Од 7 до 14 јули 2018 година се одржа Втората Демирхисарска летна школа. Демирхисарската летна школа како проект започна минатата година, а нејзина цел е истражување, афирмација и промоција на културното и духовното наследство во демирхисарско, со особен акцент на манастирот „Свети Јован Претеча“ во село Слепче. Втората Демирхисарка летна школа се реализира со цел продолжување на долгорочните планови и активности на локалната самоуправа на општина Демир Хисар, а со финансиска поддршка на Министерството за култура, како и со партнерство на: Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, Манастирот „Свети Јован Претеча“ – Слепче, Православниот Богословски факултет, Архитектонскиот факултет и Филозофскиот факултет (Катедрата за историја и Катедрата за историја на уметност и археологија). Со тоа, на еден впечатлив начин се успеа да се прошират активностите околу промоцијата и доближувањето на културното наследство на Демир Хисар и демирхисарско. Оваа активност опфати повеќе сфери како што се историјата, археологијата, архитектурата, теологијата и уметноста, третирајќи повеќе сегменти од постарата и поновата историја на регионот.
Научен координатор на школата и оваа година беше проф. д-р Сашо Цветковски (Центар за истражување на културното наследство – МАНУ), а раководители на секциите беа: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев (Филозофски факултет); проф. д-р Елизабета Касапова (Архитектонски факултет); проф. д-р Виктор Лилчиќ (Филозофски факултет) и асс. м-р Виктор Недески (Православен Богословски факултет). Освен раководителите на секциите, оваа година тимот на предавачи беше збогатен со видните научници од земјава и странство: академик Ѓорѓи Поп-Атанасов од МАНУ, проф. д-р Елисавета Мусакова од Институтот за истражување на уметноста при БАН, и д-р Румјана Дечева од институтот за словено-византиски истражувања „Д-р Иван Дујчев“ во Софија. На школата беа активни повеќе секции составени од студенти – додипломци од: Архитектонскиот, Филозофскиот и Православниот Богословски факултет, кои заедно со своите раководители поминаа прекрасна седмица во Демирхисарскиот регион. Од Православниот Богословски факултет учество зедоа седуммина студенти додипломци: Сашо Ванчоски, Крсте Атанасов, Симеон Здравески, Благоја Петрески, Кирил Чороловски, Ѓоко Смуткоски и Александар Мандоски.
Втората Демирхисарска летна школа беше прогласена за отворена на 07 јули во склоп на манастирската слава Раѓање на свети Јован Крстител – Иванден во Слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ со света божествена литургија. Со божествената литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослужение на повеќе свештенослужители. Веднаш по литургијата се одржа пригодна традиционална културно – уметничка програма. На свеченоста присуствуваа голем број на гости и претставници на научниот, дипломатскиот, црковниот, јавниот, културниот и политичкиот живот. Свој говор на свеченоста одржа градоначалникот на општина Демир Хисар г. Марјанче Стојановски. На свеченоста говореше и проф. д-р Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ. Тој говореше за значењето на Демирхисарската летна школа и научните придобивки кои се очекуваат да бидат постигнати во областа на археологијата, архитектурата, уметноста, теологијата и историјата. Во оваа прилика тој ја промовираше и книгата „Мислејќи на Илинденците“ од Ивана Хаџиевска, дипломиран историчар – учесник на Првата Демирхисарска летна школа. Овој историско-филозофски есеј всушност ги презентира согледувањата на авторката за постигнатото на минатогодишната летна школа во Демир Хисар. По повод празникот Иванден и отворањето на школата, своја беседа пред присутните одржа и Митрополитот Петар. Манифестацијата заврши со свечен ручек, приреден од страна на сестринството на манастирот, по што следуваа слободни активности, сместување, запознавање со другите работни секции, консултирање на работната програма итн.
Првиот работен ден (8 јули) студентите од Теолошката секција го започнаа со Утринска молитва во Слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“, по што следуваа предавања од страна на еминентни предавачи, кои ги проследија заедно со студентите од Архитектонската секција.
Првиот предавач, академик Ѓорѓи Поп-Атанасов зборуваше на тема „Научно-истражувачката дејност на академик Владимир Мошин во проучување на ракописите од Слепченската книжевна школа“. Вториот предавач, Елисавета Мусакова од Институтот за истражување на уметноста при БАН, зборуваше на темата „Минијатурите во ракописите на бугарските цареви од XIV век“. Третиот и последен предавач, д-р Румјана Дечева од институтот „Д-р Иван Дујчев“, која е еден од најпознатите специјалисти за конзервација и реставрација на стари ракописи во Бугарија, зборуваше за Центарот за истражување на ракописи ’Вестигија‘ при Универзитетот во Грац, Австрија и соработката со Македонија и Бугарија, а ја презентираше и постапката на конзервација на неколку значајни стари ракописи.
