Книгата Лекување на раните од траума: Како Црквата може да помогне од авторите Хариет Хил, Маргарет Хил, Ричард Баге и Пат Миерсма има за цел да ги обучи црковните лидери да им помогнат на верниците кои доживеале траума. Книгата, исто така, може да им помогне и на семејствата или поединците кои се соочуваат со страдање. Секоја лекција дава основни принципи на пастирско советување во библиска рамка.
Оваа книга е преведена на 157 јазици, а на македонски јазик ја преведе Анета Јовковска и може бесплатно да се преземе во електронска форма од веб страната на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Рецензии на книгата напишаа професорите д-р Ѓоко Ѓорѓевски – декан и м-р Петко Златески – продекан на Православниот богословски факултет. Проектот е финансиски поддржан од невладината организација Екуменска иницијатива на жените од Омиш, Хрватска.
***
Етничките конфликти, семејното насилство, војните, криминалот, природните катастрофи, трговијата со луѓе, сообраќајките, оставаат трауматизирани луѓе насекаде низ светот. Често оние кои се трауматизирани се христијани, а Црквата има јасна одговорност да се грижи за своите верници (Дела 20, 28). Надвор од Црквата, христијаните треба да бидат светлина и сол во светот. Ова е особено важно во време на страдање или конфликт.
Во книгата се вклучени цитати од Светото писмо, бидејќи знаењето за Бога, Неговиот карактер и Неговиот однос со луѓето обезбедуваат основа за исцелување. На многу места во Библијата се зборува за Божјиот народ кој страда. На пример, страдањето е една од главните теми во одредени посланија. Псалмите ни кажуваат како се чувствуваме во време на страдање, а Книгата на Јов ни дава пример за луѓето кои невино страдаат.
Бог најмногу им се обраќа на луѓето со јазикот на нивното срце. Намерата на авторите е книгата, заедно со Светото писмо, да биде достапна до сите луѓе.
Оваа книга е наменета за употреба во групи како материјал кој се користи при едукативните сесии за да ги обучи црковните водачи како фасцилитатори за лекување на траума, кои, пак, ќе обучат и други, а и директно ќе им помогнат на верниците кои доживеале траума.
***
Рецензија на книгата „Лекување на раните од траума: Kако Црквата може да помогне“ од проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски
Проживеаните страдањa честопати носат неизбежни трауми кои се таложат во човековата свест. Болката која од нив произлегува тлее и тишти, уште повеќе ако остане несподелена или дури и пресретната од рамнодушноста на блиските и околината. Понекогаш човекот може и да не е ниту свесен за траумите кои во себе ги носи, уште повеќе ако е уверен дека ги има надминато. Сепак, внатрешните рани не дозволуваат да заздрави духот и умот и да се воспостави духовна рамнотежа, неопходна за пресретну-вање на предизвикот кој се појавува со секој нов ден.
А за да се постигне основен емоционален еквилибриум, упатно е решението да се побара во просветлување преку бескрајната љубов Божја, која е извор на секое внатрешно исцелување и духовно ослободување од тешкиот товар на поднесените болки и страданија.
Во таа насока, ова четиво прави исклучителен обид да им помогне на надлежните во заедницата за да можат тие да им помогнат на оние кои имаат изискувачки силна потреба од помош. Заедничкото барање на одговорите врз основа на вдахновеното библиско искуство е дел од предложениот модел на работа со трауматизираните лица во групи, или, пак, посебно. Трагањето по одговорите и осмислувањето на прашањето зошто страдаме, знае да тргне по сизифовскиот пат доколку се избере насоката кон беспаќето на крстосницата на која одлучуваме да продолжиме со животот. Таа енигма била причина и библиските писатели уште пред илјадници години да се впуштат во тешките мисловни битки и да ги бараат одговорите кои се наоѓаат најблиску до вистината. Што се случува кога некој тагува? Народната мудрост не случајно вели дека споделената тага се намалува, како што и споделената радост се зголемува. Посебно голема е одговорноста, но и потребата од суптилен пристап, кога станува збор за помошта на децата кои доживеале траума. Сè уште нежната и кревка детска душа може лесно да подлегне под силниот товар доколку не се задржи, поткрене, охрабри и оснажи. Како да им се помогне на жртвите од силување или семејно насилство? И уште потешко, како да им се прости на оние кои нè повредиле? Тешки се одговорите, затоа што такви се и прашањата. Токму затоа, и оваа книга се чини толку полезна, бидејќи одлучува да даде свои одговори на најпредизвикувачките прашања. И тоа секогаш барајќи на извориштето, во библиската мудрост наталожена со векови и пред векови. Затоа што орудијата кои рануваат можеби се изменети, но духовниот лек е секогаш оној истиот, а извира од сознанието дека Бог го љуби човекот и дека човекот е создаден како резултат на Божјата љубов која никогаш не престанува. Врз основа на таквото уверување следи средбата со Бога, која преку молитвата води кон внатрешен мир, кој ја потиснува болката и втурнува во почетокот на еден продуховен живот.
