Свечено одбележан патронатот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и 47-годишнината од неговото основање

На 6 декември 2024 година, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ со свечена програма го одбележа својот патронат и 47 години од основањето. Во свечената сала на Факултетот се собраа бројни гости, професори и студенти, претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија: Неговото блаженство Архиепископот г. г. Стефан и митрополитите г. Петар, г. Јован и г. Марко. Беше присутна претседателката на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г-ѓа Оливера Трајковска, претставници од академската заедница од земјава, но и странска делегација од Православниот богословски факултет во Прешов, Словачка.

На свеченоста се обрати проректорот за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Соња Топузовска, која ги поздрави присутните во име на ректорот проф. д-р Биљана Ангелова. Во своето обраќање таа ја нагласи исклучителната улога на свети Климент Охридски како духовен пастир, но и како основач на Охридската книжевна школа: „Делото на свети Климент е втемелено во нашиот национален идентитет и култура, а неговата писменост и педагошка мисија се трајно наследство за македонскиот народ,“ истакна проректорот д-р Топузовска, нагласувајќи ја важноста на соработката помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Православниот богословски факултет како придружна членка на Универзитетот.

Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, упати пригоден поздравен говор до присутните, обраќајќи се посебно кон студентите и професорите. Во својата порака, тој ги повика сите да останат посветени на вредностите што ги проповедаше свети Климент, во чиста вера кон Бога, и за доброто на Црквата и македонскиот народ, придонесувајќи за мир во општеството.

Деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Дејан Борисов, во своето обраќање истакна дека 47 години се значаен период кој сведочи за визионерството и посветеноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија кон образованието и науката. „Оваа годишнина е доказ за нашата истрајност и успех. Свети Климент нè научи дека знаењето е сила, а нашата Црква пред 47 години ја препозна таа сила и ја вложи во овој Факултет. Денес, нашата научна работа е препознаена и дома и надвор од границите на Македонија,“ изјави деканот, истакнувајќи ги следниве соработки на академско ниво како најзначајни за Факултетот во 2024 година: потпишување на Меморандум за соработка со Институтот за национална историја, претставуван од директорот проф. д-р Митко Панов, и како резултат на тоа заедничка организација на Првите Кирилометодиеви средби; соработка со Факултетот за музички уметности, претставуван од деканот проф. м-р Дарија Андовска; соработка со Источно-црковниот институт од Регенсбург од која произлезе „Научен колоквиум“ организиран во јуни 2024 година во Охрид и на кој, покрај професори од Православниот богословски факултет во Скопје, учествуваа еминентни и признати научници од странство. Во текот на годината со свои научни трудови професори од Факултетот учествуваа на многу настани и средби организирани од високообразовни институции во Романија, Словачка, Малта, Кипар, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Германија. Продолжи добрата соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, чиј нов директор и наш алумни е г-ѓа Оливера Трајковска. Активно се соработуваше и со невладиниот сектор: особено со Фондацијата Конрад Аденауер и невладината организација Хоризонт Цивитас, како и со амбасадите на Унгарија и Италија, а во тек е реализација на проект со Амбасадата на САД. И на крајот, но не помалку важно, деканот се осврна на успесите на студентите при меѓуфакултетските спортски натпревари.

Настанот беше воден од претседателот на студентите, Димитар Петрески, а свечената атмосфера беше дополнително збогатена со духовните изведби на студентскиот хор, под раководство на ѓаконот Александар Димитријов. Со своите гласови, хористите внесоа возвишеност и молитвен дух во прославата.

Во текот на свеченоста, деканот проф. д-р Борисов им ги врачи дипломите на дипломираните студенти, честитајќи им за нивниот успех и посакувајќи им благословен и успешен понатамошен пат.

Една од клучните точки на прославата беше потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје, претставуван од деканот проф. д-р Дејан Борисов и Православниот богословски факултет во Прешов, Словачка, претставуван од деканот проф. д-р Стефан Пружински, протоереј ставрофор. Овој чин означи почеток на нова фаза во академската и истражувачката соработка меѓу двете институции.

Деканот проф. д-р Дејан Борисов во својот говор, исто така, се присети на неодамна упокоениот митрополит Тимотеј, кој беше голем поддржувач на Факултетот. „Со неговото упокојување загубивме покровител кој несебично вложуваше во создавањето на високообразован кадар на нашата Црква. Неговата грижа и визија за иднината на богословието ќе останат наш патоказ,“ истакна деканот.

Свеченоста заврши во духот на молитва и благодарност кон патронот свети Климент Охридски, чиј пример останува непресушен извор на инспирација за генерации македонски теолози и интелектуалци.

Веднаш после прославата, започна Осмиот Светиклиментов научен собир, кој претставува уште една потврда за посветеноста на Факултетот во унапредувањето на духовното и академското наследство на Македонија.