
На 22 мај 2025 година, во организација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и Институтот за национална историја, свечено се одржаа Вторите Кирило-Методиеви научни средби. Со својот благослов и присуство, настанот го удостоија Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско- пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар и Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички господин Марко.
Пред присутните гости најпрво се обрати Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, која ја истакна важноста на негувањето и развивањето на културно-историското наследство на светите Кирил и Методиј како основа на идентитетот и духовноста на македонскиот народ. Таа нагласи дека универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ постои токму како продолжение на нивното дело, носејќи ја одговорноста да го чува и унапредува нивниот лик и придонес за писменоста, образованието и европските вредности.
Потоа, присутните ги поздрави и деканот на Православниот богословски факултет, проф. д-р Дејан Борисов, кој подвлече дека овој настан е од исклучително значење за богословската, но и пошироката академска јавност. Во тој контекст нагласи дека Кирило-Методиевото наследство не е само дел од историјата, туку живо сведоштво за духовната зрелост и културната самобитност на македонскиот народ. Според него, научните средби се можност за продлабочување на знаењето, но и за споделување на вистината во време кога се соочуваме со сериозни предизвици.
Во продолжение, поздравен говор имаше проф. д-р Митко Панов, директор на Институтот за национална историја. Професор Панов посочи дека мисијата на Кирил и Методиј претставувала револуционерен чин: тие не само што го создадле првото словенско писмо, туку обезбедиле рамноправност на словенскиот јазик во богослужбата, што претставува признавање на културниот и духовниот идентитет на словенските народи.
Настанот беше проследен со голем интерес од академската и пошироката јавност, а низ говорите се провлекуваше заедничка порака: делото на свeтите браќа Кирил и Методиј е темел на духовниот и културниот идентитет на македонскиот народ, и како такво мора да остане неоспорно и заштитено. Во тој дух, средбите продолжија со низа значајни реферати од истакнати научници, кои го осветлија делото на светите Кирил и Методиј низ различни научни призми.
Академик проф. д-р Витомир Митевски говореше за длабоката врска помеѓу изворната терминолошка основа на македонскиот книжевен јазик и кирилометодиевското наследство, следејќи ја нејзината трансформација низ Преродбата. Проф. д-р Маја Ангеловска-Панова анализираше како делото на светите браќа живее во македонската популарна култура, одразувајќи се низ уметноста, медиумите и колективната меморија. Доцент д-р Кирче Трајанов понуди богословска перспектива на Моравската мисија како мисиолошка парадигма со универзален карактер, нагласувајќи ја духовната димензија на мисијата во контекст на современиот свет. Проф. д-р Лидија Стојановиќ обработи рефлексии од кирило-методиевската традиција во македонската народна книжевност, а проф. д-р Димитар Пандев ги проектираше научните основи на кирило-методиевистиката во контекст на европската филолошка мисла. Собирот го заокружи доцент д-р Александар Крстаноски со анализа на теолошката ерудиција на свети Кирил Философ, прикажувајќи го неговиот интелектуален и духовен опус како длабоко втемелен во византиската богословска мисла.
Еден од клучните моменти на програмата беше промоцијата на зборникот од Првите Кирило-Методиеви научни средби, кој ги обединува минатогодишните трудови и реферати. Промотор на ова значајно издание беше академик проф. д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, кој го истакна зборникот како витален прилог кон современото разбирање на кирило-методиевското наследство и важен чекор во неговото научно и културно афирмирање.