Осми Светиклиментов научен собир на тема: Мирот Божји и мирот човечки

Осми Светиклиментов научен собир

на тема:

Мирот Божји и мирот човечки

Свечена сала на Факултетот, 06.12.2024 (петок), 10:00 часот

Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои (Јован 14,27).

Поимот за мирот во православното богословие го надминува неговото вообичаено разбирање како строго општествен феномен, доминантно во современиот начин на користењето на овој поим. Воедно, тој не може да се исцрпи ниту со императивот на „внатрешниот мир“, својствен за современите спиритуални и популарно-психолошки движења. Наспроти редукционистичките тенденции во современата мисла, богословскиот концепт за мирот поседува сеопфатно значење, кое тргнува од доменот на онтологијата и ги одредува главните контури на православната антропологија, еклисиологија, етика, аскетското и литургиското богословие. Во Светото писмо, мирот се асоцира со Бога и спаѓа меѓу почесто спомнуваните библиски зборови. Во преданието на Црквата, пак, мирот е едно од божествените имиња, кое се сретнува во основните патристички извори, како што се на пр. ареопагитските списи. Мирот се јавува како носечка тема во највозвишените дострели на црковната уметност и архитектура, а исто така и во химнографијата и црковната музика. Поседувајќи вакво сеопфано богословско значење, поимот за мирот се транспонира во доменот на световното, фрлајќи нова светлина врз современата философија, книжевноста, социологијата, политичките науки, психологијата, педагогијата итн.

Преку богословско обосновување на прашањето за мирот, Осмиот Светиклиментов научен собир ќе се сосредоточи врз неговите актуелни интерпретации во различните сфери на световното знаење и наука. Историската актуелност на темата за мирот во нашето време е сама по себе очигледна. Како традиционален настан од интердисциплинарен тип, годинашниот Собир ќе се погрижи да иницира дијалог меѓу научници и истражувачи засегнатите области.

Собирот ќе се одржи на 06.12.2024 (петок) во Свечената сала на Факултетот со почеток од 10:00 часот.

Во прилог е програмата:

10:00

Отворање на научниот собир

10:50
Прва работна сесија
Иван Џепароски
УБАВИНАТА И МИРОТ
Елка Јачева-Улчар
КОЛОКАЦИИТЕ СО ИМЕНКАТА МИР ВО ЧЕТИРИТЕ ЕВАНГЕЛИЈА ОД НОВИОТ ЗАВЕТ (ОД СТРУКТУРЕН, СЕМАНТИЧКИ И ЕТИМОЛОШКИ АСПЕКТ)
Ацо Гиревски
БИБЛИСКО-ПРЕДАНИСКИ АСПЕКТИ ЗА МИРОТ
Ратомир Грозданоски
ЕВАНГЕЛСКИОТ И ЛИТУРГИСКИ МИР
Ѓоко Ѓорѓевски
НАСИЛСТВОТО ВО СТАРИОТ ЗАВЕТ
11:40
Дискусија
12:00
Втора работна сесија
Ристо Солунчев
НЕМИРОТ НА МИРОТ: ЗА ЕДНА УКИНАТА ЕКОНОМИЈА НА ЛИТУРГИСКОТО ВРЕМЕ
Игор Радев
„ОРУДИЈА НА ЗЛАТА КОБ“: ПАЦИФИЗМОТ НА ЛАО ЦЕ КАКО ЕВАНГЕЛСКИ ПРЕСЕДАН
Милан Ѓорѓевиќ
„НЕ ДОЈДОВ ДА ДОНЕСАМ МИР“: КОНЦЕПТОТ ЗА МИРОТ ВО ПАСТИРСКАТА ПСИХОЛОГИЈА
Дарко Анев
ΕΙΡΗΝΗ (εἰρήνη) КАКО КОНЦЕПТ НА ЦЕЛОСНОСТ ВО НОВИОТ ЗАВЕТ И ПАТЕВОДИТЕЛ ВО КОЛЕКТИВЕН ИДЕНТИТЕТ
Кире Трајанов
ХРИСТИЈАНСКИОТ ОДНОС КОН ВОЈНАТА
12:50
Дискусија
13:10
Трета работна сесија
Анета Јовковска
ХРИСТИЈАНСКО-ПЕДАГОШКИ ПЕРСПЕКТИВИ ЗА ГРАДЕЊЕ КУЛТУРА НА ДИЈАЛОГ И ПОМИРУВАЊЕ
Стефан Гоговски
ЕТОСОТ НА МИРОТ ВО СВЕТАТА ТАЈНА ИСПОВЕД
Александар Крстаноски
ЛЕКСЕМАТА „МИР“ ВО ТЕКСТОВИТЕ НА СЛУЖЕБНИКОТ
Борче Грамбозов
КНЕЗ НА МИРОТ КАКО ЕДНО ОД ПОСЕБНИТЕ ИМИЊА НА ХРИСТОС: РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ТЕОЛОГИЈАТА И ИКОНОМИЈАТА СПОРЕД СВЕТИ АТАНАСИЈ ВЕЛИКИ
Николче Ѓургиноски
„ВО МИР ДА СЕ ПОМОЛИМЕ НА ГОСПОДА“
14:40
Дискусија