Нови програми за доживотно учење на Православниот богословски факултет во Скопје. Пријавувањето е во тек!

Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, за првпат воведува програми за доживотно учење, како дел од својата долгорочна заложба за континуирано богословско образование и општествена одговорност.

Во оваа академска година се отвораат две програми, внимателно осмислени да одговорат на реалните духовни, образовни и пастирски потреби на современиот контекст, а истовремено цврсто втемелени во православното предание и богословската наука. Тие се наменети за поширок круг заинтересирани лица кои сакаат да го продлабочат своето знаење и искуство, без нужно вклучување во редовните студии.

Програмата со наслов: „Интердисциплинарен пристап кон психолошката траума и патишта за духовно исцелување“ ја надминува традиционалната поделба меѓу богословието и психолошките науки, нудејќи интегриран пристап за разбирање на траумата. Оваа програма е особено значајна за теолозите и свештениците кои, во својата пастирска пракса, често ги придружуваат верниците што се соочуваат со страдање и болка на патот кон духовното исцеление. Програмата овозможува конкретни знаења и вештини за препознавање на трауматските искуства. Поставени во светлината на православната антропологија и духовност, придонесуваат кон подлабоко пастирско расудување и почувствително придружување на верниците кои се соочуваат со психолошка траума. Програмата е исто така отворена за психолози, психотерапевти, педагози и советници кои сакаат да ја продлабочат својата компетентност преку богословската и духовната перспектива. Детали за програмата се достапни на следниов линк.

Програмата со наслов: „Семејно советување и духовна грижа: православни перспективи за изградба и јакнење на здрава семејна заедница“ ги обединува православната теологија, христијанската педагогија, христијанската етика и современите психотерапевтски модели и има за цел да ги опреми учесниците со теоретско и практично знаење за поддршка, придружување и советување на членовите на семејството при различни животни предизвици. Таа е наменета за теолози и свештеници, но е отворена и за родители, педагози, катихети, психолози, социјални работници и сите кои сакаат да ја продлабочат својата способност за духовно и советодавно придружување на семејните заедници. Детали за програмата се достапни на следниов линк.

Заинтересираните за програмите за доживотно учење можат да се пријават електронски на следнава електронска адреса: st.sluzba@pbf.edu.mk или лично во Службата за студентски прашања на Православниот богословски факултет најдоцна до 8.02.2026 година. Наставата ќе се одвива онлајн, со почеток на 15 февруари и ќе трае до 30 мај со вкупно 4 академски часа неделно и пауза за Велигденските празници. По успешното завршување на наставните обврски предвидени со програмата, учесниците добиваат сертификат издаден од Православниот богословски факултет.

Со воведувањето на овие програми, Факултетот го проширува своето образовно дејствување и го отвора академскиот простор кон континуирано образование и жива врска меѓу богословието и животот.

Во наредниот период се предвидува и развој на нови програми за доживотно учење, со што Православниот богословски факултет ќе продолжи да го негува својот повик како место на образование, сведоштво и служба.