Меѓународна научна конференција – СВЕТИКЛИМЕНТОВИТЕ ПОРАКИ ЗА ЕТИКАТА, МОРАЛОТ И ВРЕДНОСТИТЕ

По повод одбележувањето на 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охриски, на 5 декември 2016 година на Факултетот за безбедност во Скопје се одржа меѓународна научна конференција „Светиклиментовите пораки за етиката, моралот и вредностите“, на која учествуваа професори и соработници од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски со воедно предавање, како и доцент д-р Дејан Борисов и асистент Бобан Митевски.

На отворањето на Конференцијата се обратија деканот на Факултетот за безбедност, Оливер Бачановиќ, ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола и Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој во својот поздравен говор до учесниците истакна: „Свети Климент е еден од најзаслужните ученици на светите браќа од Солун, на рамноапостолните просветители на словенските народи – светите Кирил и Методиј. Науката досега само претпоставува кога овој богопросветлен маж им се придружил на своите учители – дали тоа било додека Методиј бил управител на кнежеството на просторот од Македонија или, пак, го вклучиле во групата при подготовките пред светите браќа да тргнт за Моравија. Но како и да е, науката го потврдува, врз основа на изворите, како еден од најнадарените ученици на светите Кирил и Методиј, кој по нивното упокојување, непоколебливо го продолжил нивното дело на Балканот, особено во Македонија – останувајќи верен на традициите и на делото на своите учители. Благодарејќи на неговиот неуморен подвиг, направен во името и за славата на Бога, ние денес ја имаме и Црквата наша, и татковината наша, и јазикот, и националноста…Токму овие аспекти од делото на светите Кирил и Методиј, како и на нивните ученици, во прв ред свети Климент, кој најмногу го понел товарот на продолжување на сесловенското дело, покрај вечноважечките и примарните пораки за етиката, моралот и вредностите, се интересни и важни за научна опсервација и презентирање. Таквите достигнувања ќе овозможат поглед и на поширокиот општествен контекст во тоа време, но и ќе ја окрупнат сликата за свети Климент и неговите сотрудници и учители како вистински сестрани водачи“.

На конференцијата со свои излагања учествуваат вкупно 16 реферати од 4 држави кои ќе бидат објавени во зборник на трудови. Со свои излагања помеѓу другите учествуваа проф. д-р Марина Малиш – Саздовска, проф. д-р Искра Аќимовска – Малетиќ, проф. д-р Наташа Пеливанова, проф.д-р Марјан Николовски, доц. д-р Весна Трајковска, проф.д-р Саше Герасимовски, доц.д-р Татјана Гергинова, Стојан Трошански, Љатиф Љатифи, Драгана Јовановиќ (програма).