Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Скопје во соработка со источно црковниот институт од Германија (Тhe Institute for Eastern Churches of the Diocese of Regensburg) реализираа научен колоквиум од 05-09.06.2024 година во Охрид, во хотелот „City Palace“.На научниот колоквиум земаа учество деветнаесет професори од Македонија, Словенија, Италија, Германија и Грција.
За целокупната реализација на научниот колоквиум беше особено ангажирана деканската управа на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје, во состав на деканот проф. д-р Дејан Борисов и продеканите – проф. д-р Виктор Недески и проф. д-р Дарко Анев.
Поздравно обраќање на отворањето на научниот колоквиум имаа деканот на Православниот богословски факултет – проф. д-р Дејан Борисов, како и проф. д-р Дитмар Шон од Германија. На настанот учествуваше и Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а истиот беше проследен и од страна на студентите од Православниот богословски факултет во Скопје.
Работната агенда на колоквиумот започна на 06.06.2024 год. Теми од областа на патрологијата и библиската егзегеза беа дискутирани со особено внимание на овој научен колоквиум. Особен интерес им се посвети и на темите кои се од големо значење за современата теолошка мисла, како на пример: историјата на Македонската православна црква, современите црковни прашања, односите помеѓу Православната црква, Римо-католичката црква и протестантските цркви, меѓурелигискиот дијалог и соработка, религиското образование во јавните училишта во Македонија, црковната архитектура, црковното право и средновековните книжевно-просветни центри во Македонија.
Научниот колоквиум отвори нови можности за идни соработки, научни дебати, пријателски односи и можности за преставување на научниот колегиум од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје и Македонската православна црква во меѓународните академски кругови.
Покрај научните излагања и дискусии, во агендата на научниот колоквиум беше и посетата на манастирот Свети Наум во Охрид, каде што учесниците беа љубезно пречекани и угостени од страна на игуменот на манастирот – архимандрит Нектариј. Учесниците на научниот колоквиум имаа можност да се запознаат и со други црковни знаменитости во градот Охрид, и да понесат со себе драги спомени од нашата татковина.
Како плод на соработката на Православниот богословски факултет во Скопје со диоцезата од Регенсбург и теолошкиот факултет од Регенсбург, научните трудови кои беа презентирани на научниот колоквиум, ќе бидат издадени во Зборникот на научни трудови во издаваштво на диоцезата Регенсбург (Германија). На тој начин, со реализирањето на научниот колоквиум во Охрид, се постави основа на една долгогодишна научна соработка со повеќе европски земји и една од најзначајните издавачки куќи од Германија.