ПРОМОВИРАНИ ПРВИТЕ ВИСОКОШКОЛСКИ УЧЕБНИЦИ ЗА СТУДЕНТИТЕ ПРИ БОГОСЛОВСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ ВО ИЗДАНИЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ
Во пресрет на празникот „Свети Климент Охридски“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и Македонската православна црква, на 6 декември 2011 година, ги промовираа првите високошколски учебници што УКИМ ги отпечати за потребите на студентите на Православниот богословски факултет во Скопје.
Промоцијата се одржи во свечената сала на архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“, а промотори беа Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и проф. д-р Ѓорги Поп-Атранасов. Присуствуваа скоро половина од членовите на САС, Ректорот на УКИМ – проф. д-р Велимир Стојковски, проректори, декани, сенатори, професори, старешините на скопските цркви и многу други свештеници, ѓакони, и почитувачи на пишаниот збор.
Станува збор за учебниците: „Пастирско богословие“ (лекции) и „Парохиска администрација“ (учебно помагало) од проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Православниот богословски факуклтет во Скопје. Тоа е дисциплина која се изучува во последната година на студии (IV) на овој Факултет и е од областа на Пастирско-катихетската катедра.
Учебникот по Пастирско богословие е подготвен според современите теоретски и практични искуства на пастирската теологија и аскетика, додека пак, учебникот по Парохиска администрација е работен според најновите црковно-правни акти на Македонската православна црква – Устав, статути и правилници, како и со црковните канони и Законот за верските заедници во Република Македонија.
Книгите се напишани со едноставен јазик и се наменети не само за студентите при ПБФ, туку и за пастирите и за поширокиот круг на читатели.
Посебно истакнуваме:
Тоа се први учебници од спомнатата материја со систематизирани предавања на современи пастирски прашања и проблеми на современ македонски јазик.
Тоа се први учебници во историјата на постоењето на ПБФ што се печатат од страна на УКИМ каде што Факултетот е придружна членка, чин што ќе придонесе да се мотивираат професорите да пишуваат и издаваат учебници.
Учебниците можат да се купат директно од Ректоратот или продажните пунктови на Универзитетот.