Верата на жените од светите списи

Во потрага кон добродетелна жена

(Рецензија на книгата, Верата на жените во светите списи, од теолозите м-р Анета Јовковска и г-ѓа Хафса Џемаили)

Верата на жените од светите списиКнигата на авторките — теолози, м-р Анета Јовковска и г-ѓа Хафса Џемаили, насловена Верата на жените во светите списи, компаративна студија за жените кои се споменати во Библијата и Куранот, се состои од три дела. Првиот дел, Жените кои се споменати во Светото писмо на Стариот завет, вториот дел, Жените кои се споменати во Светотописмо на Новиот завет и третиот дел, Жените кои се споменати во Куранот. Книгата заедно со консултирана и корисгена литература (и речник) има 269 (308) страници.

Делото претставува една прекрасна фактографија за жените во светите списи, поточно во двете фундаментални книги Библијата за христијаните и Куранот за муслиманите. Во таа смисла, во предговорот ги среќаваме зборовите дека во неа „се изложени биографски податоци за повеќе од 260 жени споменати во Светото писмо на Стариот и на Новиотa завет и на 38 жени кои се споменати во Куранот“, и уште дека „тие се сопруги, мајки, сестри, ќерки, слугинки Божји, благословени суштества, кои им дале живот на многу генерации на човековиот род, а освен тоа дека „тие не се измислени ликови, туку реални личности за чие постоење, живот и дела ни сведочи и историјата”.

Книгата, исто така, претставува еден вид синфонија на прекрасни ликови на жените во Библијата, со коментари, така на пример, со извонредна убавина се одликуваат: Сара (1. Мој. 12, 11); Ревека (1. Мој. 24, 16) и Рахила (1. Мој. 29, 17), што се однесува до нивната надворешна убавина. Меѓутоа, најчесто во книгата се истакнува духовната страна кај жената, што ме поттикна да го извлечам насловот на мојата рецензија „во потрага кон добродетелна жена“. Дека е така читателката/читателот уште на почетокот
ќе се сретне со мајчинската поука на еден цар, извлечени од Книга Соломонови изреки: „Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов… (Изреки, 31, 10-12), или „вредна жена – работлива набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. Ја препашува со сила половината своја и ги зацврстува мишките свои за работа. Таа гледа колку е добро што работи, и светилката нејзина не гасне ноќе. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното“ (Изреки, 31, 13-19); „дарежлива, милостива жена” од форматот на таа, којашто „дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оно], кој има нужда, му ја подава“ (Изреки, 31, 20); „мудра“ во смисла „со мудрост ја отвора устата 273 своја, и кротка поука има на јазикот нејзин“ (Изреки, 31, 26); „совршена жена“ (Сир. 26, 16-23; Сир. 26, 1-4).

Некои од овие жени се споменати по име, а некои се споменуваат како анонимни личности. Читајќи за животниот пат на жените кои не се споменати по име во светите списи, читателката/читателот ќе увиди дека нивниот придонес во верата не е од помала важност. Единствено, Бог сакал да стави повеќе акцент на нивното дело, отколку на нивното име. Авторките теолози, прегледувајќи ги двете најсвети книги, Библијата за христијаните и Куранот за муслиманите, наишле и на „опасни жени“ (Сир.
25, 15-29) и примери на нечесните жени, односно „жени – прељубници“ (Изреки 7, 1-27; Сир. 9, 3-11; 23, 31-35). И не само тоа, во книгата „постојат и темни приказни за жените, како тие на цариците Језавела, Готолија и Иродијада, Зулејха која го наклеветила пророкот Јусуф (Јосиф) за прељуба, Умм Џемиле, која го надминала својот сопруг во злобата против Мухамед с.а.в.с. Нивните животи биле исполнети со одвратни дела на изопаченост и очај“. Сепак, и покрај негативните женски ликови, во книгата преовладуваат жените кои го зазеле местото на добродетелна жена, со нивниот начин на живот, со нивната вера, надеж и љубов, со нивните стремежи, духовни борби и животно искуство, кои што даваат пример кој треба да се следи доколку е позитивен, а доколку е негативен, тоа е пример за предупредување, какви грешки не треба да се прават во животот.

Книгата има и една друга димензија. Имено, авторките сакајќи да го дадат својот придонес во меѓурелигиската соработка во Македонија, ги соопштија своите информации за верата на жените споменати во Библијата и Куранот, секоја низ призмата на сопствената религија. Најголем дел од жените кои се споменуваат во Куранот, се споменати и во Библијата. За нив е изложено учењето и од христијанска и од исламска перспектива. Затоа, оваа книга може да се нарече и компаративна студија на дадената тема. Преку содржините на оваа книга, читателката/читателот ќе има можност да ги збогати своите знаења со податоци од религиската историја, како за сопствената религија, така и за религијата на оние кои веруваат различно од нас. Целта е, преку запознавањето на верувањата на другите, да се зголеми взаемното почитување во различностите.

Оваа книга, која потекнува од Земјата која ги негува добрите меѓурелигиски односи и во која на секоја трета година се одржува Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, претставува придонес на верата и културата кон мир, взаемо почитување и соживот.
Срдечно ја препорачувам на пошироката читателска публика.

проф. д-р. Ацо Гиревски, протоереј-ставрофор