Правилник

Врз основа на Законот за високо образование (Службен весник на Република Македонија бр. 83/09, 99/09, 115/10, 17/11, 51/11, 123/12, 15/13, 24/13 и 82/18) и во согласност со Статутот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје член 270 и 272 и Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв и втор циклус на Универзитетот (Универзитетски гласник бр. 417/2019), како и врз основа на членовите 88 и 91 од Статутот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, Наставно-научниот‎ совет на својата 2. редовна седница одржана на 15.04.2022 година го донесе следниов

 

 

П Р А В И Л Н И К

за условите, критериумите и правилата

за запишување и студирање на прв и втор циклус на студии

Предмет на уредување

 

Со правилникот се утврдуваат:

  • условите и критериумите за запишување и заверување семестар;
  • активирање изборни предмети;
  • изведување настава;
  • проверка на знаење според Европскиот кредит трансфер систем;
  • пријавување, подготовка и одбрана на дипломска работа, магистерски или специјалистички труд;
  • премин од една на друга студиска програма и премин од други факултети и
  • водич во ЕКТС.

 

Поим за кредитот во ЕКТС

 

Член 1

Кредитот претставува релативна нумеричка вредност, која се дефинира во предметни програми (предмети) и со која се опишува квантитетот на работа на студентот во однос на вкупниот квантум на работа потребен да се заврши еден семестар на факултетот.

 

Определување на бројот на кредити за една студиска година/семестар

 

Член 2

Бројот на кредити за предметните програми се утврдува врз основа на академската активност на студентот која опфаќа:

  • редовност и активност на предавања;
  • изработка на колоквиуми, семинарски работи, семестрални трудови, самостојни трудови, библиографии, преводи, проекти, есеи и др.;
  • успешно реализирани вежби, практична настава и консултации.

Член 3

Бројот на кредити за секоја предметна програма се утврдува посебно.

 

Член 4

Бројот на кредити за одделни предметни програми изнесува до 24.

 

Запишување на студенти

 

Член 5

На додипломски (прв циклус) и последипломски студии (втор циклус) може да се запише лице кое ги исполнува условите и критериумите утврдени со Статутот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје (во понатамошниот текст: Факултетот) и конкурсот за запишување.

 

Член 6

Кандидатот се стекнува со статусот студент со запишување на додипломски и последипломски студии.

Статусот студент се докажува со индекс и со студентска легитимација.

 

Остварување на додипломски студии

 

 Член 7

Додипломските студии се остваруваат преку реализација на студиската програма и дипломска работа.

 

Член 8

Времетраењето на студиската програма изнесува осум семестри.

Студент со заверен осми семестар се стекнува со статус апсолвент. Апсолвентскиот статус трае два семестри.

 

Член 9

            Студиите од прв циклус на студии се завршуваат со положување на сите испити предвидени со студиската програма и изработка и одбрана на дипломски труд со што се стекнуваат 240 кредити.

Дипломската работа е завршен испит и има рамноправен третман како и другите предмети предвидени со студиската програма.

Студентот треба да го положи дипломскиот испит до крајот на семестарот кој следи по полагањето на последните испити. Ако не го положи во предвидениот рок, тогаш треба повторно да го запише во наредниот семестар.

Студентот што завршил прв циклус на студии во траење од осум семестри добива уверение за положени испити и диплома со која се потврдува дека завршил соодветна студиска програма од прв циклус на студии и се стекнал со назив определен со студиската програма.

 

Услови за запишување и заверување на семестар

 

Член 10

Студентот напредува во студирањето преку запишани, слушани предмети и положени испити, односно освоени кредити.

 

Член 11

При запишувањето на семестарот студентот најпрвин ги запишува задолжителните и на крајот изборните предмети од тековниот семестар.

 

Член 12

Студентот заверува семестар врз основа на освоени кредити и редовна посетеност на предавањата и вежбите, доколку е редовно запишан студент.

 

Член 13

Услов за запишување во III семестар се освоени 16 кредити од I и II семестар.

Услов за запишување во IV семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од III семестар.

Услов за запишување во V семестар се освоени сите кредити од I и II семестар.

Услов за запишување во VI семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од V семестар.

Услов за запишување во VII семестар се освоени сите кредити од III и IV семестар.

Услов за запишување во VIII семестар е редовна посетеност на предавањата и вежбите од VII семестар.

 

Член 14

Студентот, доколку ја ислушал наставата и ги исполнил другите обврски (вежби и сл.), може да ги освои заостанатите испити односно неосвоените кредити, без повторно слушање на предметите, само со полагање на испитот во утврдените сесии.

 

Член 15

Студентот е должен да поднесе писмена пријава во службата за студентски прашања во роковите предвидени за запишување на семестар.

Запишувањето на предметните програми во следен семестар се врши во период од 2 седмици пред почетокот на семестарот и не смее да трае повеќе од 15 дена од почетокот на семестарот.

Факултетот има обврска да ги објави датумите за роковите за запишување на нов семестар најдоцна 3 седмици пред почетокот на семестарот.

