По повод почетокот на академската 2026/2027 година, денес, на празникот на светите маченички Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец беше отслужена Света Божествена Литургија, по која беше отслужен и молебен – Призив на Светиот Дух за успешен почеток на новата академска година.
Со Светата Литургија и молебенот чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со свештенослужители – професори од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје кои се во свештенички чин.
На богослужбите присуствуваа ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Биљана Ангелова, проректорите на Универзитетот, професорите, наставниот и административниот кадар и студентите на Православниот богословски факултет.
По завршувањето на молебенот, со пригодно обраќање до присутните се обрати Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Петар. Осврнувајќи се на празникот на светите маченички Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, тој посочи дека примерот на светите треба постојано да биде пред очите на оние што се посветуваат на богословското образование и животот во Црквата.
Обраќајќи им се на професорите и студентите, Високопреосвештениот митрополит истакна дека нивната академска и духовна работа треба да биде проследена со истрајност и молитва, упатувајќи ги постојано да се молат Бог да ги благослови со мудрост и разум, за да можат своите знаења, способности и дарови да ги употребуваат на добро, во служба на Црквата и на своите ближни.
Почетокот на академската година, во молитвениот простор на манастирот „Св. Јован Крстител“, ја истакна неразделната поврзаност меѓу богословското образование, духовното воспитание и животот во Црквата, како темели врз кои студентите и професорите го продолжуваат своето посветено дело во новата академска година.


