На 26 ноември 2024 година, во Скопје се одржа меѓурелигиски настан под наслов „Значењето на Светите книги во градењето соживот“. Организиран од Фондацијата Конрад Аденауер, во соработка со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и Факултетот за Исламски науки од Скопје, настанот ги обедини припадниците на различни религии, професии и генерации за промовирање на меѓусебно разбирање и хармонија.
Настанот започна во џамијата „Исак-бег“. Уесниците ги поздравија претставници на организаторите. Роберт Јанев од Фондацијата Конрад Аденауер говореше за важноста на мирот и дијалогот како универзални вредности, а професорите д-р Дарко Анев од Православниот богословски факултет и д-р Абдулџемил Несими од Факултетот за исламки науки, ги истакнаа улогите на Библијата и Куранот во градењето соживот.
Програмата продолжи со посети на џамијата „Исак-бег“ и црквата „Св. Спас“ во Скопје. Во џамијата „Исак-бег“, професорот д-р Абдул Џемил Несими ги запозна учесниците со основите на исламската вера и универзалните пораки на Куранот. Потоа, групата се упати кон црквата „Св. Спас“, каде професорот д-р Дарко Анев ги претстави библиските учења за љубовта и хармонијата, како и историјата на храмот.
На крајот од посетите, учесниците учествуваа во отворен форум и поставуваа прашања за можностите за соработка меѓу верските заедници. Во интерактивната дискусија, професорите Анев и Несими понудија практични примери и теолошки размисли, инспирирајќи продуктивен и искрен дијалог.
Настанот заврши со пораки за почитување на различностите и заедничко делување во духот на љубовта, мирот и толеранцијата. Учесниците ја изразија својата мотивација да ги применуваат стекнатите знаења во секојдневниот живот.
Организаторите нагласија дека овој настан е еден од низата иницијативи кои ќе продолжат да го промовираат меѓурелигискиот дијалог и хармонијата во општеството. Ваквите иницијативи потсетуваат дека, и покрај нашите разлики, заедничките вредности можат да нè обединат во градењето на подобра иднина.