
На 28 март 2025 година, на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, студентите од трета година, во рамките на наставата по предметот Историја на религиите, присуствуваа на предавања посветени на темата Ислам. Гости предавачи беа г. Самет Шабани и г-ѓа Мерсиха Смаилович, истакнати личности во македонското општество и долгогодишни соработници на Факултетот. Тие, преку своите излагања, ги запознаа студентите со основните принципи, вредности и културни аспекти на исламот. Со голема јасност и длабочина ја претставија темата, нагласувајќи ги универзалните вредности како што се мирот, правдата и љубовта кон ближниот – вредности кои се суштински за секоја религиозна традиција.
Предавањата беа интерактивни, а студентите активно учествуваа во дискусиите со гостите предавачи. Поставуваа прашања поврзани со теолошките аспекти на исламот, неговата историја, улогата на религијата во современото општество, како и начините на практикување на верата во различни културни контексти. Оваа ангажираност ја потврди нивната желба за продлабочување на знаењата и отвори простор за конструктивен дијалог.
Организирањето на вакви предавања е од исклучителна важност за студентите на Православниот богословски факултет, бидејќи религиозната едукација не се состои само од изучување на сопствената вера, туку и од стекнување знаења за другите религии. Од студентите, како идни теолози, се очекува да бидат активни учесници во меѓурелигискиот дијалог и да придонесуваат кон меѓусебното разбирање и почитување.
После предавањата, гостите остварија средба со проф. д-р Дарко Анев – продеканот за настава на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Скопје.