Вториот работен ден (9 јули), учесниците од Теолошката секција ги проследија двете предавања на асс. м-р Виктор Недески на тема: „Светоста во Православната Црква“ и „Хагиологијата како научна дисциплина“. Акцентот на овие предавања беше ставен на правилниот начин на почитување на светителите во Црквата, а беа претставени и основните принципи според кои се раководи Хагиологијата во своите истражувања, кои се нејзините цели, извори и сл. По предавањата следеше долга дискусија која вроди со впечатливи заклучоци. Денот во манастирот заврши со Вечерна богослужба.
Третиот работен ден (10 јули) Теолошката секција присуствуваше на предавањата од својот предавач м-р Виктор Недески, на темите „Мачеништвото и новомачеништвото во Црквата“, „Извори за мачеништвото на свети Кипријан Слепченски и патот до неговото прославување“ и „Свети Варвар Пелагониски во хагиографијата и уметноста на Балканот“.
По овие предавања учесниците имаа можност да се запознаат се некои од секојдневните активности во манастирот и да земат активно учество во нив, за на крајот од денот, заедно со секцијата Архитектура да го проследат предавањето на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, на тема „Илинденски реминисценции и рецидиви“.
Наредниот ден (11 јули) Теолошката секција заедно со секцијата Архитектура оствари еднодневна екскурзија во демирхисарскиот крај. Најпрво беше посетено селото Бабино и библиотеката „Ал-Би“, во сопственост на г. Стево Степановски. Во Бабино беше посетена и црквата „Свети Никола“ изградена во 1858 година. Таму свое предавање одржа проф. д-р Сашо Цветковски кој зборуваше за уметноста во овој храм. Во продолжение беше посетен Топличкиот манастир „Свети Никола“, изграден во XVI век, чиј ктитор е Димитар Кратовски. Групата беше сведок на големите оштетувања на монументалниот фрескоживопис во овој храм предизвикани од локалната сепарација за песок, која се наоѓа во непосредна близина на манастирот. На крај, беше посетен манастирот во село Журче посветен на свети Атанасиј Велики изграден во 1617/1618 година. По активниот ден учесниците присуствуваа на Вечерната богослужба во манастирот „Свети Јован Претеча“ – Слепче. Таму го поминаа и остатокот од работниот ден.
Петтиот работен ден (12 јули) секцијата Теологија присуствуваше на божествена литургија во Слепченскиот манастир по повод празникот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден. По литургијата студентот Сашо Ванчоски одржа презентација и предавање на тема: „Свети маченик Александар“, со што отвори една значајна тема која во иднина треба да биде дополнително истражувана, а студентот Симеон Здравевски одржа впечатливо предавање на тема „Боговите од словенскиот пантеон vis a vis христијанските светители“. По паузата и манастирскиот ручек студентите од Теолошката секција, заедно со студентите од Архитектонската секција го проследија предавањето на асс. м-р Виктор Недески на тема „Половоста во Источната и Западната црковна традиција“, кое предизвика голем интерес, а поттикна и многу прашања, дискусии и размена на мислења. На крајот од денот дел од учесниците го проследија предавањето на проф. д-р Виктор Лилчиќ на тема „Демирхисарската древна цивилизација“.
Шестиот, а воедно и последен работен ден учесниците од секцијата Теологија ги проследија следните предавања од својот предавач асс. м-р Виктор Недески: „Анализа на неколку монашки устави од Македонија и Света Гора“, „Хагиографските извори за свети Варлаам Охридски“ и „Улогата на жената во Православната Црква“. По овие предавања раководителите на секциите Теологија и Архитектура го презентираа и сублимираа сето она што беше постигнато на Втората Демирхисарска летна школа, со што беше затворен работниот дел на школата. Вечерта во Домот на културата во Демир Хисар учесниците на сите секции присуствуваа на свеченото затворање на Втората Демирхисарска летна школа. Во оваа прилика на учесниците им беа доделени дипломи за учество. Следуваше забавен дел со музика од групите „Шурбевски езгија трио“ и „Voltaire mani al hakim“.
Последниот ден од престојот во Демир Хисар студентите од Теолошката секција го поминаа заедно со студентите од Архитектонската секција, а емотивната разделба беше само потврда за прекрасното време поминато заедно. На крај секцијата Теологија им се заблагодарува на организаторите на овој настан, со надеж дека ваквите соработки ќе продолжат и во иднина, со цел уште повеќе да се афирмира автентичното културно и духовно наследство на демирхисарскиот регион.