„Помнете ги вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо…“ (Евр. 13,7)

Светиот апостол Павле ни говори за учителството како за особен дар од Бога (1. Кор. 12,28). Но, како што учителството е дар за оние што поучуваат, така и самите учители се дар за своите ученици. Не само заради тоа што им пренесуваат извесен квантум на занење, туку затоа што им го пренесуваат и својот начин на живот, мислење и расудување, ги споделуваат вредностите, а најмногу од сѐ – личната љубов кон познанието. Токму таков дар за македонското богословие беше нашиот учител о. Јован Таковски. Неговиот подвиг во теологијата беше неразделен од неговиот подвиг во Литургијата. Така, тој со сопствен пример го сведочеше благословеното единство на законот на верата и законот на молитвата. Како свештенослужител и духовник тој постојано богословствуваше, а како професор по теологија тој непрестано ја сведочеше тајната на Телото и Крвта Христови. Сосема природно, животното дело на отец Јован Таковски, кое произлегува од ваквиот литургиско-богословски хабитус, претставува преводот на комплетниот корпус литургиски книги од црковнословенски на современ македонски јазик. Со тоа, отец Јован Таковски ќе остане запомнет како наследник на македонското Светиклиментово просветителско предание и негов современ претставник par excellence. Актуелизирајќи го во сопствениот живот и дело богословскиот стил на Светиклимента, тој претставува извор на инспирација и поттик не само за неговите непосредни ученици, туку и за севкупното современо православие. Поради тоа, неизмерно сме му благодарни на Троединиот Бог што ни дарува таков учител и пастир каков што е отец Јован Таковски и просиме да му дарува Царство небесно и вечен спомен.

Наставниот кадар на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје