Прв академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Илјадници студенти денес за прв пат влегоа во академскиот свет, означувајќи старт на новата академска година. По тој повод, на платото на општествениот кампус, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Универзитетското студентско собрание (УСС УКИМ) организираше свечен настан за добредојде на новозапишаните студенти.

Настанот започна со изведба на државната химна, свечената химна на УКИМ, како и студентската химна „Гаудеамус“, во изведба на студентите. Пред присутните се обратија проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова.

Проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, им порача на студентите да се стремат кон знаење и личен развој, истакнувајќи ја важноста на образованието за нивната иднина. Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ, ги охрабри студентите да бидат активни во студентскиот живот и да се залагаат за свои права и идеи.

Премиерот Христијан Мицкоски им порача на студентите да веруваат во своите способности и да работат на иновации и напредок во општеството. Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова ги поттикна студентите да се вклучат во создавањето на подобра иднина за Македонија, нагласувајќи ја улогата на младите во општествениот развој. Сите тие им посакаа на студентите успех во нивните академски патувања.

По говороите, ректорот проф. д-р Биљана Ангелова им ги додели индексите на прворангираните студенти на сите факултети, меѓу кои и на Крсте Лазаров – новозапишаниот студент на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.