Илјадници студенти денес за прв пат влегоа во академскиот свет, означувајќи старт на новата академска година. По тој повод, на платото на општествениот кампус, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Универзитетското студентско собрание (УСС УКИМ) организираше свечен настан за добредојде на новозапишаните студенти.
Настанот започна со изведба на државната химна, свечената химна на УКИМ, како и студентската химна „Гаудеамус“, во изведба на студентите. Пред присутните се обратија проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова.
Проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, им порача на студентите да се стремат кон знаење и личен развој, истакнувајќи ја важноста на образованието за нивната иднина. Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ, ги охрабри студентите да бидат активни во студентскиот живот и да се залагаат за свои права и идеи.