
Под насловот „Од догма до дијалог: Теологијата пред современите предизвици“ („From Dogma to Dialogue: Theology and Contemporary Challenges“), од 13 до 19 јули 2025 година во Ловран, Хрватска, се одржаа Медитеранските теолошки средби – еден од најзначајните меѓурелигиски и меѓухристијански форуми во регионот. На настанот учествуваа педесетина студенти и професори од различни христијански деноминации и други религии од Европа и регионот, со стремеж за отворен дијалог, заемно разбирање и академска размена.
Студентите Спасе Никовски и Наум Стојаноски од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје земаа активно учество на овој настан и по завршувањето на истиот, ги споделија своите впечатоци:
„Средбите во Ловран ја открија вредноста на различноста заснована врз взаемна почит. Разликите не се премолчија, ниту избришаа, туку беа трансформирани во простор за соработка и соживот. Длабоко ме допре начинот на кој се промислуваа општествените и теолошките прашања – не со лесни компромиси, туку со чувство за одговорност. Средбите овозможија градење на односи, зачувување на сопствениот идентитет и создавање нови пријателства кои ќе останат и по завршувањето на програмата.“, истакна студентот Наум Стојаноски.
Студентот Спасе Никовски, пак, го сподели своето искуство со следниве мисли: „Учеството ми овозможи да согледам како културните и цивилизациските разлики се одвиваат во еден суптилен контекст на современи вредносни предизвици. Во таа атмосфера на дипломатска етикеција и меѓурелигиски дијалог, за мене беше особено важно да останам вкоренет во синергиската традиција на Источното христијанство. Средбите понудија платформа за вистински дијалог без стремеж кон релативизам, како и простор каде што различноста не се поништува, туку се претвора во коегзистенција и меѓусебно уважување.“
Медитеранските теолошки средби, под водство на надбискупот Мате Узиниќ и организирани со ентузијазам од тим на теолози, академици и активисти, се развиваат во единствен простор за заемно богословско ослушнување. Тие отвораат теолошки хоризонти, и се место за создавање на трајни врски во духот на заедништво и почит.
Учеството на студенти од нашиот Факултет на овој настан сведочи за определбата на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје да ги охрабрува младите теолози да се вклучат во современи богословски дијалози, активно придонесувајќи кон промислување на верата во духот на заедништво, отвореност и академска зрелост. Факултетот останува посветен на тоа да биде простор на раст, инспирација и ангажман, каде што традицијата и современоста не се исклучуваат, туку се надополнуваат во служба на Црквата и општеството.