На 5ти октомври 2017 година на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје се одржа промоција на книгата Образованието, духовноста и вредносните ориентации кај адолесцентите од д-р Анета Јовковска.
Како промотори на книгата говор одржаа професорите: д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет и д-р Анета Баракоска, редовен професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Професорката Баракоска истакна пред присутните дека станува збор за прецизно определена и исцрпно замислена тема, која презентира автентични научни резултати и осветлува еден значаен сегмент во развојот на духовноста, религиозноста и вредносните ориентации кај адолесцентите од филозофски, педагошки, психолошки и теолошки аспект.
Професорот Ѓорѓевски, пак, го оцени делото како психолошко-педагошко истражување на основите врз кои се темели духовното образование во православната христијанска теологија.
Авторката ги изнесува сознанијата за духовното образование кои се присутни како во световната, така и во православната христијанска педагогија и нагласува дека теоретско-методолошките основи на православната христијанска педагогија содржат значаен потенцијал за реализација во современиот педагошки простор и се соодветни на принципите од хуманитарната образовна парадигма. Тие се актуелни за воспитанието на идните генерации, кои живеат во услови на мултикултурност и мултиконфесионалност. Поради големиот духовно-морален потенцијал на принципите: ненасилство, љубов, слобода и соборност, тие можат да придонесат за развојот на аксиолошката ориентација на адолесцентите во период на развој на едно граѓанско општество и демократска држава.