Научен колоквиум: „Дали свети Јован Дамаскин ги модификувал своите извори во Точното изложување на православнта вера“ (Скот Еблс, Универзитет во Оксфорд)
На 29. март 2012 година на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ се одржа научен колоквиум на темата „Дали свети Јован Дамаскин ги модификувал своите извори во Точното изложување на православнта вера“, како дел од програмата „Врските со Оксфорд“ (The Oxford Connections 2012). Во рамките на програмата меѓународна група од дваесетина докторанти и професори од Универзитетот во Оксфорд, во периодот помеѓу 27. март и 04. април 2012, одржа серија предавања и научни семинари на македонските универзитети, споделувајќи и разменувајќи идеи со своите колеги од Македонија. При тоа се одржа и предавање на еминентниот оксфордски професор по Електроинженеринг и Директор на Институтот за Биомедицински инженеринг при Универзитетот во Оксфорд, проф. д-р Лајонел Тарасенко во МАНУ, како и прием на гостите од Оксфорд кај председателот на Република Македонија проф. д-р Ѓорге Иванов и кај министерот за образование на Република Македонија м-р Панче Кралев.
Во своето изложување на Православниот богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, предавачот Скот Ејблс изврши анализа на четири пасуси од „Точното изложување на православната вера“ на свети Јован Дамаскин, кадешто постои веројатност дека авторот ги модификувал своите извори. Издавачот на текстовите на свети Јован Дамаскин, Б. Котер, не повикува да ги споредиме овие пасуси со свети Григориј Назијанзин, Псевдо-Дионисиј Ареопагит, свети Максим Исповедник, Леонтиј Византиски и Псевдо-Кирил. Овие четири пасуси се мошне значајни затоа што во нив свети Јован Дамаскин дава едно ново значење на христолошкиот поим перихореза, вметнувајќи го истиот во неговата тријадолошка расправа. Доколку ја прифатиме тезата на Васа Контума-Контичело дека текстот на Псевдо-Кирил не не претставува извор за анализираниот текст на свети Јован Дамаскин, тогаш овие пасуси ја претставуваат генезата на концептот за Тринитарната перихореза во записите на светите отци.
По изложувањето уследи дискусија околу начините на преведувањето на некои од светоотечки теолошко-филсофски термини, спомнати во предавањето, на англиски и македонски јазик, како и за улогата на свети Јован Дамаскин во византиската богословско-философска традиција. Во рамките на настанот беше одржан и прием на гостите од Универзитетот во Оксфорд во просториите на Наставно-научниот совет на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“.