На Православниот Богословски Факултет „Свети Василиј Острошки“ во Фоча при Универзитетот во Источно Сараево од 16. до 18. јуни 2024 г. се одржа меѓународниот научен собир „ΖΩΟΝ ΠΟΛΙΤΙΚΟΝ – ΖΩΟΝ ΘΕΟΥΜΕΝΟΝ. Човекот, општеството и Црквата во 21. век“. На собирот зедоа учество 27 еминентни теолози, како и претставници на сродните научни дисциплини од регионот, меѓу кои и проф. д-р о. Милан Ѓорѓевиќ и проф. д-р о. Кирче Трајанов од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Тематските блокови на научниот собир ги опфатија следните теми: христијанството и современата култура; Светото писмо; Црквата и поимот за политичкото; рефлексии на современоста преку огледалото на Црквата; антропологијата на трансхуманизмот; уметноста, современоста и Црквата; медиумите и христијанскиот етос.
Проф. Трајанов имаше изложување на тема „Приматот во Црквата од перспектива на евхаристиската еклисиологија“, додека проф. Ѓорѓевиќ го претстави заедничкиот реферат со презвитерата проф. д-р Ана Ѓорѓевиќ на тема: „Од постхристијанството до постсекуларизмот (и обратно)“.
Учество на македонски теолози на научниот собир во Фоча веќе преминува во традиција, што претставува цврста основа за понатамошно изградување и продлабочување на заедничарењето и соработката меѓу православните теолози и интелектуалци во регионот.