Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, со подршката на Деканот при Богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и под водство на професорите доц. д-р Дејан Борисов и асс. м-р Сашо Целески, Апсолвентите (2015/16) при Православниот богословски факултет во Скопје ги посетија црквите и манастирите од западниот дел на Република Македонија.
Започнувајќи од гостољубивиот пречек на сестрите од манастирот „Св. Архaнгел Михаил“ во Варош, продолжувајќи кон манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе, каде низ прекрасен и топол поучен разговор беа духовно поткрепени од епископот Хераклејски г. Климент, продолжија во Битола кон соборниот храм „Св. Димитриј“, каде со благослов на митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, групата ручаше при трпезаријата на храмот. Следна дестинација беше Преспа, кон црквата „Св. Ѓеоргиј“ во Курбиново чии фреските датираат од XII век. Потоа беа во Калишта и преноќија во хотелот „Изгрев“.
Следното утро го посетија манастирот „Св. Богородица“ во Калишта. Враќајќи се, во Радожда ја посетија пештерската црква „Св. Архангел Михаил“, која била пребивалиште на многу монаси и соборната црква во Струга, „Св. Георгиј“. Потоа манастирите „св. Јован Крстител“ – Бигорски манастир и манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица. На пат за Скопје беа во „Св. Атанасиј“ во Лешок, каде имаа прекрасен пречек од страна на митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф. Тука, се поклонија и на гробот на Кирил Пејчиновиќ.
Задоволни од виденото и со голема благодарност, студентите заминаа за Скопје.