30 години Македонско библиско здружение: Професори од Православниот богословски факултет посветено работат на остварување на неговата мисија

На 24 октомври 2024 година, во свечената сала на Музејот на македонската борба за самостојност, се одржа свечена прослава по повод 30-годишнината од основањето на Македонското библиско здружение. Ова значајно чествување беше одбележано со присуство на многубројни гости, меѓу кои и професори, академици и претставници на религиозни и општествени организации, кои имаат дадено значителен придонес во развојот и работата на Здружението.

На свеченоста, пред присутните, со пригодни говори се обратија Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, г. Џорџ Сохос – претставник од Обединетите библиски здруженија и Генералниот Секретар на Македонското библиското здружение – проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.

Работата на Македонското библиско здружение низ годините е длабоко поврзана со придонесот на професорите од Православниот богословски факултет. Поранешниот Генерален Секретар – проф. Петко Златески цели 25 години успешно раководеше со Здружението и со својата визија ги постави темелите за многу од проектите кои денес се спроведуваат. Сегашниот Генерален Секретар, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, го продолжува овој пат и успешно ги раководи тековните проекти и активности на Здружението, внесувајќи нови идеи.

Особено место во работа на Македонското библиско здружение имаат професорите од Православниот богословски факултет: д-р Дарко Анев и д-р Виктор Недески, кои со својата експертиза и посветеност ја поддржуваат мисијата на Здружението, давајќи го својот продонес во современиот превод на Новиот Завет и Псалмите – проекти кои се од клучно значење за зачувување и пренесување на библиската мудрост на современ македонски јазик. Во своето промотивно обраќање, Епископот Хераклејски г. Климент нагласи дека преведувањето на овие сакрални текстови е сложена и предизвикувачка задача која бара извонредна лингвистичка и духовна посветеност. Оваа комплексна работа не само што овозможува ново разбирање на текстовите, туку и гради жива врска помеѓу читателите и Светото писмо.

Уште еден важен проект на Библиското здружение за превод на новозаветните текстови на македонски знаковен јазик е успешно координиран од страна на д-р Анета Јовковска – професор на Православниот Богословски факултет.

Оттука, одбележување на 30-годишнината од постоењето на Македонското библиско здружение воедно е и потврда за долгорочниот и значаен придонес на професорите од Православниот богословски факултет во работата на Здружението. Тие, со својата посветеност и научна работа, директно влијаат врз општеството и духовниот живот во Македонија.