 

Запишување и заверување на семестри

 

Член 16

Роковите во кои се заверува и запишува семестар и година, согласно Статутот на Факултетот, се утврдуваат во академскиот календар кој се објавува пред почетокот на секоја академска година.

Времето на запишување и заверување на семестар се огласува на огласните табли и на интернет страницата на факултетот.

 

 

Член 17

Студентите во секој семестар запишуваат одреден број предметни програми кои носат одреден број кредити.

Бројот на запишаните кредити во текот на еден семестар може да биде најмалку 30, а најмногу 36.

Просечната оптовареност на студентот во текот на една учебна година изнесува 60 кредити, односно 30 кредити по семестар.

 

Член 18

Изборниот предмет по опција се активира под услов кога минималниот број студенти кои го пријавиле изнесува пет и доколку постојат кадровски и просторни капацитети.

Доколку бројот на заинтересирани студенти за слушање на изборниот предмет е помал од пет, студентите избираат друг изборен предмет.

 

 

Изведување на наставата

 

Член 19

Наставата се изведува преку: предавања, вежби, лекторски вежби, консултации, семинарски работи, семестрални трудови, елаборати, изработка на есеи, библиографии, практична настава, теренска настава и други студентски активности.

 Член 20

Предавањата ги опфаќаат теоретските и практичните аспекти опфатени со предметните програми и ги изведуваат наставници избрани во наставно-научни звања и соработници.

Со исклучок, делови од предавањата може да ги одржи лице избрано во наставно-научно звање од друг факултет од земјата или странство, или афирмиран стручњак од областа, по барање на предметниот наставник. Согласност за ангажирање дава наставно-научниот‎‎ совет.

 

Член 21

Дел од вежбите, практичната и теренската настава може да се изведува и надвор од Факултетот.

 

Член 22

Сите наставници и соработници се должни да одржуваат консултации со студентите минимум два часа неделно, во точно определен временски термин кој е истакнат на видно место.

 

 

Проверка на знаењата

 

Член 23

Проверката на знаењата на студентите се врши континуирано во текот на наставно-образовниот процес и преку завршен испит.

Континуираната проверка на знаењата се врши преку: колоквиуми, тестови, семинарски работи, елаборати, проекти и учество во проекти или самостојна изработка на проекти, учество на стручни семинари и сл.

Формите за континуирана проверка на знаењата се дефинирани со предметните програми.

 

 

Формирање на оценката

 

Член 24

Во тек на наставата студентот може да освои поени од следниве активности:

а) Редовност и активност до 15% (дозволени се 3 неоправдани и 1/3 оправдани отсуства).

б) Изработка на семинарска работа, есеј, презентација, библиографија, учество во проект, анализа на научен труд на светски странски јазик и теренска работа; Семинарската работа носи до 15%, а другите се опционални. Пример, есеј до 10%, презентација до 10%, библиографија до 5%, учество во проект до 20%, анализа на научен труд на светски странски јазик до 20% и теренска работа до 15%, како и други активности од научна област.

Студентот е должен до крајот на четвртата седмица од почетокот на семестарот да го пријави писмениот труд и изработен да го достави најдоцна три седмици пред крајот на истиот семестар.

в) Бодовите освоени на првиот и вториот колоквиум изнесуваат вкупно 70% од активностите потребни за формирање на оценката.

Доколку студентот не ги положил колоквиумите како начин на полагање на испитот, тогаш целата материја од предметната програма ја полага на завршен испит, а поените освоени од колоквиумите не влегуваат во вкупниот збир при формирањето на завршната оценка.

 

 

Колоквиуми

 

Член 25

Во рамките на континуираното оценување, студентот полага два колоквиума. Постигнатите резултати на колоквиумите се вреднуваат со определување на бодови односно поени според следниве критериуми:

  • прв колоквиум 35 бода
  • втор колоквиум 35 бода

Колоквиумот се смета за положен ако се освоени минимум 51% од предвидените вредносни бода (на колоквиумот).

Доколку предметниот професор со Предметната програма утврди повеќе од два колоквиуми, вкупниот збир од 70 бода соодветно се распределуваат.

Услов за полагање на нареден колоквиум е студентот да го има положено претходниот колоквиум.

Во зависност од содржината на предметите, за некои колоквиуми предметниот професор може да одлучи да се полагаат усно.

 

Правила за изведување на колоквиум

 

Член 26

Кога колоквиумот се изведува во пишана форма, односно преку тест, за време на истиот не е дозволено:

  • било какво прецртување или бришење на заокружениот/напишаниот одговор;
  • препишување, разговарање или вртење за време на испитот;
  • невистинито потполнување или непотполнување на личните податоци;
  • пишување со молив;
  • да се има вклучен мобилен телефон или друг електронски апарат за комуникација или прикажување на податоци;
  • ненавремено предавање на тестот (откако професорот дал знак дека времето за пишување на тестот е завршено, односно незавршување на тестот на знакот на професорот);
  • неисправно предавање на тестот (заокружување на одговорот по давањето на знак на професорот дека времето на решавање на тестот е завршено т.е., предавање на тестот на начин да не е свртен на страната на која се гледа своерачниот потпис на студентот).

Во сите горе наведени случаи, предметниот наставник нема да ги разгледа испитните прашања, а на студентот му се доделуваат 0 бодови.

По завршување на истиот, откако професорот дал знак дека временскиот рок за решавање на тестот истекол, во истиот момент не е дозволено било какво пишување во тестот, односно:

  • го остава пенкалото;
  • останува да седи на место;
  • го врти тестот на почетната страница онаму каде што го впишал своето сопствено име и презиме, односно онаму каде што своерачно се потпишал;
  • така свртениот тест веднаш го става на крајот од масата, односно на страната која ја одредил наставникот;
  • и понатаму останува на своето место чекајќи професорот да ги собере тестовите;
  • по проверката за собраните тестови, се чека знак дека колоквиумот е завршен.

 

Член 27

За да пристапи на колоквиум, студентот е должен да го покаже својот индекс.

 

Член 28

Термините за колоквиумски седмици се утврдуваат со академскиот календар на почетокот од секоја учебна година.

 

Член 29

За време на колоквиумските седмици се одржува редовна настава.

Колоквиумот за секој предмет се одвива за време на часовите определени за предавања по тој предмет.

Не може да се изведе повеќе од еден колоквиум во еден ист ден.

На барање на студентите, професорот може да дозволи одржување на колоквиум и надвор од колоквиумска седмица.

 

 

Завршен испит

 

Член 30

Студентот има право да ги полага предметите во рамките на: зимскиот, летниот и есенскиот испитен рок. Испитните рокови траат најмалку три недели. За секој предмет, во секој испитен рок задолжително е да има два термина. Разликата помеѓу двата термина не може да биде помала од десет дена. Термините ги определува Отсекот за студентски прашања. Студентот има можност да одбере во кој термин ќе се јави на завршно оценување.

Испитите можат да се организираат непосредно по завршувањето на блок наставни содржини, односно преку колоквиуми ако се предвидени во предметната програма, а крајната оценка се утврдува на завршниот испит во редовната испитна сесија. Во крајната оценка се пресметуваат постигнувањата на студентот во текот на континуираното оценување.

Испитите, или некои други форми на проверка на стекнатите знаења, вештини и способности, се спроведуваат за сите предмети кои студентот ги запишал, и тоа за градивото утврдено според предметната програма.

Студентот кој ги исполнил сите обврски пропишани со соодветната предметна програма има право да полага испит.

Отсекот за студентски прашања за секој студент води испитна документација.

Испитите се јавни и резултатите од испитите се достапни на јавноста, а право на увид во испитната документација има лице кое ќе докаже правен интерес.

 

Член 31

Програма

Во текот на академската година има три испитни сесии:

– зимска (трета и четврта седмица од јануари и прва од февруари);

– летна (прва, втора и трета седмица од јуни);

– есенска (трета и четврта од август и прва од септември).

 

 

Член 32

Стекнатите знаења на студентите се проверуваат и оценуваат континуирано – во текот на наставата (колоквиуми, практични задачи и сл.) и се изразуваат во бодови, додека конечната оценка се утврдува на завршниот испит.

Со студиската програма може да се утврди дека некои облици на настава се спроведуваат без оценување или дека се оценуваат описно.

За исполнување на обврските за полагање на испитот (по делови или во целина) студентот може да оствари најмногу 100 бода или да добие позитивна оценка која се изразува до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) означува недоволен успех.

Нумеричкиот систем за оценување се споредува со системот на оценување според ЕКТС.

91-100 бода 10 => A A => 10
81-90 бода 9 => B B => 9
71-80 бода 8 => C C => 8
61-70 бода 7 => D D => 7
51-60 бода 6 => E E => 6
со или под 50 бода 5 => F F => 5

 

Завршното оценување задолжително се запишува во индексот и во пријавата за завршно оценување.

Просечниот успех на студентот претставува аритметичка средина на оценките од завршното оценување по сите наставни предмети во текот на студиите.

 

Член 33

Оценките кои студентите ги добиле во проверката на нивните знаења се објавуваат на јавно место (огласна табла), во рок од седум работни дена од денот на полагањето на испитот.

Овој рок може да биде подолг ако постојат оправдани причини.

 

Член 34

Наставниците се должни, по барање на студентот, да обезбедат увид во прегледаниот труд и добиената оценка, најдоцна до почетокот на наредниот семестар.

Испитите се изведуваат јавно и транспарентно.

Не смеат да се изведуваат испити за само еден студент без присуство на други лица (студент, асистент или друг наставник).

 

Член 35

Усниот испит е јавен. При изведувањето на усниот испит може да присуствуваат само студенти кои го имаат ислушано истиот предмет. Кога испитот се полага само пред наставникот, мора во просторијата да бидат присутни уште најмалку двајца студенти.

 

Член 36

Испитот по еден наставен предмет може да се полага најмногу четири пати, од кои четвртиот пат, по барање на студентот, испитот се изведува пред комисија составена од три члена – наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје. Комисијата ја формира деканот.

