
Денес, 27.02.2025 на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа панел дискусијата „Младост, ум и депресија“. Настанот беше организиран од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, а во соработка со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Факултетот за исламски науки и Меѓународниот Славјански универзитет.
На настанот присуствуваа студенти, професори и претставници на верските заедници и религиозните групи во државата, а со своето присуство го збогатија деканот на Православниот богословски факултет, проф. д-р Дејан Борисов, деканот на Факултетот за исламски науки, проф. д-р Абдулџемил Несими, како и д-р Мартин Ѓоргиев од Меѓународниот Славјански Универзитет.
На почетокот, модераторот на настанот Димитар Петрески – претседател на студентскиот сојуз при Православниот богословски факултет во Скопје, заедно со официјалното отворање од страна на директорката на КОВЗРГ, г-ѓа Оливера Трајковска, создадоа платформа каде што панелистите: проф. д-р Анета Јовковска од Православниот богословски факултет, проф. д-р Ана Чучкова од Меѓународниот Славјански Универзитет и м-р Арбер Кадриу, консултант по клиничка психологија ја разгледаа темата од различни перспективи – психологија, христијанска педагогија, гешталт терапија и теологија.
Дискусијата покажа дека превенцијата на депресија кај младите бара интегриран пристап, каде што се ценат духовната поддршка, едукативните и психотерапевтските методи.
Со активното учество на сите панелисти и публиката, настанот успеа да создаде простор за дијалог и споделување искуства, отворајќи нови патеки кон создавање на здрава и поддржувачка заедница. Се поттикна размислување за потребата од зголемена свесност и едукација на социјалната средина, така што младите ќе бидат поддржани, разбрани и охрабрени да побараат помош кога се соочуваат со депресивни симптоми, наместо да бидат стигматизирани.
Учењето за религиските вредности се истакна како значајна алатка за младите да можат да развијат стабилен вредносен систем што ќе ги зајакне духовно и ќе им помогне да се соочат со животните предизвици. Исто така беше нагласено дека општеството треба активно да работи за создавање на мрежа на поддршка, каде што се почитуваат и промовираат принципите на духовно осмислување на животот. Со оваа дискусија се создаде простор за понатамошна едукација и дијалог, кој може да придонесе кон изградба на здрава и поддржувачка заедница за сегашната и идните генерации.