Свечено отворен XIII Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“

На 31 октомври 2025 година, во Скопје беше отворен XIII Меѓународен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I“, кој оваа година се одржува под насловот „Мрежи“. Настанот се реализира во организација на Институтот за национална историја, Универзитет Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, кој и оваа година дава значаен организациски и научен придонес во рамките на симпозиумот.

На отворањето, меѓу другите, свое обраќање имаа Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, и в.д. деканот на Православниот богословски факултет, доцент д-р Илче Мицевски Игнат. Во своето слово, Архиепископот се задржа на темата „вмрежување“, објаснувајќи ја нејзината византиска смисла, поврзана со заедништвото, братољубието и содружништвото. „Римското Царство, коешто денес го нарекуваме Византија, било основано на идејата за преобразба на земното во светлината на вечноста, односно на благодатно вмрежување на човекот со ближните, на народите со народите и на целото човештво со Бога,“ рече Архиепископот. Тој потсети дека византиската визија за вмрежување не била само морален или социјален идеал, туку реалност заснована на тајната на Телото Христово, каде што сите народи се соединуваат преку благодатта. „Црквата, како Тело, е составена од многу народи, сврзани не од принуда или општи интереси, туку од благодатно учество во божествениот живот,“ истакна Неговото Блаженство, додавајќи дека вистинското вмрежување меѓу народите не се остварува преку доминација, туку преку акт на општење и љубов. Завршувајќи го своето обраќање, Архиепископот изрази надеж дека овој собир ќе биде „жива мрежа на заедништво и љубов“, нагласувајќи дека Скопје, како град со долг историски спој на култури и цивилизации, е природно место за вакви средби на духот и мислата.

В.д. деканот на Православниот богословски факултет, доцент д-р Илче Мицевски Игнат, во своето поздравно обраќање го нагласи значењето на византиското наследство и неговото трајно влијание. Тој истакна дека историските настани кои се случиле на територијата на Византија претставуваат неисцрпна ризница од социјални, политички, културни и верски искуства. „Византиската империја со својата култура, христијанската вера и политика изврши големо влијание врз сите народи, во и надвор од нејзините граници,“ рече деканот, додавајќи дека византиската мрежа на врски и влијанија претставува основа на сè она што денес го препознаваме како нејзино историско и духовно наследство. В. д. деканот д-р Илче Мицевски Игнат се заблагодари на учесниците за нивниот придонес и нагласи дека симпозиумот создава жива мрежа на научници од различни земји кои со секое свое учество стануваат дел од едно пошироко семејство посветено на проучувањето на византиската историја и култура.

На симпозиумот активно учество ќе земат и двајца професори од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Д-р Анета Јовковска ќе има свое излагање на тема: „Епистоларните мрежи на византиските теолози и нивната педагошка функција“, а д-р Виктор Недески ќе ја презентирата темата: „Првиот Вселенски собор како темел на синодалната мрежа“. Со своето учество, тие ја претставуваат современата богословска и академска мисла на Факултетот и придонесуваат за нејзино вмрежување во поширокиот контекст на меѓународната научна заедница.