Во периодот од 11 до 13 октомври 2019 година во Охрид и Струга ќе се одржи меѓународната конференција „Света Софија – Премудроста која си изгради дом“, организирана од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Еден дел од конференцијата е посветен на храмот на охридските архиепископи именуван по Мудроста – црквата „Света Софија“ во Охрид, нејзината историја, архитектура, фрескоживопис и уметност, додека другиот дел е восредоточен на мудроста во Библијата, теологијата, философијата и во традицијата на Црквата.
На оваа меѓународна конференција ќе учествуваат научници и теолози од повеќе земји: Италија, Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Македонија.
Отворањето на конференцијата е предвидено за во 17 часот на 11 октомври 2019 година во црквата „Света Софија“ во Охрид, на кое ќе се обратат Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Програмата може да ја преземете овде.