Предметниот наставник кај кого полагал студентот не е член на комисијата од претходниот став на овој член.

Студентот кој и по четврт пат не успеал да го положи испитот е должен во наредната академска година повторно да го запише тој предмет.

 

 

Предвремено полагање на испит

 

Член 37

Студентот кој има просек 8.00 или повеќе, има право на предвремено полагање на испитите сè додека го задржува тој просек.

Просекот се пресметува на крајот од секој семестар, односно по положувањето на сите испити од соодветниот семестар. Просекот се следи со секој новоположен испит.

За предвремено полагање на испит, студентот поднесува молба за одобрување на истото со доказ за постигнатиот успех до деканот на Факултетот.

Освен постигнатиот успех на оценки, за предвремено полагање на испит потребно е редовниот студент и да го запишал предметот во соодветниот семестар и да слушал (следел) најмалку 30% од наставата по тој предмет.

Вонредните студенти кои ги положиле сите испити по сите предмети во семестарот, а при тоа имаат остварен просек на оценки 8.00 или повеќе, имаат право на предвремено полагање.

Апсолвентите за време на првата година од апсолвентскиот стаж имаат право да полагаат испити и во месеците кога нема сесија, освен во јули.                                          Времето за повторно полагање на еден ист испит не може да биде пократко од 30 дена.

 

 

Признавање на кредити од вонкурикуларни активности на студентот

 

Член 38

На студентот може да му се признаат и кредити од посетувани вонкурикуларни  курсеви и семинари организирани од страна на Факултетот или други високообразовни институции.

Решение за признавање на кредити од вакви курсеви донесува Координативното тело. Максималниот број на кредити што еден студент може да освои по овој основ се пет.

Координативното тело донесува Решение за признавање на кредити од курсеви што еден студент ги има слушано на друг Универзитет преку размени кои се во склоп на меѓународни размени на студенти во рамки на проекти, во кои учествува Факултетот/Универзитетот или има склучено договори, а за кои не постојат еквиваленти на Факултетот.

 

 

Приговор заради оценка од проверка на знаењето

 

Член 39

Студентот, во рок од 24 часа од денот на објавувањето на резултатите, може да поднесе приговор до деканот, ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со законот, Статутот и овој Правилник.

Ако деканот утврди дека се исполнети условите од став 1 на овој член, наставникот е должен да ја преиспита оценката од завршното оценување. Ако наставникот не ја преиспита или ако во писмена форма ја потврди оценката што ја утврдил, студентот испитот го полага пред тричлена комисија составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во наредните 24 часа, т.е. наредниот работен ден.

Комисијата ја формира деканот, а предметниот наставник не може да биде член на комисијата. Комисијата одлучува со мнозинство гласови.

Студентот е должен да ја прими оценката од повторното полагање на испитот и во случај кога оценката е помала од добиената оценка или, пак, е негативна.

 

 

Повторување на испит

 

Член 40

По барање на студентот му се овозможува да го повтори завршното оценување за повисока завршна оценка по предметна програма, во период од најмногу четири месеци од полагањето.

Барањето за повторување на испит мора да биде образложено и се доставува до деканот. Доколку се прифати барањето, деканот со решение ја поништува оценката. Наставникот, во тој случај, ја запишува оценката што ја дал во пријавата и до неа запишува: студентот ја поништува оценката. Таа оценка не се смета како завршна оценка за конкретниот предмет/модул. Решението на деканот е составен дел на пријавата.

Оценката добиена на повтореното завршно оценување е конечна и студентот нема право да го повтори завршното оценување.

 

 

Конфликт на интереси

 

Член 41

Во случаите кога предметниот наставник и студентот се во роднинска врска: син, ќерка, брат, сестра, сопруга или сопруг, наставникот е должен да се изземе при полагањето на предметната програма, односно испит и за тоа да го извести деканот.

Деканот го доверува спроведувањето на испитот на друг соодветен наставник или на посебна компетентна испитна комисија, составена од три члена.

 

 

Пренесување на надлежности за спроведување на испити

 

Член 42

Во случај на подолга спреченост на предметниот наставник, наставно-научниот совет може да му ги пренесе надлежностите за одржување на испитите по конкретниот предмет на друг наставник од иста или сродна стручна област или може да формира комисијата за спроведување на испит.

 

 

Дипломски труд, пријавување, подготовка и одбрана

 

Член 43

Дипломирањето на студентите на студиската програма на Факултетот е условено со пријава, подготовка и јавна одбрана на дипломскиот труд.

Член 44

Пишаниот дипломски труд претставува самостојна работа на студентот која покажува дека тој методолошки правилно ги обработува теориските и практичните проблеми, како и дека ги владее основните методи на истражувачката работа, при што самостојно ползува литература.

Јавната одбрана на дипломскиот труд се состои од јавна презентација на трудот од страна на кандидатот, при што тој користи најразлична опрема што е во функција на појасно презентирање на трудот, како и со одговарање на прашањата поставени од страна на комисијата во врска со проблематиката што е предмет на трудот.

 

Член 45

Дипломскиот труд се изработува под менторство на наставник.

Ментор од став 1 на овој член е наставник кој ја предава предметната програма што ја покрива наставно-научната област од која е земен дипломскиот труд.

Ментор може да биде само наставник избран и вработен на Факултетот.

Член 46

Право за пријава на дипломски труд студентот стекнува откако ќе ги положи сите предметни предвидени со студиската програма.

Член 47

Студентот пријавува тема за изработка на дипломски труд на посебен формулар (пријава) кој се доставува до Отсекот за студентски прашања.

Во пријавата на дипломскиот труд, студентот ги наведува: менторот, предметната програма и темата.

Отсекот за студентски прашања го известува наставно-научниот‎ совет за пријавената дипломска тема и потврдува дека ги исполнува условите за одбрана на дипломскиот труд.

При одобрување на темата, наставно-научниот‎ совет, по предлог на менторот, назначува комисија за прегледување, оценување и одбрана на изработениот дипломски труд.

Член 48

Комисијата за прегледување и оценување се состои од три члена. Менторот е прв член на комисијата, а останатите членови се наставници или соработници од наставно-научната област од која произлегува темата.

Во составот на комисијата може да има најмногу еден соработник.

 

Член 49

Дипломскиот труд се пишува и се брани на македонски јазик.

 

Член 50

Одобрениот дипломски труд студентот го предава во пет печатени примероци и еден примерок во електронска форма (ЦД), преку Архивата на Факултетот до членовите на комисијата, библиотеката и архивата.

Член 51

Одбраната на дипломскиот труд е јавна и се одржува пред комисијата во полн состав. Во случај на спреченост на член на комисијата да присуствува на закажаната одбрана, деканот по предлог на менторот одобрува замена за отсутниот член.

Член 52

Дипломскиот труд се оценува со оценка и се стекнува со кредити. Усната презентација на кандидатот е предмет на оценување од страна на членовите на комисијата, а завршната оценка на дипломскиот труд е просечна оценка од поединечните оценки од писмениот дел и оценката од усната презентација на трудот.

Комисијата ја објавува јавно донесената оценка по завршената одбрана.

Оценката се внесува во пријавата за одбраната и во книгата за дипломски испити и потоа се потпишува од сите членови на комисијата.

 

 Член 53

Студентот кој добил негативна оценка на завршниот испит, има право да ја повтори постапката за пријавување на дипломскиот труд, со нова тема, а на образложено барање од студентот и со нов ментор.

 

Член 54

Студентот се смета дека дипломирал на Факултетот доколку ги освоил потребните кредити по соодветната студиска програма и успешно ја изработил и ја одбранил дипломската работа.

 

 

Премин од друг факултет

 

Член 55

Студенти од други факултети можат на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје да запишат и да полагаат одредени предметни програми и да освојат соодветен број кредити доколку постои компатибилност на студиските програми. Условите и критериумите се утврдуваат со билатерални договори помеѓу факултетите.

Во таквите случаи, студентите поднесуваат молба до Координативното тело за ЕКТС при Факултетот за одобрување на уписот.

Координативното тело за ЕКТС ја утврдува исполнетоста на условите и критериумите за запишување и изготвува предлог за прием и истиот го доставува до деканот на одобрување.

Студентите од првиот став на овој член поднесуваат барање и документи како прилози кон барањето што ги издава факултетот на кој претходно биле запишани студентите.

 

Член 56

Студенти од други факултети можат да го продолжат студирањето на Факултетот ако преминуваат од сродни институции на почетокот на академската година, откако претходно ќе се запишат на Факултетот во редовен приемен рок.

Член 57

По предлог на Координативното тело за ЕКТС, деканот му издава решение на студентот за упис на Факултетот по претходно спроведена постапка според Законот за високо образование.

Положените предмети од претходниот факултет, се признаваат врз основа на склучениот договор помеѓу Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и друг факултет или научна установа, или со дозвола од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје врз основа на претходно извршен увид во содржините и бројот на кредитите за соодветните предмети/испити што студентот ги добил во установата од којашто доаѓа.

Студентот може да се стекне со диплома од додипломски студии на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ако од вкупниот број кредити, најмалку 150, освоил на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Член 58

Студентите на кои ќе им се одобри уписот, односно слушање и полагање на одделни предметни програми, имаат исти академски и финансиски обврски како и останатите студенти на Факултетот.

Член 59

Студентите имаат право дел од додипломските студии да ги реализираат на други универзитети во рамките на меѓууниверзитетската размена и меѓународната билатерална соработка.

Кредитите што студентите од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе ги освојат на други факултети и универзитети се признаваат на ист начин како и при премин од друга високообразовна и научна установа.

 

Член 60

На студентите од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје кои преминуваат на друга соодветна високообразовна установа со цел да запишат и да полагаат одредени предмети и да освојат соодветен број кредити, под услови утврдени со билатерални договори, им мирува статусот студент на Факултетот.

 

 

Права и обврски на студентите

 

 Член 61

Студентот има право да биде навремено информиран за сите релевантни прашања кои се однесуваат на неговото студирање.

