На 23 мај 2024 година, во свечената сала „Архиепископ Доситеј“ на Православниот богословски факултет се оддржаа Првите Кирилометодиеви научни средби.
Имајќи ја предвид заложбата за афирмација на македонското црковно, историско и духовно наследство, честа да го отвори овој настан му беше доделена на Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски и на Прва Јустинијана, господин господин Стефан.
Настанот го модерираше професор д-р Маја Панова од Инсттитутот за национална историја, која ги пренесе плановите до присутните – овој настан во иднина да прерасне во препознатлива научна манифестација и со меѓународен карактер, на кој ќе бидат засегнати и отворени нови прашања и аспекти од кирилометодиевската проблематика.
Деканот на Православниот богословски факултет – проф. д-р Дејан Борисов во неговото излагање на тема: „Свети Кирил и свети Методиј креатори на новата црковна реалност во Европа“, зборуваше за исклучителното реноме на рамноапостолните браќа, признаено и потврдено и од Римската црква. Токму во таа насока папата Јован Павле II, со Апостолското писмо Egregiae virtutis од 31 декември 1980 не случајно ги прогласил светите Кирил и Методиј за козаштитници на Европа, а со енцикликата Slavorum apostoli од 2 јуни 1985 за евангелизатори на словенските народи.
Професор д-р Митко Панов – директорот на Институтот за национална Историја, зборуваше на тема: „За кого паѓа дождoт од Бога? Светите Кирил и Методиј помеѓу политичките конструкти на историјата и европските фундаментални вредности“. Во неговото излагање се осврна на залагањето на светите Кирил и Методиј за рамноправност на словенскиот јазик и писменост, спротивставувајќи се на екслузивноста на тројазичноста; за овие вредности кои претставуваат фундамент на ЕУ и за наративот на бугарската политичка интерпретација.
За сесловенската цивилизациска улога на браќата Кирил и Методиј како устроители на првото словенско писмо – глаголицата, но и како кодификатори на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик говореше професор д-р Илија Велев. Темата на неговото излагање беше насловена: „Свети Константин – Кирил и Методиј во улогата на устроители на првото словенско писмо и како кодификатори на старословенскиот богослужбен и книжевен јазик“.
За култот кон Седмочислениците и неговите особености на територијата на Бератската епархија зборуваше доц. д-р Виктор Недески во неговото излагање со наслов „Бератската традиција за светите Седмочисленици“.
На македонската јазична почва настанале голем број ракописни евангелски текстови во кои се одразени јазични црти од канонскиот период на старословенскиот јазик, почнувајќи од 11 век, понатаму евангелија настанати во периодот помеѓу 12 и 14 век, пишувани со црковнословенска кирилица, како и четирите евангелија од Егејска Македонија пишувани со грчко писмо на македонски југоисточни и југозападни говори кои потекнуваат од втората половина на 19 век. За нивното значење од правописно, фонетско-фонолошко, морфосинтаксичко и лексичко рамниште зборуваше професор д-р Елка Јачева Улчар во трудот: „Македонските евангелски ракописи (XI ̶ XIX век) како извор за историјата на македонскиот јазик“.
Апсолвирањето на проблематиката поврзана со животот и делото на светите Кирил и Методиј во контекст на воспитно-образовниот процес, како и за фактот што Црквата придонела за просветување на луѓето низ вековите, особено имајќи го предвид статусот на Светиклиментовиот Универзитет како кредо на Црквата, говореше вон. проф. д-р Анета Јовковска во излагањето со наслов: „Духовното наследството на светите Кирил и Методиј рамноапостолни како основа на современото образование“.
Свечениот дел на овој настан го збогати студентскиот хор при Православниот богословски факултет.