На 1 ноември 2017 година, во свечената сала при Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ беше промовиран Јубилејниот зборник по повод 50-годишнината од прогласувањето на автокефалноста на Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Зборникот, кој е издание на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, го содржи преводот на македонски јазик, како и оригинално објавениот текст на англиски јазик во списанието Occasional Papers on Religion in Eastern Europe.
Промотори на Зборникот беа Неговото Преосвештенство, епископот Хераклејски г. Климент и главниот уредник Пол Мојзес.
На промоцијата настапи и хорот „Свети Климент Охридски“.
ПРОМОТИВНО СЛОВО НА НЕГОВОТО ПРЕОСВЕШТЕНСТВО,
ЕПИСКОПОТ ХЕРАКЛЕЈСКИ, Г. КЛИМЕНТ
Ваше Високопреосвештенство, почитуван претседател на МАНУ академик Таки Фити, почитуван ректоре на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, почитуван декане, драги отци, почитувани професори, студенти, браќа и сестри!
Размислувајќи за комплексноста и слоевитоста на историските собитија, нашиот дух, неретко е исправен пред прашањата: дали историските настани нè формираат како личности, или, пак, личностите ги формираат историските настани. Дали човековата личност е причина или последица на предизвиците на сопственото време.
Погледнувајќи во настанот за којшто нашата Црква си споменува на овој јубилеј на нејзината возобновена автокефалност, од педесет годишна временска дистанца, добиваме јасен увид за визионерството на македонските црковни прелати и дејци. Она што може да се опише, она што може да се изрази со глас и слово, што може да се види, да се допре, како лик и икона, е живото сведоштво на таинствениот аскетско-евхаристиски живот на човекот од ова поднебје.
Духовниот релјеф на христијаните во Македонија е скриен зад тајната на молитвениот повик на Македонецот кон апостолот Павле. Скриен, но и откриен во обликуваниот камен на црковната архитектурата, во ракописите на свештената химнографија од Охридската книжевна школа, во колоритот на препознатливата Македонска иконописна школа, во словоплетот на манастирските скрипториуми, во пеењето на теопоетите од искона, па сè до денес. Тој е врежан во глаголските и кирилски натписи, запишан во средновековните илуминирани ракописи, објавен во словата и делата на свети Климент Охридски (наречен Новиот Павле од Охридските првоерарси), внедрен во подвизите на преподобните пустиножители, запомнет во молитвеното тихување на анахоретите, украсен во благообразноста на светителите, прославен во исповедањето на новомачениците, истакнат во просветителството на преродбениците, олицетворен во благочестивиот етос на народот. Таквата географија на духот, таквиот modus vivendi, се открива во бездната на смирението и на Архиепископот Арсениј Охридски, во решителноста на Архиепископот Доситеј, како и во храброста на носителите на апостолското преемство – епископите – возобновители на славната Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Тој е посведочен во несебичниот труд на нашите духовни предци што сиот свој живот го посветија на устројството на Црквата, организирајќи ја црковната структура, епархискиот систем, воспитно-образовните институции, на возобновување на монашкиот живот во древните македонски манастири, на неимарството и сакралното градителство, на духовното мисионерство, црковното издаваштво, хуманитарно-социјалната дејност во пределите на нејзината јуриздикција, како во матицата, така и во дијаспората.
Дел од ваквите сведоштва со сериозна посветеност се исцрпно опсервирани, обработени и запишани во овој јубилеен Зборник, од несебичниот труд на нашите академици, професори, теолози, историчари, социолози итн. Убаво е да се напомене и тоа дека Зборникот, оваа јубилејна година, во електронска форма излезе во меѓународниот часопис Occasional Papers on Religion in Eastern Europe; Special Issue on the Fiftieth Аnniversary of the Declaration of the Autocephaly of the Macedonian Orthodox Church, и тоа токму на денот на прогласувањето на македонската црковна автокефалност.