Видот, обемот и карактерот на студиите, како и обврските и бенефициите на студентот во текот на неговото студирање, се регулираат со водичот за студирање според ЕКТС.

 

Член 62

На студентот може да му мирува статусот во следниве случаи: породилно отсуство, долготрајна болест, социјално-економски проблеми во семејството, учество на врвни научни, стручни, културни и спортски манифестации, престој во земјата чиј јазик се студира и други причини.

 

Член 63

Студентот е должен да ги исполнува своите академски и финансиски обврски при студирањето на Факултетот.

Академските обврски на студентот се пропишани со студиската програма, како и со акти на Факултетот и Универзитетот.

Финансиските обврски се пропишани со соодветни акти на Факултетот, Универзитетот и/или надлежни државни институции.

Член 64

Редовните студенти се должни редовно да ги посетуваат часовите, односно предавањата и вежбите.

 

Член 65

За посебно покажани резултати во студирањето, студентот може да добие соодветни награди и признанија.

Критериумите и процедурата за наградување ги изготвува Факултетот.

Член 66

На студентот, поради повреда на должностите и неисполнување на обврските на додипломските студии, може да му се изрече дисциплинска мерка: опомена, јавна опомена и исклучување.

Поблиски одредби за мерката, начинот, постапката и органот за утврдување на дисциплинската мерка и правото за заштита на студентот, се регулирани со Статутот на Факултетот, на Универзитетот и Законот за високо образование.

 

 

Престанување на статус на студент

 

Член 67

На студентот му престанува статусот на студент ако дипломира, ако се испише од Факултетот или ако е исклучен од Факултетот.

Статусот на студент може да биде обновен по барање на студентот, освен ако не престанал со трајно исклучување.

 

 

Вонредни студенти

 

Член 68

За вонредните студенти треба да се предвидат дополнителни активности, во смисла на организирање на концентрирана настава и/или изготвување дополнителни семинарски трудови, практична работа, домашни задачи и т.н., во консултација со предметниот професор.

 

 

Координативно тело за ЕКТС

 

Член 69

За ефикасно функционирање на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и за водење на студентите во текот на студиите се воспоставува институцијата Координативно тело за Европски кредит трансфер систем (во понатамошниот текст: Координативно тело за ЕКТС).

Член 70

Координативното тело за ЕКТС го формира наставно-научниот‎ совет.

Членовите на Координативното тело се избираат за мандатен период од четири години со право на повторен избор, освен институционалниот ЕКТС координатор.

 

Член 71

Координативното тело за ЕКТС во рамките на своите должности:

  • ги следи обврските на Факултетот во спроведувањето на принципите и механизмите на ЕКТС;
  • го промовира ЕКТС на Факултетот и надвор;
  • дава поддршка на практичната имплементација на ЕКТС;
  • обезбедува остварување на универзитетски, национални и на меѓународни контакти;
  • остварува контакти со јавни и приватни институции кои доделуваат стипендии во земјата и во странство во рамките на остварување на ЕКТС;
  • остварува комуникација и соработка со координаторите на другите факултети;
  • навремено ги информира студентите;
  • подготвува материјал за положени испити во случаите кога студентот преминува на друг факултет.
  • подготвува мислење за компатибилност на студиите на Факултетот во случај кога студент сака да премине од една на друга студиска програма.

Координативното тело за ЕКТС за својата работа одговара пред наставно-научниот‎ совет.

 

Член 72

Студентите запишани на Факултетот пред стапувањето во сила на овој Правилник имаат право, на нивно барање, студиите да ги продолжат според условите, критериумите и правилата од овој Правилник.

Барањето за менување на студиската програма студентот го доставува до Координативното тело за ЕКТС на Факултетот кое одлучува за можноста и компатибилноста меѓу програмата според која е запишан студентот и новата ЕКТС програма. Координативното тело за ЕКТС на Факултетот го доставува мислењето за компатибилноста до Отсекот за студентски прашања.

 

Член 73

Доколку настане проблем во текот на студирањето, него го решава Координативното тело за ЕКТС на Факултетот.

Студентот има право на жалба на Одлуката на ова тело во рок од осум дена од доставувањето. Во тој случај, предметот се предава на понатамошно решавање на наставно-научниот‎ совет.

 

 

Студентска мобилност и признавање на испитите

 

Член 74

Во текот на студиите, студентот може да премине од една на друга студиска програма на Факултетот.

Преминувањето од став 1 на оваа Одлука се врши согласно условите што ги пропишува Факултетот.

 

Член 75

Комисиите за еквиваленција формирани за оваа намена утврдуваат листа на еквивалентни предмети за премин од една во друга студиска програма во рамките на Факултетот.

 

Член 76

            Студент кој преминува од една на друга студиска програма запишува семестар во зависност од признаените предмети.

Врз основа на предлогот на Координаторот за ЕКТС на факултетот или Продеканот за настава за преминување на студиската програма каде што сака да се запише студентот, Деканот донесува решение за префрлување и признавање на испитите.

 

Остварување на последипломски студии

 

Член 77

Вториот циклус студии – магистерски студии се организирани како студии во траење од една година (2 семестри/60 кредити) или две години (4 семестри/120 кредити).

