
Се упокои во Господа нашиот почитуван професор д-р Јован Белчовски.
Професорот Белчовски со својата посветеност, знаење и љубов кон науката и образованието остави неизбришлив белег на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Роден во малешевското село Русиново, во 1942 година, проф. Белчовски го започна својот животен пат со скромност и трудољубивост. Основното образование го заврши во родното место, а својата љубов кон теологијата ја продлабочи во Петокласната православна богословија во Призрен. Неговата академска потрага продолжи на Филолошкиот факултет во Белград, каде што студираше славистика – руски и полски јазик. По враќањето во Македонија во 1969 година, тој го посвети својот живот на просветните институции на Македонската православна црква.
На Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, професорот Јован Белчовски предаваше Историја на Македонската православна црква и Историја на христијанската црква, внесувајќи длабочина во содржините и инспирација кај генерации студенти. Научно-истражувачката работа на проф. д-р Јован Белчовски, беше насочена кон средноваковието и кон црковната историја на македонскиот народ. Токму затоа, темите како што се: христијанизацијата, Кирило-Методиевската епоха, дејноста на локалните македонски просветители светите Климент и Наум, како и Седмочислениците, основањето и дејноста на Охридската архиепископија во нејзиното 800-то годишно постоење, континуирано беа предмет на неговите истражувања.
Покрај академската работа, професорот Белчовски беше декан и продекан на нашиот Факултет, придонесувајќи за неговиот развој.
Изразуваме длабоко сочувство кон семејството на професорот Белчовски и се молиме Господ да му подари Царство небесно и вечен спомен. Нека негововото наследство продолжи да живее преку сите оние што ги инспирираше.
Наставниот кадар на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје