По повод патрониот празник и одбележувањето на големиот јубилеј – 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ја организираше 9-та Научна средба на тема „Свети Климент Охридски – 1100 години духовен светилник“.
На научната средба, која се одржа на 6 декември 2016 год. (вторник) во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, модератор беше ѓакон д-р Дејан Борисов, доцент на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје. На средбата говореше и проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Факултетот, а учество зедоа и други професори и познавачи на делото на големиот просветител Свети Климент Охридски: д-р Стојан Ристески, проф. д-р Елизабета Димитрова, Милош Линдро и м-р Ана Ѓорѓевиќ.
Во рамки на свеченоста беше отворена и изложба на избрани публикации со текстови од Свети Климент Охридски и книги и статии посветени на неговото творештво објавени во Македонија и странство, заедно со неколку уметнички дела на кои е претставен Свети Климент Охридски. Посетителите имаа и посебна можност да го видат и старословенскиот ракопис Струшки зборник со творба од Свети Климент Охридски од средината на 16-от век.