
На 25.02.2025, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје го отвори просторот на свечената сала „Архиепископ Доситеј“ за настан кој ги обедини интелектуалните кругови за темата брак. Настанот понуди две длабоки перспективи за разбирање на бракот, преку предавања во кои беа изложени античките законски прописи за бракот и семејната динамика и развојот на формата на христијанскиот брак од друга страна.
Имено, проф. д-р Даниела Тошева-Николовска се осврна на античкото грчко и римско законодавство во врска со бракот. Во своето предавање, таа детално ги анализираше законските прописи и општествените норми во античките цивилизации, откривајќи како тие го обликувале институционалниот аспект на брачните односи и нивното долгорочно влијание врз развојот на семејството.
Доц. д-р Илче Мицевски Игнат зборуваше за развојот на формата на христијанскиот брак од аспект на црковните канони. Во неговата презентација истакна дека бракот не е само социјална институција, туку света тајна и духовна врска која ја симболизира заедницата помеѓу Христос и Црквата.
Предавањата на професорите поттикнаа дискусија во која активно учествуваа студентите од Православниот богословски факултет. Овој настан ја потврди важноста на академската дебата и дијалогот како клучни алатки за разбирање на сложените теми.