Во него, низ една синхрона и дијахрона перспектива, се опишани речиси сите фази од делувањето на Црквата во Македонија. Особена благодарност чувствуваме кон уредникот на овој зборник господин Пол Мојзес, пријател на МПЦ-ОА и на македонскиот народ, самиот ученик на еден од најдлабоките теолози и мислители на 20 век, отец Георгиј Флоровски од чијашто теолошка мисла и самите сме озрачени. Благодарност и до проф. д-р Ружица Цацаноска на чијашто идеја и предлог се темели овој труд, како и на сите што помогнаа при неговата подготовка и издавање. Речиси сите автори на текстовите во Зборникот се со македонско потекло, освен докторот по историски науки од Русија, Михаил Виталевич Шкаровски кој пишува за Црковниот живот во Македонија за време на Втората светска војна. Зборникот изобилува со историски теми, особено разработени од црковните историчари: професорот Александар Трајановски и ѓаконот Дејан Борисов. За македонско-романските црковни односи, со длабински пресек, нè запознава проф. д-р Ружица Цацаноска. Односот и улогата на Охридската книжевна школа во времето на царот Самоил и нејзиното ширење кон соседните земји и Киевска Русија е темата за која што академикот Ѓорги Поп Атанасов ни дава опстојни сознанија. Деканот на ПБФ, професорот Ѓоко Ѓорѓевски се осврнува на современата историја на МПЦ-ОА, откривајќи ги предизвиците пред коишто таа е исправена, како и причините за истите, и нуди издржани појаснувања изразени низ ставовите на современите духовници и теолози. Во Зборникот, од страна на д-р Илија Велев е нагласена милениумската традиција на македонските манастири, со осврт на Лесновскиот манастир издвојувајќи ја неговата историја како „одраз на сите форми на духовната и културната традиција во Македонија“, но и како живеалиште на новоканонизираниот Епископ велички Гаврил Светогорец (Лесновски). Процесот, планирањето, како и објавувањето на преводот на Библијата на македонски јазик од страна на Архиепископот Гаврил е рефератот на Марија Гиревска. Труд што е поткрепен и документиран од личните писма и преписки на Архиепископот. За возобновувањето на монаштвото, историскиот континуитет, како и за традициите и практиките на истото, низ еден историски пресек, опфаќајќи го и нашето најблиско минато пишува професорката Маја Ангеловска – Панова. Професорот отец Ацо Гиревски својот придонес кон овој Зборник го дава објавувајќи го животот на нашата Црква во дијаспората, преку приказот за Македонската Православна Црковна Општина „Свети Наум Охридски“ во Трининген, Швајцарија, чијшто 25-годишен јубилеј од основањето се поклопува со јубилејот 50 години од прогласување на автокефалност на МПЦ-ОА.
По кусиот осврт кон авторите и нивните текстови во зборникот мислиме дека е важно да се има што повеќе, не само историски, туку и теолошко-теориски осврти, еклисиолошки анализи кон темата што го опфаќа македонското црковно прашање и, секако, повеќе референтни научни единици со епистемолошка разноликост.
Почитувани, нашата Црква е плод на жртвата и победата на Распнатиот и Воскреснатиот Христос над смртта и над гревот. Таа не е дел, туку е Тело Христово, како што и останатите сестрински Цркви, не се делови, туку се полнота на Телото Христово. МПЦ-ОА од црковната полнота не бара „апсолутен и хомоген автокефализам“, туку легитимно признаена и прифатена автокефалност. Таа „барајќи го најнапред Царството Небесно“, литургиски ја потврдува својата соборност, споменувајќи ги сите поглавари на помесните православни Цркви, за да се посведочи меѓусебното евхаристиско единство. Сепак, и по половина век, МПЦ е пред сериозен предизвик, барајќи потврда за истото достоинство кое од самиот почеток го имала, а тоа е легитимната автокефалност.
Денес, МПЦ-ОА дише со полни гради. Живее, твори и исцртува една своја сопствена траекторија, водејќи го своето стадо кон вечните вредности и евангелските принципи. Секако дека неприфаќањето од семејството на помесните православни цркви нè оскрбува, но тоа е нашиот крст, што заедно со верниот народ смирено го носиме и при тоа не губиме време во самооплакување и еремијади, туку се трудиме да се радуваме во Господа. Нашата радост доаѓа од Единствениот Утешител, Духот на Вистината Кој ни го дава предвкусот на Царството Небесно. Тој предвкус е Божествената Литургија, а во неа „веќе постои победоносна реалност, којашто ги победува гревот, смртта и раздвоеноста“.
Животот на нашата Црква не е скриен. Не треба да се бара во минатото, ниту во она што претстои, туку во личноста на Богочовекот Христос Кој е реалност, не теориска, туку емпириска и животно делотворна.
Во пресрет на централната прослава на овој значаен јубилеј – 50 години возобновена автокефалност, настан кој се одржа во Охрид, на 1 октомври 2017 година, САС на МПЦ излезе со проглас до својот народ, свештенство и монаштво при што изрази надеж дека се ближи времето кога сеправославната црковна полнота ќе ја препознае и прифати македонската црковна реалност, олицетворена во автокефалната МПЦ-ОА.