Меѓународна академска афирмација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје

Меѓународна академска афирмација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје

Со особена чест и задоволство споделуваме дека во текот на летниот семестар од академската 2025/2026 година, на покана на Универзитетот во Мачерата (Италија), д-р Марија Гиревска реализираше дванаесетнеделен престој како визитинг професор на Катедрата за хуманистички науки.

Во рамките на престојот, д-р Гиревска одржа предавања, семинари и работилници на додипломските и последипломските студии, активно учествуваше во научноистражувачката работа на Универзитетот и оствари бројни средби со професори, истражувачи и студенти. Универзитетот во Мачерата, основан во 1290 година, е еден од најстарите и најреномираните универзитети во Европа.

На 21 и 22 април 2026 година, д-р Гиревска одржа предавања и на последипломските студии на Универзитетот за странци во Перуџа, Умбрија (Università per Stranieri di Perugia), на тема „Tall Tales and Tight Minds: Inside Joyce’s Cyclops“ („Грандиозни приказни и тесногради умови: во светот на Џојсовите Киклопи“).

Во соработка со проф. д-р Џулија Бруна од Универзитетот во Мачерата, на 28 април 2026 година беше организиран првиот од серијата семинари посветени на ирската книжевност, насловен „Female Vampires, Ghosts, and Neanderthals in 19th- and 21st-Century Irish Literature“ („Женски вампири, духови и неандерталци во ирската книжевност од XIX и XXI век“). Семинарот ги истражуваше различните облици и трансформации на женската готика во најзначајните дела од XIX и XXI век. Во рамките на семинарот, д-р Гиревска го претстави своето истражување за романот „Кармила“ (1872) од Шеридан Ле Фану и викторијанските раскази за духови, со посебен осврт на нивните современи интерпретации, преку излагањето насловено „Haunting Desire: Female Vampirism and the Uncanny in Carmilla“ („Прогонувачка желба: женскиот вампиризам и морничавото во Кармилa“).

Вториот семинар, одржан на 22 мај 2026 година, под наслов „Joyce in Motion: Reading and Translation as Dialogue“ („Џојс во движење: читањето и преводот како дијалог“), беше посветен на предизвиците и богатството на читањето и преведувањето на творештвото на Џејмс Џојс, со учество на меѓународни експерти и преведувачи од ирскиот, италијанскиот и македонскиот културно-јазичен простор, меѓу кои проф. д-р Џон МекКорт, ректор на Универзитетот во Мачерата и претседетел на Меѓународната фондација „Џејмс Џојс“, како и д-р Марија Гиревска, преведувач на романот „Улис“, новелата „Џакомо Џојс“ и пиесата „Изгнаници“ на македонски јазик.

На 8 јуни 2026 година, д-р Гиревска учествуваше и во реализацијата на Интензивниот модул на ERUA, под раководство на проф. Ирене Занот и проф. Џузепина Ларока. Активностите во рамките на модулот придонесоа за поттикнување интердисциплинарна дискусија и академска размена меѓу студентите, истражувачите и наставниот кадар. Во рамките на модулот, д-р Гиревска го одржа предавањето „Voices of the Unspoken: From Stream of Consciousness and Automatic Writing to Florentina Holzinger’s Speaking Body“ („Гласовите на неискажаното: од текот на свеста и автоматското пишување до телото што говори кај Флорентина Холцингер“), во кое ги разгледа современите пресечни точки меѓу теологијата, ирската книжевност, францускиот надреализам, теоријата на преводот, родовите студии и студиите на перформансот. Со ова предавање таа придонесе кон продлабочување на критичкиот дијалог и унапредување на интердисциплинарниот пристап во истражувањето и наставата.

Особено значајно е што, во рамките на програмата за мобилност на меѓународни професори и истражувачи, д-р Гиревска е првиот академски претставник од Македонија кој учествува во оваа престижна иницијатива. Ова претставува значајно меѓународно признание и придонес кон афирмацијата на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на македонската академска заедница.

Стекнатото научно-наставно искуство, воспоставените меѓународни партнерства и иницираните заеднички проекти со Универзитетот во Мачерата претставуваат цврста основа за понатамошно унапредување на академската размена, научноистражувачката соработка и интернационализацијата на високото образование.

 

Повеќе информации:

https://www.instagram.com/p/DYB46kijLPs/

https://www.instagram.com/p/DXPNZLtjCDX/

https://www.facebook.com/studiumanistici.unimc/posts/secondo-e-ultimo-appuntamento-irish-literature-seminar-series-%EF%B8%8Fvenerd%C3%AC-22-maggio/1428455039084936/

https://studiumanistici.unimc.it/it/site-news/eventi/eventi-2026/irish-literature-seminar-series-1/IRISH_GEN.pdf

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1416979956899111&set=a.526437709286678

Текстот го подготви д-р Марија Гиревска