
Православниот богословски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје успешно ја организираше Меѓународната научна конференција со наслов: „Соборноста и современите предизвици за Црквата“, која се одржа од 7 до 10 мај 2025 година во хотел „Дрим“ во Струга, по повод 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја.
Конференцијата беше отворена на 8 мај со свечено обраќање на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој воедно беше и покровител на овој меѓународен научен настан. Тој, во своето слово, го истакна длабокото значење на соборноста како столб на вистината во Црквата. Потсетувајќи на историското наследство на Првиот вселенски собор и присуството на тројца епископи од македонските простори на истиот, Архиепископот нагласи дека „соборноста е здивот на Црквата – нејзиниот modus vivendi, а духовното единство на верните, засновано врз љубовта, вистината и слободата во Светиот Дух, останува предуслов за нашата соработка“. Во понатамошното излагање, Неговото Блаженство, Архиепископот г. г, Стефан им порача на учесниците на конференцијата: „Согледувајќи ја светата Црква, не како организација, туку како жив организам, во секој ден од нашиот живот, да го запазуваме неосквернато нашето духовно единство“. Поздравувајќи ја структурата на самата конференција како пример за соборност, понатаму додаде: „Особено ме радува што гледам дека на оваа научна конференција се собрани и учество ќе земат најголемиот дел од нашите професори од Православниот богословски факултет од Скопје и истиот соборен дух е виден и преку присуството на еминентните учени од Универзитетите во Љубљана, Прешов, Тирана, Солун, Загреб и Регенсбург.“ На крајот, на сите учесници им посака успешно изложување на пријавените трудови и плодоносна расправа по истите.
Учесниците на конференцијата беа поздравени и од деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Дејан Борисов. Посакувајќи им добредојде на учесниците, тој посебно се осврна на потенцијалот на конференцијата за развивање на идни форми на соработка. Во тој контекст, ги покани присутните професори и истражувачи на плодна меѓународна соработка меѓу теолошките факултети, истакнувајќи дека се надева оваа конференција да биде темел врз кој ќе се изгради континуирана академска размена, заеднички проекти и вмрежување на наставни кадри и студенти.
Потоа следеа научните сесии организирани во повеќе тематски целини. Во текот на дводневната програма свои излагања имаа истакнати професори од богословските факултети во Скопје, Љубљана, Прешов, Тирана и Регенсбург. Темите опфатија широк спектар од богословски и црковно-историски прашања поврзани со соборноста и современите предизвици за Црквата.
Конференцијата имаа можност да ја следат и студентите по теологија од Православниот богословски факултет во Скопје, како и студентите од Православниот богословски факултет при Универзитетот во Прешов. Нивното активно присуство претставува важна придобивка за нивната академска и духовна формација, овозможувајќи им директен контакт со современите теолошки прашања, методологии и дијалог со истакнати научници од поширокиот европски простор.
Оваа меѓународна конференција не беше ограничена само на академскиот дискурс – учесниците имаа можност да ги посетат духовно и културно значајните места во охридскиот и струшкиот регион, меѓу кои и манастирите „Св. Наум Охридски“ во Охрид и „Пресвета Богородица“ во Калишта.
Со оваа конференција, Православниот богословски факултет во Скопје уште еднаш потврди дека е значаен центар на богословската мисла во регионот, сведочејќи за соборноста не само како богословска тема, туку и како живо искуство на заедништво меѓу академските и духовните чинители на Црквата во современото општество.
Во продолжение е листата на ученици на конференцијата, како и темите со кои тие земаа учество:
д-р Дитмар Шон (Институт за Источни Цркви, Епархија Регенсбург): Повторно откривање на синодалноста во Римокатоличката Црква: Генералното собрание на Соборот на епископи 2021–2023 за „синодална Црква“
д-р Вацлав Јежек (Православен богословски факултет, Универзитет Прешов): Единство во неединство и „Битие како индивидуализам“
д-р Марио Цифрак (Католички богословски факултет, Универзитет во Загреб): Смртта на Исус
д-р Николaј Арачки Розенфелд (Богословски факултет, Универзитет Љубљана): Од собор до одлука: монашки модели на единство и заедничко расудување во бенедиктинската традиција и пошироко
д-р Дејан Борисов (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Император Константин и Црквата
д-р Петер Савчак (Православен богословски факултет, Универзитет Прешов): Јустин Поповиќ, современи аријанства и Соборот во Никеја
д-р Јанез Водичар (Богословски факултет, Универзитет Љубљана): Синодалноста како можност за поголема соборна отвореност во дигиталната ера
д-р Ѓоко Ѓоргевски (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Грижа за создаденото: еколошката криза низ призмата на Светото Писмо и Црквата – итен предизвик во современиот свет
д-р Анета Јовковска (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Формирање на добродетелта во дигиталната ера – улогата на Православната Црква во моралното воспитување на младите
д-р Тома Шкира (Катедра за теологија и култура, Универзитет „Логос“, Тирана): Иконографски теми од Првиот Вселенски собор во традицијата на Едната Света Соборна и Апостолска Црква
д-р Дарко Анев (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Христолошкиот парадосис како ранохристијанска традиција и темел на наративот за Никеја
д-р Виктор Недески (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје)
Теолошката димензија на синодалната практика во Црквата врз основа на делото „За соборите“ на Атанасиј Велики
д-р Симеон Пасхалидис (Богословски факултет, Аристотелов Универзитет – Солун):
„Храна за размислување“ за православната соборност: современи согледувања од византиските беседи за празникот на отците на Никеја
д-р Илче Мицевски-Игњат (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Единството во верата на Првиот Вселенски собор (Никеја 325): пример и услов за единството на Црквата денес
д-р Борче Грамбозов (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Никејскиот Символ на верата како крштелна вера (Мт. 28,19): живо наследство на Црквата од Никеја (325 година)
д-р Александар Крстановски (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Како црковнословенскиот јазик придонел за единството на Црквата
д-р Стефан Гоговски (Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Православниот став за современите морални прашања
д-р Николчe Ѓургиноски (ПБФ „Св. Климент Охридски“ – Скопје): Евхаристиската соборност на Црквата и нејзината канонска традиција