По повод одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на свети Наум Охридски Чудотворец, на 4 ноември, во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид започна Меѓународниот научен собир „Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција“.
За животот и дејноста на ученикот на браќата Кирил и Методиј, како и за неговото значење во афирмацијата на Охридската духовна и книжевна школа, на собирот учествуваат експерти и слависти од Македонија, но и од 15 научни центри од Хрватска, Литванија, Германија, Италија, Русија, Словачка и од Бугарија. На научниот собир ќе бидат претставени 49 научни трудови од повеќе научни дисциплини посветени на ликот и делото на св. Наум.
Во науката се откриваат сè поголем број научни достигнувања, како нови творби на овој наш светител. Угледниот професор Волф Ошлис, еден од основачите на македонистиката во Германија и еден од најдобрите познавачи на македонскиот јазик и култура, рече дека темата „Свети Наум“ е секогаш интересна за сите македонисти, оттаму што Наум, Климент и другите се основоположниците на македонската култура, јазик, религија, дури и нација. Притоа тој открива нови детали и теории за активностите на Свети Наум Охридски.
Меѓународниот научен собир што ќе трае до 7 ноември, а се одржува во организација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.
(Преземено од www.mpc.org.mk)