Студенти од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје и оваа година беа дел од Демирхисарската летна школа, која по деветти пат ги поврза студентите и професорите од повеќе научни области, со цел проучување и вреднување на културното и духовното наследство на Демир Хисар.
Факултетот го претставуваа студентите: Наум Михајловски, Симеон Куковски, Јован Кривокапич и Петар Поп Атансов, предводени од проф. д-р Дарко Анев.
Летната школа започна на празникот Иванден со света Литургија во манастирот „Св. Јован Претеча“ во с. Слепче. На свеченото отворање се обратија Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, градоначалникот на Општина Демир Хисар, г. Никола Најдовски, како и раководителот на школата, проф. д-р Сашо Цветковски.
Во текот на петте работни дена учесниците посетија бројни цркви, манастири, археолошки локалитети и меморијални комплекси во Демирхисарскиот регион. Програмата опфати теренски истражувања, стручни предавања, работилници и разговори на самите локалитети, каде што студентите имаа можност непосредно да се запознаат со историското, археолошкото, уметничкото и духовното богатство на овој крај.
Посебна вредност на школата беше можноста студентите по теологија да работат и да разменуваат искуства со колеги од археологија, архитектура, историја на уметност и историја. Таквиот пристап овозможи културното наследство да се согледува од различни научни перспективи и ја потврди важноста на меѓусебната соработка меѓу сродните дисциплини.
Во изминатите девет години Демирхисарската летна школа се изгради во препознатлива академска иницијатива која успешно ги поврзува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонската академија на науките и уметностите, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и локалната самоуправа во заедничките заложби за истражување, зачувување и промоција на македонското културно наследство.
За студентите од Православниот богословски факултет учеството претставуваше можност стекнатите знаења од наставата да ги поврзат со непосредното запознавање на значајни духовни и културно-историски локалитети, но и да воспостават нови академски контакти и пријателства.
Со доделувањето на сертификатите беше заокружено деветтото издание на школата, а организаторите веќе ги најавија подготовките за јубилејната, десетта Демирхисарска летна школа.

1

2

3

4

5

6

7

8

9

10

11

12

13

14

15

16

17

18

19

20

21

23
