
По повод почетокот на академската 2025/2026 година, на 30 септември 2025 година, во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија и молебен – Призив на Светиот Дух за успешен почеток на академската година.
На Светата Литургија и молебенот чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, во сослужение со в. д. деканот на Православниот богословски факултет доцент д-р Илче Мицевски Игнат, професори од Факултетот кои се во свештенички чин, како и со свештенослужителите при манастирот „Св. Јован Крстител“.
На Литургијата присуствуваа проф. д-р Биљана Ангелова – Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, студентите, наставниот и административниот кадар од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Присутните заеднички се помолија за просветување и успешна академска година.
По завршувањето на молебенот, се обрати Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Петар. Во своето обраќање тој истакна дека Православниот богословски факултет не е само образовна установа, туку и воспитна во која студентите се подготвуваат да станат сведоци на Христовата вистина во современиот свет. „Посакувам оваа година да ви донесе напредок и радост,“ рече Високопреосвештениот, „и да постигнувате врвни резултати во позивот во кој сте повикани. Вие, студентите, слушајќи ги предавањата на вашите професори, усовршувајте се во знаењето, но пред сè, во воспитанието и во љубовта кон Црквата и кон народот Божји.“