Седмиот Светиклиментов научен собир на тема „Мисија и секуларизам“ се одржа на 7.12.2023 на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
На отворањето на собирот зедоа збор Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски и на Прва Јустинијана, господин господин Стефан, директорот на КОВРЗГ господин Даријан Сотировски и деканот на Православниот богословски факултет во Скопје, проф. д-р Дејан Борисов. Учесници на конференцијата беа професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
На научниот собир се дискутираше за две заемно конвергентни тематски насоки: мисијата на Црквата во овој свет и век (saeculum) и односот на световното кон црковната стварност во историјата. Ваквиот пристап отвори мноштво перспективи кон предложената проблематика и ги испита можностите за нивна синтеза.
Темата на Собирот ги одрази и двата јубилеја што ги одбележуваме годинава: 1160 години од Моравската мисија на македонските и сесловенски просветители, светите браќата Кирил и Методиј и 80 години од формирањето на Верското поверенство при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.
Излагањата на учесниците може да се проследат на официјалниот youtube канал на Православниот богословски факултет.