Специјалистичките студии по методика на религиската настава се организирани како студии во траење од една година (2 семестри/60 кредити).

На Факултетот можат да се организираат и други програми за стручно, односно професионално усовршување во рамките на концептот на доживотно учење согласно со Законот, Статутот и другите акти на Универзитетот.

Последипломските студии се остваруваат преку реализација на соодветната студиска програма и магистерски, односно специјалистички труд.

 

Запишување на семестар на последипломски студии

 

Член 78

 

Студентот од втор циклус на студии на двегодишна студиска програма (IV семестри/120 кредити) запишува нареден семестар по следниот редослед:

-Трет семестар: студентот најпрво ги запишува заостанатите неположени предмети од (I-прв) семестар, потоа ги запишува задолжителните предмети од тековниот семестар и на крајот изборните предмети од тековниот (III-трет) семестар.

Збирот на бројот на кредитите од запишаните предмети во семестарот не смее да изнесува повеќе од 42.

-Четврт семестар: студентот најпрво ги запишува заостанатите неположени предмети од (II-втор) семестар, потоа ги запишува задолжителните предмети од тековниот (IV-четврти) семестар и на крајот изборните предмети од тековниот семестар.

Збирот на бројот на кредитите од запишаните предмети во семестарот не смее да изнесува повеќе од 42.

 

 

Специјалистички, односно магистерски труд

Постапка за пријава, оцена и одбрана на специјалистички, односно магистерски труд

 

Член 79

            Специјалистичкиот труд е самостојна стручна работа со која се систематизираат постојните знаења и се придонесува за решавање на проблемите од практиката.

Магистерскиот труд е резултат на самостојна работа на студентот, со кој се систематизираат постојните научни знаења и се придонесува за нивниот натамошен развој.

 

Член 80

            Студентот може да пријави специјалистички, односно магистерски труд со освоени најмалку 30 ЕКТС-кредити за едногодишните, односно најмалку 90 ЕКТС-кредити за двегодишните студии од втор циклус, или по положување на сите испити, во зависност како е утврдено со студиската програма.

Пријавата за изработување на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд се поднесува до наставно-научниот‎ совет, по претходно дадено позитивно мислење на наставно-научниот‎ колегиум за втор циклус, по положувањето на предвидените испити.

Пријавата содржи: наслов на темата, образложение на научната и стручната оправданост на темата, план за работа и преглед на литературата.

Насловот на темата и тезите ги предлага кандидатот во договор со менторот.

Одлука за прифатената тема за изработување на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд, донесува наставно-научниот‎ совет.

Одлука за определување на ментор, по предлог на наставно-научниот‎ колегиум, донесува наставно-научниот‎ совет на истата седница на која е прифатена темата.

Менторот се определува од наставно-научните работници од потесната научна област од која е пријавен трудот. Менторот е наставник вклучен во студиската програма каде што е запишан студентот.

По образложено барање на кандидатот или менторот, наставно-научниот‎ совет може да донесе одлука за промена на менторот.

 

Член 81

            Насловот на прифатениот магистерски труд се објавува на веб-страницата на единицата, на македонски и на англиски јазик.

 

Член 82

            По завршувањето на менторската фаза, односно по изработката на трудот, студентот доставува пет примероци од специјалистичкиот, односно магистерскиот труд, со барање да му се формира комисија од три члена за оцена на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд.

По образложен предлог на менторот за завршена менторска фаза, наставно-научниот‎ совет, во рок од 45 дена од денот на предавањето на трудот, формира комисија од три члена за оцена на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд. Рокот од ставот 2 на овој член не тече во периодот од 15 јули до 25 август во календарската година.

Комисијата за оцена на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд е должна да го прегледа трудот и на студентот писмено да му ги достави евентуалните забелешки, во рок од 3 месеци од денот на формирањето на комисијата.

Комисијата може да му го врати трудот на кандидатот со забелешки за доработка најмногу 2 пати и му определува рок за постапување. Ако кандидатот не постапи по забелешките во утврдениот рок, постапката се стопира, а на кандидатот му престанува статусот студент.

 

Член 83

           

Студентот е должен да го изработи, да го предаде и да го одбрани специјалистичкиот, односно магистерскиот труд, најдоцна во рок од една година од денот на одобрувањето на темата.

По барање на студентот, Факултетот може да одобри продолжување на роковите од ставовите 1 и 2 на овој член, за времето додека траеле причините за спреченост за работа на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд. По истекот на овој рок, студентот губи право да го брани пријавениот специјалистички, односно магистерски труд.

 

Член 84

            Комисијата, во рок од 3 месеци од денот на одобрувањето на трудот, изготвува извештај во кој дава оценка и образложение на трудот и го доставува до наставно-научниот‎ совет на Факултетот.

По усвојувањето на извештајот, на истата седница на наставно-научниот‎ совет, се формира комисија за одбрана од 3 члена.

Членовите на комисијата за оцена на магистерскиот, односно специјалистичкиот труд можат да бидат и членови на комисијата за одбрана.

