Гостинско предавање на проф. др. Мандариќ сестра Валентина од Католичкиот богословски факултет во Загреб

Во периодот од 10 до 14 ноември 2025 година, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, гостуваше проф. др. Мандариќ сестра Валентина, редовен професор на Католичкиот богословски факултет при Универзитетот во Загреб и раководител на Канцеларијата за веронаука во училиштата при Загрепската надбискупија.

Посетата се реализираше во рамките на наставата по предметот христијанска педагогија, кој го предава вонр. проф. д-р Анета Јовковска, како и во контекст на програмата за академска соработка помеѓу двата факултета.

Професорката Мандариќ сестра Валентина беше срдечно пречекана од в.д. деканот доц. д-р Илче Мицевски Игнат, од професорскиот колегиум, како и од студентите на Факултетот. Во пријателска и академска атмосфера беа разменети мислења и искуства поврзани со современите предизвици на верското образование, воспитувањето и пасторалната грижа за младите.

Во текот на својата еднонеделна посета, професорката Мандариќ одржа неколку предавања на теми од областа на христијанската педагогија и катехетиката, со посебен акцент на адолесцентите и младите во контекст на општествените промени, стиловите на живот, вредносните ориентации и религиозноста, а се осврна и на моделот на верско образование во јавните училишта во Хрватска.

Предавањата беа проследени со плодна дискусија меѓу студентите и проф. Мандариќ.