Одржана меѓународната конференција „Средба со Бога: новозаветни духовности“ во Скопје и Охрид

695653469 1286386319876747 5566355999228361783 n

Во периодот од 10 до 16 мај 2026 година, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше домаќин на меѓународната научна конференција „Средба со Бога: новозаветни духовности“, организирана во соработка со Универзитетот во Регенсбург и Центарот за напредни студии „Beyond Canon“, а во рамките на годишната средба на Источноевропскиот комитет за соработка во новозаветните студии (EELC).

Конференцијата започна на 10 мај со вечерна литургија во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези, со што уште од самиот почеток беше нагласена духовната димензија на собирот и поврзаноста меѓу богословската мисла, литургискиот живот и новозаветната духовност.

Свеченото отворање се одржа следниот ден со поздравни обраќања на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, претседателот на Источноевропскиот комитет за соработка во новозаветните студии, проф. д-р Тобијас Никлас, како и деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, доцент д-р Илче Мицевски Игнат.

Воведното предавање го одржа проф. д-р Карл-Вилхелм Нибур од Универзитетот во Јена, Германија, кој говореше за библиската егзегеза на свети Теофилакт Охридски и нејзиното значење за современите новозаветни истражувања.

Особено значајна улога во организацијата и научната координација на конференцијата имаа доцент д-р Дарко Анев од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Тобијас Никлас од Универзитетот во Регенсбург, проф. д-р Христос Караколис од Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, проф. д-р Космин Прикоп од Универзитетот во Букурешт и проф. д-р Давид Цјелонтко од Карловиот универзитет во Прага. Тие со заедничка академска и организациска посветеност придонесоа за успешно реализирање на овој научен собир.

На конференцијата учествуваа професори, истражувачи и богослови од Македонија, Германија, Грција, Романија, Чешка, Швајцарија, Норвешка, Финска, Бугарија, Србија, Украина, Полска, Белорусија, Русија и Соединетите Американски Држави. Меѓу институциите од кои пристигнаа учесниците беа Универзитетот во Регенсбург, Универзитетот во Женева, Универзитетот во Осло, Фордхам универзитетот во Њујорк, Универзитетот во Софија, Карловиот универзитет во Прага, Универзитетот во Атина, Универзитетот „Бабеш-Бојаи“ во Клуж-Напока, Универзитетот во Источна Финска, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Франкфурт, Универзитетот во Цирих, Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен и други значајни европски академски центри.

Во текот на работните сесии беа презентирани трудови посветени на старозаветните и новозаветните сведоштва за средбата со Бога, теологијата во посланијата на светиот апостол Павле и Евангелието според светиот апостол Јован, апокалиптичната литература, патристичката егзегеза, православното разбирање на обожението, како и теми од областа на иконографијата и христијанската педагогија.

Покрај академската, конференцијата содржеше и богата духовна и културна програма. Учесниците посетија повеќе значајни црковни и историски локалитети во Скопје и Охрид, меѓу кои манастирот „Св. Пантелејмон“ во Скопје, манастирите „Св. Наум Охридски“, „Св. Атанасиј“ и „Пресвета Богородица Заумска“ во Охрид, како и охридските цркви „Св. Јован Канео“, „Света Софија“, „Пресвета Богородица Перивлепта“, „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник.

За време на престојот во манастирот „Св. Наум“ во Охрид, учесниците остварија средба со Неговото Високопреподобие архимандритот Нектариј, кој срдечно ги пречека и ги запозна со духовната историја и современиот монашки живот на ова древно светилиште. Неговото гостопримство, топлината на приемот и братската атмосфера оставија силен впечаток кај присутните и придонесоа конференцијата да добие и длабока духовна димензија.

Конференцијата заврши со заедничка дискусија и завршни согледувања околу идните насоки на академската соработка.

Со своето активно учество и организација, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје уште еднаш се потврди како значаен простор за меѓународен богословски дијалог, академска размена и продлабочување на современите новозаветни истражувања.