Проф. д-р Виктор Недески, професор и продекан за меѓународна соработка на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, учествуваше на меѓународната научна конференција „Social Landscapes of Prayer“ (Општествени пејзажи на молитвата), која се одржа на 3 и 4 септември 2026 година во Будимпешта, во рамките на COST акцијата CA23143 PRAYTICIPATE – „Prayer as a Social Practice“.
Конференцијата се одржа во просториите на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Етвеш Лоранд“ (ELTE), а на неа учествуваа истражувачи од тринаесет европски земји, кои од повеќе научни перспективи ја разгледуваа молитвата како општествена, културна, литургиска и материјална практика.
Во рамките на петтата сесија, насловена „Praying with devotional objects and images“, проф. д-р Недески го презентираше трудот со наслов „Eucharistic Scenes in the Wall Paintings of Saint Sophia in Ohrid as a Visualization of Byzantine Liturgical Identity in the 11th Century“ (Евхаристиските сцени во ѕидното сликарство на „Света Софија“ во Охрид како визуелизација на византискиот литургиски идентитет во XI век).
Во трудот беше разгледана евхаристиската иконографија во фрескоживописот на црквата „Света Софија“ во Охрид од XI век, со посебен акцент на начинот на кој литургиските сцени визуелно ги изразуваат богословските и литургиските особености на византиската традиција. Преку анализата на фреските и нивниот историски и литургиски контекст, истражувањето ја разгледува црковната уметност како значаен простор за визуелно изразување и пренесување на литургискиот идентитет. Посебно внимание во излагањето беше посветено на историскиот контекст на Охридската архиепископија во XI век и на пошироките богословски и црковно-политички односи меѓу Истокот и Западот во периодот на архиепископот Лав Охридски.
Во рамките на настанот беше организирана и посета на Националната библиотека на Унгарија, со можност за непосредно запознавање со одбрани средновековни ракописи.
Учеството на проф. д-р Виктор Недески на оваа меѓународна конференција претставуваше можност за претставување на научните истражувања поврзани со средновековното црковно наследство на Охрид пред меѓународната научна јавност, како и за воспоставување и продлабочување на академските контакти во рамките на COST акцијата PRAYTICIPATE.
Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје продолжува со активно учество во меѓународни научни мрежи и иницијативи, придонесувајќи кон развојот на меѓународната научна соработка и афирмацијата на истражувањата поврзани со православното богословие, црковната историја, литургиката и средновековното христијанско наследство.

IMG E0742

IMG 08581

IMG 08572

IMG 0850

IMG 0777

IMG 0747

IMG 0730

IMG 0724

IMG 0689
