Празнично одбележување на денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј

По повод празникот на сесловенските учители и просветители, светите Кирил и Методиј, по светата архиерејска Литургија беше отслужен свечен молебен и произнесено празнично слово во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Со години наназад молебенот традиционално се одржува во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, како и на платото на кампусот на универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, коешто оваа година беше оневозможено поради актуелната состојба.

Со светата божествена Литургија и со молебенот чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенството од Скопската православна епархија.

Во своето празнично слово, Архиепископот истакна: „Свети Кирил и Методиј се сесловенски апостоли и духовни просветители на сите словенски народи, но исклучителноста и посебноста во поврзаноста со нас, со нашиот македонски народ и со нашата света македонска Црква се состои токму во запазувањето на нивните завештанија, кога нивното дело вродило плод единствено меѓу нашиот народ, во нашиот ни Охрид, благодарение на дејноста на неговите ревносни ученици, светите Климент и Наум Охридски, кои градот на езерото го претворија во кирилометодиева апостолска катедра и сесловенски Ерусалим. Богословскиот факултет, нашата највисока црковно-просветна институција и придружна членка на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, е наследник на светиклиментовиот охридски универзитет, чија главна задача беше да ги воспита, подготви и оспособи за пастирска дејност идните служители на Црквата на овие простори. Нека е честит денот и вековит споменот на светите Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители!“