Со жалење ја пренесуваме веста дака пред два дена се упокои во Господа еден од најголемите современи православни мислители, познатиот српски психијатар и поранешен професор на Православниот богословски факултет во Белград и член на Српската академија на науките и уметностите, Владета Јеротиќ. Академикот Јеротиќ беше голем и искрен пријател на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и на нашиот Православен богословски факултет. Долгогодишните лични пријателства и неговото нескриено воодушевување од автентичната православна култура на Македонија приведоа кон неговото гостување на православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје во 2014 година, кога пред преполнетата свечена сала на Факултетот одржа предавање на тема: „Кога религиозноста станува психолошки проблем“.
Со таговна радост се сеќаваме на ретката можност лично да го познаваме овој величествен мартир на логосната Вистина, кој отворено ја покажуваше неговата искрена љубов и трезвена грижа за неговите најмали браќа во Христа. Неговото богословско завештание ни го покажува патоказот отаде претесните граници на затвореноста и ексклузивизмот, прозорливо пречекорувајќи го духот на нашето страдално време и патеводејќи не кон духовните и цивилизациски идеали кон кои православните народи на југоситочна Европа допрва им претстои да се свртат.
Во продолжение го предложуваме видео записот од предавањето кое академикот Владета Јеротиќ го одржа на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Седобриот Бог, кој на Крстот го прегрна сиот свет и еднаш засекогаш ни го покажа патот на богољубието и човекољубието, да му дарува Царство небесно на неговото чедо Владета и да го преумножи плодот од логосното семе кое тој неуморно го споделуваше со сите нас.“