Промовиран превод на Corpus Areopagiticum

Во Македонската академија на науките и уметностите во петокот, на 24.06.2016 година, беше промовирано изданието на црковнословенскиот превод на Corpus Areopagiticum од монах Исаија Серски од 1371 година.

Настанот беше во организација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје.
Изданието го претставија приредувачот на изданието проф. д-р Гелиан Михајлович Прохоров од Институтот за руска литература од Руската академија на науките и членовите на неговиот научен тим: д-р Сабине Фал и Дитер Фал од Богословскиот факултет во Грајфсвалд (Германија) и проф. д-р Иван Христов од Богословскиот факултет во Софија (Бугарија).

Воведничари на промоцијата беа проф. д-р Ѓоко Ѓоргевски, Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, во Скопје, кој помеѓу останатото посочи за денес исклучително значајно влијанието на Аеропагистите за разбирањето на целата историја на мистиката и филозофијата, дека ова е научен труд врз еден ракописот кој потекнува од првиот преведувач, светогорскиот монах Исаија, замонашен во Осоговскиот манастир.

Доц д-р Милан Ѓорѓевиќ, пак говореше за интелектуалното смирение без кое ние не можеме да пристапиме кон вреднувањето, доживувањето и разбирањето на едно вакво животно дело кое што стои пред нас и на кое што работеле многумина..
На презентацијата присуствуваа Скопскиот бискуп и апостолчски Егзарх, Киро Стојавов и митрополитите Тетовско-гостиварски г. Јосиф, и Преспанско-пелагониски г. Петар.