилира како централна тема во православното богословие. Причините за тоа може да се бараат во две насоки. Од една страна, придвижувањата во еклисиолошките програми на христијанските деноминации на Западот влијае директно, преку непосредниот дијалог со православните и индиректно, преку отворање на теми и прашања кои не може да останат незабележани од православната богословска јавност. Од друга страна, присутните богословски интуиции во самата православна икумена со текот на времето се вообличуваат во конкретни еклисиолошки програми. Ваквиот тек на нештата не е непознат во историјата православната отечка теологија. Големите богословско-философски синтези од византискиот период се остварувале следејќи го ваквиот модел: една богословска проблематика со текот на времето се доведувала во фокусот на вниманието, околу неа се концентрирал дискурзивен материјал и преку дијалктичко преиспитување на различните начини на негово подредување и поврзување со целоста на преданието се доаѓало до синтеза. Друго прашање е што ваквите синтетски процеси во теологијата никогаш не претставувале строго академски проекти, туку по правило се збиднувале во контекст на динамиката на црковниот и општествениот живот. Така настанале четирите големи синтези од византискиот период, кои традиционално се поврзуваат со имињата на свети Максим Исповедник, свети Јован Дамаскин, свети Фотиј Цариградски и свети Григориј Палама.

Начините на кои еклисиолошките интуиции во православната Црква добиваат облик на конкретни системи и практики следува да бидат преиспитани и поставени под призмата на севкупното предание на Црквата. Во оваа смисла, темата за еклисиологијата ги надминува рамките на црковното право разбрано како академска дисциплина и влегува во перихореза со севкупната богословска и преданска стварност – како дискурзивната, така и искуствената.

Токму поради тоа, Шестиот Светиклиментов научен собир имаше за цел да ги постави една до друга различните перспективи кон еклисиолошката тематика, земајќи го за појдовна точка и темел соодветното исповедание од Никео-цариградскиот символ на верата. На тој начин, се даде скромен, но соборен придонес за современото разгрнување на отечкото предание во актуелниот циклус на богословска синтеза.
Излагањата на учесниците можете да ги проследите на следниов линк: Шести Светиклиментов научен собир