На 20 мај 2026 година, на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, во соработка со Институтот за национална историја, се одржаа Третите Кирилометодиеви научни средби, посветени на проучувањето на духовното, културното и просветителското наследство на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј.
Средбите беа отворени со поздравни обраќања на Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, проф. д-р Илче Мицевски Игнат и директорот на Институтот за национална историја при УКИМ, проф. д-р Митко Панов.
Во своето обраќање, Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан потсети на апостолските зборови: „Помнете ги вашите учители кои го проповедаа словото Божјо“, истакнувајќи дека ваквите научни средби се сведоштво дека Црквата и образовните институции го чуваат споменот и делото на светите браќа Кирил и Методиј. Тој нагласи дека нивниот пример и денес повикува на мисија и живо сведоштво, додавајќи дека иако денес не создаваме азбуки, повикани сме „да го испишуваме Христовото име во срцата на луѓето преку добрина, вера и милосрдие“. Архиепископот повика на духовна одговорност, жртвеност и храброст во продолжувањето на кирилометодиевската мисија во современиот свет.
Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека Кирилометодиевото дело претставува жив цивилизациски темел што постојано добива нова смисла во различни историски и духовни околности. Таа нагласи дека овие научни средби веќе прераснуваат во значаен академски настан во рамките на Универзитетот и пошироката научна јавност. Посебно беше истакната важноста на соработката меѓу Православниот богословски факултет и Институтот за национална историја, како простор каде што духовноста, историското паметење и научното истражување се среќаваат во заедничко сведоштво за кирилометодиевското наследство.
Деканот на Православниот богословски факултет, доцент. д-р Илче Мицевски Игнат, истакна дека научните средби имаат цел да ги обединат истражувачите од различни научни области и да отворат простор за нови согледувања за духовното и културното наследство на светите Кирил и Методиј. Тој додаде дека нивното дело останува живо и актуелно и во современиот свет, особено преку неговото влијание врз образованието, културата и духовноста. Притоа, изрази надеж дека Кирилометодиевите научни средби во иднина ќе добијат уште пошироко меѓународно значење.
Директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов, нагласи дека организирањето на овие средби произлегува од историска, духовна и национална одговорност кон кирилометодиевското наследство. Тој посочи дека токму од македонските простори се ширела светлината на словенската писменост, што претставува трајна обврска за научно истражување и афирмирање на делото на светите браќа. Во своето обраќање, д-р Митко Панов истакна дека на политичките инструментализации на кирилометодиевската традиција научната јавност треба да одговори со аргументирано научно истражување и афирмација на универзалните вредности на ова наследство, и на македонскиот духовен и културен континуитет изразен преку Охридската книжевна школа, Охридската Архиепископија и живата меморија на македонскиот народ.
Во рамки на програмата беше промовиран и Зборникот на трудови од Вторите Кирилометодиеви научни средби од страна на професорот д-р Дејан Борисов.


