Меѓурелигиски час: Практична теологија и педагогија на религијата

На 13 мај 2025 година, во рамките на програмата за меѓурелигиска соработка, беше одржан меѓурелигиски час на тема „Практична теологија и педагогија на религијата“, наменет за студентите од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје и студентите од Факултетот за исламски науки – Скопје. Настанот претставуваше продолжение на долгогодишната соработка помеѓу двата теолошки факултети, организирана со поддршка и активно учество на Фондацијата Конрад Аденауер.

Програмата започна со воведни обраќања од претставниците на трите коорганизаторски институции: г. Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, проф. д-р Анета Јовковска од Православниот богословски факултет и проф. д-р Насер Рамадани од Факултетот за исламски науки. Пред студентите се обрати и проф. д-р Дарко Анев, продекан на Православниот богословски факултет, кој ја истакна важноста на ваквите средби за создавање на култура на дијалог и заемна почит меѓу теолозите.

По воведниот дел, учесниците ја започнаа својата студиска прошетка со посета на храмот „Св. великомаченик Димитриј“ во Скопје, каде проф. д-р Анета Јовковска одржа предавање за улогата на религиската педагогија во црковниот живот и духовното оформување на верниците.

Потоа следуваше посета на Џамијата „Мурат Паша“, во која проф. д-р Насер Рамадани говореше од исламска перспектива за истата тема, посочувајќи ги духовните и воспитни аспекти на џамијата како центар на верско образование и заедништво.

Во обете предавања, студентите имаа можност да слушнат автентични теолошки размислувања, но и да поставуваат прашања, да влезат во дијалог, носејќи дух на отвореност, разбирање и академска љубопитност.

Настанот заврши со заеднички ручек во пријатна атмосфера, при што студентите и професорите од двата факултети неформално продолжија да разговараат и разменуваат искуства и видувања.

Овој меѓурелигиски час уште еднаш ја потврди важноста на личната средба, академската соработка и дијалогот како суштински делови од религиското образование денес.

blank blank