Во оваа смисла, книгата насловена како „Лекување од траума: како Црквата може да помогне“ може да послужи како одлично помагало на одговорните лица во Црквата во насока на изнаоѓање решенија за оние кои, во дадениот сплет на околности, искусиле тешки неволји и страдања. На тој начин таа може да биде и водич, но и силна помош и поткрепа при впуштањето во костец со најчувствителните лечебни постапки, за просветлување и осветлување дури и на најмрачните дамари на човековата душа.
***
Рецензија на книгата „Лекување на раните од траума: Kако Црквата може да помогне“ од проф. м-р Петко Златески
Денес, во многу делови од светот, војните, етничките конфликти, природните катастрофи, граѓанските немири и насилствата ги оставаат луѓето трауматизирани. За жал, насилството не е присутно само по улиците, туку и во домот. Жените и децата се најранливи во таквите ситуации.
Голем број студии покажуваат дека насилството има разурнувачки ефекти врз менталното здравје на жртвите, предизвикувајќи кај нив анксиозност и депресија. Некои жртви на насилство живеат во болка и страдање до крајот на својот живот.
Книгата „Лекување на раните од траума: како Црквата може да помогне“ е наменета за обучување на лицата од Црквата, чија мисија е помагање на луѓето во неволја, да можат да ги усовршат своите вештини во помошта на верниците кои доживеале траума. Лекциите се адаптирани за нашето културно поднебје, за да може на најреален начин да ги претстават проблемите со кои се соочува нашиот народ. Се препорачува книгата да се користи за време на обуката во големи и мали групи, но може да биде прочитана и од страна на свештениците и пастирите за да ги подготви за тоа што треба да преземат кога ќе се соочат со луѓето кои преживеале траума.
Секоја лекција од книгата започнува со приказна за лице кое доживеало траума. Потоа, во книгата се даваат упатства за тоа како да се води дискусија за слични ситуации, со користење на Библијата каде можат да се пронајдат најрелевантните одговори за лекување на траумите. Книгата е дизајнирана да се користи насекаде низ светот, така што ги поттикнува луѓето да го читаат Светото писмо и на тој начин да пронајдат лекување за своите рани. Лекциите вклучуваат скици, групни дискусии и симболички активности.
Темите кои ги опфаќа книгата се следниве: Зошто страдаме? Што се случува кога некој тагува? Како можеме да им помогнеме на децата кои доживеале траума? Како да им се помогне на жртвите од силување и семејно насилство? Како да живееме како христијани во средина на конфликт? Како да им простиме на оние кои нѐ повредиле? Итн.
Лекциите остануваат фокусирани на користењето на внимателно избрани библиски стихови за да се достигне посакуваната цел. Сите лекции се наменети да бидат обработени за еден или максимум два дена. Повеќето од тоа време, најверојатно ќе биде потрошено за дискусија и примена на лекциите во специфични околности за кои постои потреба.
Можам да согледам дека ова е добар извор за да им се помогне на луѓето од конфликтните подрачја и оние кои страдаат од природни катастрофи. Книгата, исто така, може да се примени за лекување на траумите на индивидуално ниво (наместо за целата заедница). Би го препорачал овој ресурс на оние чија мисија е да служат и да помагаат во таквите ситуации. Користејќи ги методите од оваа книга, тие ќе можат најсоодветно да одговорат и да допрат до луѓето кои преживеале траума. Целта е луѓето кои преживеале траума да можат да ги исцелат своите емоционални рани, оставајќи го гневот и омразата настрана и да научат како да бидат во мир со Бога, со луѓето и со самите себе.
Книгата можете да ја преземете на следниов линк.