Меѓународна конференција на Православниот богословски факултет по повод 1100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски

Оваа година се одбележуваат 1100 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски – великиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј. По тој повод, во периодот од 20 до 22 октомври 2016 година во Конгресниот центар во Охрид беше одржана меѓународна конференција, насловена „Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата (St. Clement of Ohrid – Clemency in the Bible and in the Church)“. Овој научен собир беше посветена на животот и делото на свети Климент, но и на clementia – милоста и милосрдието и нивната присутност во Библијата и во Црквата.

Конференцијата беше организирана од Православниот богословски факултет „Свети Клиемнт Охридски“ – Скопје под покровителство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, како дел од Државната програма за одбележување на 1100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски.

На свеченото отворање на конференцијата 20 октомври 2016 година, пред научниот аудиториум се обратија Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија, проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Покрај учесниците од Православниот богословски факултет, како и од Филозофскиот факултет и Институтот за македонска литература, на Конференцијата присуствува научници и теолози од Богословските факултети од повеќе европски универзитети, меѓу кои Божо Лујиќ од Загребскиот богословски факултет од Хрватска, Роланд Мејнѐ од Понтификалниот универзитет Грегоријана од Рим, Италија, Константин Преда од Романија, кој воедно е и продекан на Богословскиот факултет од Букурешт, Дмитри Јуревич, претседател на библискиот оддел на Богословската академија од Санкт Петербург, Русија. Од соседна Бугарија учествуваа Јанка Драгомирова од Шумен, додека од Софискиот богословскиот факултет учество земаа Иван Желев Димитров, Емил Трајчев, Ивајло Најденов, Екатерина Дамјанова, Невјана Ризова и Росен Русев.

Говор на Ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски на отворањето на меѓународната конференција во Охрид за 1100 години од Свети Климент Охридски

Оваа година се одбележуваат 1100 години од блаженото упокојување на Свети Климент Охридски – великиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, патроните на нашиот универзитет.
Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолите сесловенски браќа Кирил и Методиј. Со своите уши тој ги слушал нивните божествени евангелски зборови и со своите очи ги гледал нивните богооразени ликови и евангелски дела.

Свети Климент Охридски е достоен наследник и продолжувач на нивното дело кој подготвил многубројни ученици и оставил забележителни литературни творби. Свети Климент го придружувал својот учител Свети Методиј уште од неговата рана младост и со свои очи ги видел сите дела на „Учителот“, кого си го поставил за пример во својот живот. Тоа му овозможило да се здобие со извонредно образование и големо пастирско и мисионерско искуство. Тоа искуство особено ќе му послужи во неговата црковна и просветителска служба во Македонија, којашто уследила по смртта на Свети Методиј.

Со просветлувањето на народите преку писменост и проповед, со просветлувањето на мислата и умот со „боговдахновени книги“, свети Климент оставил длабок белег во македонската историја. Но, не само тоа, тој заедно со своите учители тргнал по пат кој ја променил судбината не само на Словените, туку и на Европа.

Основното и првостепено значење на тој „пат“ му припаѓа на создавањето на писмото – тој најсилен фактор за прогресот на цивилизацијата што од потокот на животот го излекува и ги востановува културните вредности, правејќи ги трајна сопственост на човекот и непресушен извор на новите творечки достигнувања.

Свети Климент Охридски ја формира Охридската книжевна школа или попозната како прв словенски Универзитет, од кој како подготвени излегле 3.500 ученици.

Иако станува збор за хиротонисан словенски епископ, Св. Климент не ја двои својата просветителска дејност од епископалната, туку напротив, паралелно развива силна пастирска, црковно-организациска, просветителска и литературана дејност. Така Св. Климент ги положил темелите на Охридската Архиепископија, а со своето литературно и мисионерско дело зрачел и не задолжил нас Македонците да го одиме патот кој што тој го подготвил и израмнил за генерациите по него.

Оваа конференција е посветена на животот и делото на Свети Климент, но и на clementia – милоста и милосрдието.

Во Житието на Свети Климент се вели дека не им давал сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи. Учел и дење и ноќе, утврдувајќи ги верните во вистините на христијанската вера и богоугодие.
Се грижел и за телесната храна на сиромашните, вдовиците и сираците. Напишал беседи на сите неделни и празнични денови на прост и лесен јазик, така што секој можел да ги разбере вистините кои ги учел.

Никој никогаш не го видел Св. Климент да се одмора, туку напротив – постојано бил зафатен со работа: на едни им ги покажувал буквите, на други им ја држел раката или пишувањето, а на трети им ја објаснувал длабоката смисла на напишаното. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел, и книги пишувал. Поголемиот дел од своето време го употребувал за молитва и богомислие.
Заради милоста и милосрдието, заради големиот труд и верната служба на Бога, по упокојувањето Господ го прославил со светителски ореол.
Со името и делата на неговите и нашите учители, Свети Кирил Методиј и со името и делата на Свети Климент Охридски не препознава целиот свет, а ние се гордееме и ги славиме нивните примери.

untitled-3