Комисијата за одбрана, во договор со кандидатот, го определува денот на одбраната, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на нејзиното формирање. Кандидатот писмено се известува за денот на одбраната.

По барање на кандидатот, рокот од став 4 на овој член може да се продолжи.

 

Член 85

            Одбраната на трудот е јавна и се објавува на огласната табла на единицата, најмалку 7 дена пред денот на одбраната.

 

Член 86

            По завршувањето на одбраната на трудот, комисијата за одбрана на трудот јавно ја соопштува оценката на одбраната на специјалистичкиот, односно магистерскиот труд.

Оценувањето се врши со описни оценки: го одбранил специјалистичкиот, односно магистерскиот труд, не го одбранил специјалистичкиот, односно магистерскиот труд.

За текот на одбраната се води записник во кој се внесува оценката од одбраната. Записникот се потпишува од страна на членовите на комисијата.

 

Член 87

            Магистерскиот, односно специјалистичкиот труд се пишува на македонски јазик.

Доколку студиската програма се реализира на еден од светските јазици, магистерскиот, односно специјалистичкиот труд се пишува на соодветниот јазик со превод на македонски јазик. Магистерскиот, односно специјалистичкиот труд може да се брани на соодветниот јазик со задолжителен превод на македонски јазик.

 

Завршување на последипломските студии

 

Член 88

            Студентот ги завршил студиите од втор циклус кога ќе ги положи сите испити, ќе ги исполни сите обврски предвидени со студиската програма и ќе изработи и успешно ќе одбрани специјалистички, односно магистерски труд. Со завршувањето на студиите од втор циклус и освоените кредити од првиот циклус, студентот се стекнува со најмалку 300 ЕКТС- кредити.

На студентот може да му се признаат и кредити од посетувани вонкурикуларни курсеви и семинари организирани од страна на единицата или други високообразовни институции, доколку е утврдено со студиската програма. Максималниот број на кредити што еден студент може да ги освои по овој основ се 6.

Со завршувањето на студиите во согласност со овој член, студентот стекнува соодветно стручно или академско звање или степен, како и други права согласно со посебните прописи.

 

Уверение, диплома и додаток на дипломата

 

Член 89

            Студентот кој ќе ги изврши сите обврски според студиската програма за усовршување или само дел од студиската програма за стекнување на образованието му се издава уверение за завршениот дел од студиската програма, кое содржи податоци за нивото, природата и содржината на студиите, како и постигнатите резултати.

На студентот кој ќе ги изврши сите обврски според студиската програма за добивање високо образование во кој било циклус на образование, врз основа на евиденцијата што се води за него, Факултетот, односно Универзитетот му издава диплома.

Со дипломата се потврдува дека студентот завршил студиска програма од втор циклус и се стекнува со соодветен стручен или научен назив.

Уверението и дипломата се јавни исправи.

 

Промоција

 

Член 90

            Промоцијата претставува свечено врачување на дипломите за завршени студии.

Деканот ги врачува дипломите од првиот и вториот циклус студии.

 

 

Остварување и заштита на правата на студентите

 

Член 91

За остварување на правата на студентот одлучува деканот, освен за прашањата за кои поинаку е утврдено со овој Правилник.

Барањето за остварување на некое свое право студентот го поднесува до деканот во писмена форма, придружено со соодветна документација.

Во име и за сметка на студентот, барањата за остварување на некое право може да ги поднесе и друго лице кое поднесува изјава дека настапува во име и за сметка на студентот.

Деканот може да го овласти продеканот за настава или друго лице да одлучува за правата на студентите.

Во случај на отсуство на деканот, него го заменува продеканот за настава за прашањата во врска со остварувањето и заштитата на правата на студентите.

 

Право на увид во испитна документација и студентско досие

 

Член 92

Право на увид во испитната документација има студентот.

Право на увид во студентското досие има студентот, негов родител, старател или лице овластено од нив.

 

Издавање потврди

 

Член 93

За издавање потврди, барањето се доставува до овластено лице од студентската служба на единицата.

Потврдите ги потпишува и ги издава овластено лице од студентската служба на факултетот.

 

Начин на комуникација

 

Член 94

Комуникацијата помеѓу единицата и студентот се врши во материјална или електронска форма.

Кога комуникацијата се врши во материјална форма, доставата помеѓу Факултетот и студентот се врши преку архивата на факултетот.

Кога комуникацијата се врши во електронска форма, доставата помеѓу Факултетот и студентот се врши преку електронските сандачиња на Факултетот и на студентот.

 

Општи акти на единицата

 

Член 95

Факултетот донесува одлуки како општи акти со кои се дорегулираат условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање, согласно со неговата специфика.

Одлуките од ставот 1 на овој член не смеат да бидат во спротивност со овој Правилник. Во случај на спротивност, се применува овој Правилник.

 

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 96

Овој Правилник влегува во сила со денот на донесувањето.

 

Член 97

Студентите запишани до влегувањето во сила на овој Правилник, продолжуваат да студираат според правилата утврдени со студиските програми и одредбите од овој Правилник.

 

 

Д  Е  К  А  Н

Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски